Пробацијата – позитивна за правосудниот систем ако се спроведува правилно

0
79

Животната приказна на зависниците од дрога не е лесна, а на еден од нив, кога мислел дека веќе нема излез и ќе заврши зад решетки, пробацијата е таа што му го спасила животот. До крајот на 2023 година имало 483 предмети на пробација, а само 3 проценти од нив не биле успешно спроведени. Пробацијата е решение и за намалување на пренатрупаноста на затворите, што е проблем со кој земјава се соочува со години. 

„Почнав, да речам рекреативно, а и такво ми беше опкружувањето. Мислиш дека ќе пробаш само еднаш и потоа нема, но во реалноста тоа не е така. Опијатската дрога е зло од кое тешко можеш да се откажеш. Мислиш дека три дена си ок кога си под опијати, ама кога ќе престанеш со тоа зло, сфаќаш дека ти прави физички кризи и болки и мораш пак зашто те боли телото“.

Вака започнала тешката животна приказна на еден зависник од Скопје, кого го сретнавме во пробациската канцеларија, каде што завршил откако направил кривично дело и го прекршил законот, но за ПИНА раскажува како тоа всушност му го спасило животот. Иако сакаше да остане анонимен, со нас го сподели своето искуство. 

Сакал одамна да се тргне од дрогата и пороците, но не знаел сам како. Не знаел ни што значи пробација и дошол откако го повикале. Зависник бил со години и пред да го фатат во кривично дело и ако не бил процесот на пробација, вели сигурно ќе завршел во затвор и пак ќе користел дрога. 

„Сѐ ми се чинеше невозможно сѐ додека не ја отворив вратата од канцеларијата за пробација. Имав многу пороци, освен дрогата бев и коцкар, па со пресудата добив и забрана да влегувам во казина и обложувалници. Добив и забрана за користење дрога и алкохол и задолжително лекување“, ни раскажува тој.

Пробацијата е алтернативна мерка, односно условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, како и над извршувањето на условниот отпуст, изречени со одлука на судовите. Пробациската служба врши надзор на осудените лица и им нуди поддршка, а целта е да се одржи безбедноста во заедницата со подобрување на ресоцијализацијата и рехабилитацијата на лицата над кои се извршуваат пробациски работи, како и да се намали затворската популација. 

Пробациската канцеларија за нас беше обичен уредно поставен простор, но за него беше соба полна живот и надеж. Наместо еднаш во месецот, како што му стои во одлуката од судот, тој ја посетувал еднаш неделно бидејќи од тука ја црпел силата. 

Пробациската канцеларија го контролирала дали ги почитува обврските што му се наложени од судот, а не прекршил ниту едно правило и успешно го минал процесот. Во Центарот за зависници во Кисела Вода преку урина го контролирале дали има присуство на наркотици. Потешкотии, вели, има многу, но храброста е во тоа да не им потклекнеш на искушенијата. 

Тоа што полицијата налетала на него кога правел кривично дело и го однела во полициска станица, не било затворање зад решетки, туку излез од решетките на зависностите со кои се борел речиси половина живот. 

„Среќа во несреќа е овој процес за мене. Ми се отворија врати и почнав да размислувам да се вработам. Ми помогнаа да најдам работа што е приватна, занаетчиска и која е физичка. Со тоа се зајакнува моето тело, но и психата, бидејќи заработувам и придонесувам за дома. Сега сум свесен што може да ме снајде. Не сум направил никаков рецидив откако сум почнал со процесот на пробација“, вели соговорникот.

Затворите пренатрупани, пробацијата решение

Во најголемиот затвор во Македонија „Идризово“ со капацитет од 800 затвореници, според официјалните статистики во 2017 година казна издржувале 1.850 осуденици. Во другите затвори низ државата бројката на затворениците се движела околу 2.900, додека четири илјади осудени лица чекаат да влезат во затвор. Македонија, според податоците на Советот на Европа, е трета земја по пренатрупаност на затворите со 123 затвореници на 100 слободни места. 

Дека пробацијата има позитивен ефект се согласуваат и од коалицијата „Сите за правично судење“, од каде што велат дека овој процес ја намалува пренатрупаноста на затворите кај нас. 

„Употребата на пробацијата во нашата држава може да има позитивен ефект во правосудниот систем. Најнапред, со употребата на пробацијата ќе се намали пренатрупаноста на затворите од осудени лица, но и позитивно ќе влијае на осудените лица, кои ќе можат побрзо да се ресоцијализираат преку пробациските служби“, велат во коалицијата Сите за правично судење. 

Добар чекор е и тоа што судовите почнуваат сѐ повеќе да ги употребуваат овие механизми, кои им стојат на располагање, додаваат оттаму.

„Изрекувањето условни казни со цел да се имплементираат пробациските работи може да имаат позитивно влијание понатаму и на ефикасноста на правосудниот систем. Иако Законот се применува од 2016 година, за жал можеме да констатираме дека тој заживеа во последните неколку години, па оттаму очекуваме дека освен судовите и пробациските служби ќе се вложат максимално во неговото спроведување“, посочуваат од коалицијата. 

Пробацијата моќна алатка, но сѐ уште недоволно искористена

Ако во 2017 година имало само два пробациски предмети, таа бројка до крајот на 2023 година е дури 483 предмети. Во државава има условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа, условен отпуст со заштитен надзор, но нема куќен затвор бидејќи алките за електронски надзор што беа набавени пред неколку години, а кои служат за следење, не се во функција. 

Треба да има вкупно 15 пробациски канцеларии, преку кои треба да се покриваат подрачјата на сите судови. Според методологијата за вработување, од 2021 до 2025 ќе бидат ангажирани вкупно 90 пробациски службеници. Досега, вработени се само 28 лица, а во функција се само 11 канцеларии, недостигаат во Гостивар, Кочани, Кичево и Струга. 

Тимот што работи во пробациската канцеларија во Скопје вели дека на осудените лица им се даваат многу шанси пред тие да бидат тргнати од процесот на пробација. Се користи сѐ што може, сѐ што е дозволено и сите ресурси, а до сега само 3 проценти од сите досегашни предмети се отповикани, што укажува на фактот дека процесот на пробација е успешен. 

„Кога има зависности сме осетливи и знаеме дека тоа е процес и не е нешто што лесно се поминува, менува и лекува. Ако има условна осуда со заштитен надзор постапуваме, а ако е само условна, не постапуваме. Имаме и условни осуди со општокорисна работа, но тие многу повеќе беа во периодот на ковид-пандемијата. Електронски надзор нема бидејќи ги нема алките за следење, а немаме ниту една мерка куќен затвор. Условен отпуст со заштитен надзор е мерка што исто така доаѓа кај нас, а се однесува на лица што минале одредено време во затвор и поднеле барање. Барање за условен отпуст со заштитен надзор може да поднесат и доживотните осуденици, но само откако ќе минат 25 години во затвор. Тоа не значи дека ќе им се уважи барањето, но го имаат правото“, велат од тимот во пробациската канцеларија во Скопје. 

А токму „екипата“ од пробациската канцеларија во Скопје, како што ја нарекува нашиот соговорник, му помогнала да си го врати и семејството, односно сопругата и малолетното дете. 

„Сега ми е многу убаво, ја гледам вистинската вредност на моето семејство, сфаќам што значи да имаш дете, да се грижиш за него, да плаќаш сметки дома… Животот не е дрогата, животот е семејството. Моето дете е против пороци и единствената добра работа од мојот проблем со зависноста е што го познавам тој свет и ако не-дај-боже посегне по такво зло, би го препознал и веднаш би реагирал за да му помогнам. За мене никој не знаеше дека имам проблем со дрогата, им кажав јас дома. Дрогата е вртење во круг и лажно совршенство. Сопругата ме остави кога ја открив мојата друга, темна страна. Го уништуваш својот живот, а и животот на сите блиски околу тебе. Но со пробациската канцеларија ги вратив луѓето што ми значат“, вели тој.

„Нормалниот тек на животот почнав да го гледам кога дојдов овде во пробациската канцеларија. Дојдов со резерва, но наидов на многу разбирање и секогаш ќе се враќам овде зашто овде ми покажаа како да живеам без лаги. Чесен сум до степен да не поминувам ни на црвено светло, да не сакам да направам никаков прекршок“, додава тој. 

Приказни како неговата има многу, но во судско-затворскиот систем, каде што извештаите за животот зад решетки се далеку од човечко достоинство, а довербата во судството е на многу ниско ниво, се една од светлите точки, благодарение на успешното спроведување на пробацискиот процес.

 Авторка: Катерина Додевска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА