Квалитетно стручно образование е мисијата на Центарот за стручно образование и обука (ЦСОО), па така новата учебна година носи новитети. Од септември стапува зазеленување на програмите во десет сектори во средното стручно образование. Со програмите за зелени вештини ќе се подигне свеста за важноста на здрава животна средина кај средношколците. На овој начин ќе се промовира култура на учење која ќе им помогне на учениците да развијат соодветни вештини и знаења, однесувања и ставови за потоа тие да можат да се справат со климатските промени, зелена транзиција, ефектите од загадувањето. Средношколците на пример ќе учат за целите на одржлив развој, отпадот како суровина, енергетска одржливост и одржливи експерименти, теми кои се од исклучителна важност за справувањето со новите предизвици. За тоа, како се јави потребата за зазеленување на програмата, во кои сектори ќе има зазеленување, но и со какво искуство ќе се стекнат учениците благодарение на новите изборни предмети, како и за тоа на што се должи зголемениот интерес за уписи во средното стручно образование, ПИНА.мк разговараше со м-р Ардијана Исахи Палоши, раководител на одделение за истражување, обезбедување и осигурување на квалитет во стручното образование и обука.

Во новата учебна година за прв пат ќе се имплементира зазеленување на програмите за десет сектори во стручното образование. Што предвидува програмата?
– Новата учебна година носи нови можности за учениците од средните стручни училишта. Во новата учебна година на учениците од втора односно трета година во средните стручни училишта, во 10 сектори им се дава можност да учат повеќе за еколошките проблеми проследени со исцрпување на суровините, енергетските и човековите ресурси и за можностите за соодветно дејствување во рамките на секторот за кои се образуваат. Центарот за стручно образование како одговорна институција за развој и унапредување на стручното образование во Македонија, години наназад работи на холистичко интегрирање и сеопфатно образование за животната средина и климатските промени во стручното образование, но оваа година работи со поголем фокус на оваа проблематика. Овие програми ги подготвуваат учениците за спецификите на професијата во контекст на зелена транзиција.
Како се јави потребата за овие програми?
-Предизвикот на глобализациските процеси (економски, образовни, политички, културни и еколошки) се карактеризира со брза експанзија на научните достигања, со техничко технолошки развој проследен со реорганизација на производните процеси што придонесува секојдневно да се менува начинот на живот, начинот на размислување, работење и учење. Денес меѓу другото, чиста, здрава и добро зачувана животна средина како поддршка на одржлива економија и општество, станува предизвик на секое општество. Бизнисот постепено го трансформира производството во насока на повеќе еколошки и профитабилна работа, при што се отвораат нови работни места кои бараат и нови компетенции. Зелената трансформација и еколошко одржливите (зелените) инвестиции на компаниите во процесот на производство, налагаат инвестирање и во градење на човечки капитал кој ќе внесува иновативни методи на производство и ќе ги унапреди еколошко одржливите процеси. Ќе го цитирам Ендрју Кернеги: „Тргнете ги моите вработени, но оставете ми ги фабриките, и наскоро ќе порасне трева на катовите од фабриката. Одземете ми ги фабриките, но оставете ги моите вработени, и наскоро ќе имаме нова и подобра фабрика“, што зборува за важноста на човековиот капитал во развојот на економијата. Затоа, воочивме дека и во делот на образование кој е задолжен за градење на потребен човечки капитал, има потреба од интервенции и промени. Има потреба од јакнење на капацитетите на учениците во рамки на секоја струка, во делот на намалување на еколошките проблеми кои се предизвикуваат од различни сектори, а изучувањето да се базира на: загадување, заштита и унапредување на животната средина и постигнување еколошка рамнотежа. Со нашата интервенција преку наставните програми во секторите, се залагаме да придонесеме кон обезбедување на правото на здрава животна средина, како фундаментално граѓанско право и да обезбедиме одржлива економија.
Која е улогата на ЦСОО во спроведувањето на оваа програма?
-Улогата на ЦСОО е во креирање политики и мерки за јакнење на капацитетите на учениците во насока на справување со брзите промени во светот, вклучително и еколошките проблеми. По однос на ова прашање, факусот на ЦСОО е во две насоки. Обезбедување предуслови за имплементација на 10-те наставни програми, и тоа: развивање на модуларни единици во рамките на секоја програма, изработка на наставен материјал за 10-те наставни програми кои ќе ја следат програмата, јакнење на капацитетите на наставниците преку обуки за имплементација на програмата. Обезбедување на поголем опфат на средношколци кои ќе се стекнат со знаења, вештини, ставови и навики поврзани со оваа проблематика. Имајќи предвид дека во учебната година 2023/2024, 69% од средношколците се запишани во стручно образование, имаме добар опфат на сите средношколци во стручното образование. Преку промоција на програмите за зелени вештини и ќе ја подигнеме свеста за важноста на здрава животна средина, а со тоа ќе го подигнеме интересот на учениците за да се пријават и да реализираат програма која се нуди во нивните училишта, а се однесува на зелени вештини во рамките на струката. Од страна на ЦСОО изготвени се: 10 наставни програми за содржини програмирани од училиштата за 10 струки/сектори во стручното образование, 10 прирачници за наставниците и учениците кои се помошен материјал за реализација на програмите. Наставните програми и прирачниците се преведени на албански јазик. Сите документи може да се најдат на веб страната на ЦСОО www.csoo.edu.mk.Во тек се подготовките за реализација на 30 обуки за околу 500 наставници. Обуките ќе се реализираат на македонски и албански јазик. Наставниците ќе се стекнат со сертификат како доказ дека се оспособени да ги реализираат сите активности од програмата и да им помогнат на учениците да ги постигнат сите резултати од учење предвидени со програмата. ЦСОО работи на изработка на механизми за следење и евалуација на имплементацијата на наставните програми за зелени вештини и механизми за мерење на ефектот од реализацијата на програмите кај учениците.
Во кои сектори во стручното образование ќе се воведе зазеленување на програмата?
– Изборот на сектори што се погодни за интервенција е направен од тим од експерти за квалитетот на воздухот и животната средина, во соработка со советниците на ЦСОО за стручното образование и обука. Изборот е надоврзан на Анализата на зелени вештини спроведена од УНИЦЕФ и Хелветас во 2022 година. Во секторите: геологија, рударство и металургија; градежништво и геодезија; графичарство; економија, право и трговија, здравство и социјална заштита, земјоделство, рибарство и ветеринарство, машинство и сообраќај, транспорт и складирање, текстил, кожа и слични производи, хемија и технологија е воведена можноста за изучување на содржини од областа на зелени вештини и тоа конкретно и специфично за струката. При одлучување за секторите за кои ќе се изработи наставна програма, приоритет се даде на струките кои имаат најмала застапеност на теми од заштита на животна средина и зелени вештини, опфатот и ефектот во опкружувањето, и човечките ресурсите со кои располага ЦСОО. Не се исклучува можноста во наредниот период да се опфатат и другите четири струки.
Со какво искуство ќе се стекнат учениците од стручното образование благодарение на новитетите во програмата?
– Програмите обезбедуваат стекнување на вештини за превземање на акции за одржлив развој во насока на зачувување на животната средина. Програмите се различни и специфични за секој сектор. Првите модули во сите програми се општи, додека следните се специфични за секој сектор. Со овие модуларни единици, учениците стекнуваат нови знаења и вештини за тоа како ќе дејствуваат во рамките на професијата за зачувување на животната средина. На пример, во секторот хемија и технологија, програмата има назив Циркуларна хемија.Таа е составена од 4 модуларни единици, и тоа: цели на одржлив развој, отпадот како суровина, енергетска одржливост и одржливи експерименти. Првата модуларна единица е општа, втората модуларна единица им овозможува на учениците да применуваат правила и методи за управување со отпадот и негово намалување и да го користат биоотпадот како суровина и енергија во хемискиот и технолошкиот сектор. Третата модуларна единица им овозможува на студентите да ги анализираат податоците за енергетската ефикасност на технологиите за обновлива енергија и да предлагаат решенија за искористување на најпогодниот извор на обновлива енергија во согласност со локалните географски и климатски карактеристики. Со четвртата модуларна единица, учениците се обучуваат за примена на принципите на одржлива лабораторија, рециклирање/регенерирање на лабораториски хемикалии и рециклирање материјали во лабораториски услови. Резултатите од учењето на програмата се очекува да се постигнат преку активности како што се: лабораториски вежби, проектни активности, истражување, дебати, дискусии и слично. Програмата поврзана со сообраќајниот сектор се вика Еколошки концепти во сообраќајот. Со програмата учениците се обучуваат да предлагаат алтернативни решенија за одржување на еколошки возен парк, идентификуваат мерки за заштита од сообраќајна бучава, споредуваат конвенционален и зелен логистички синџир, предности на еко возилата и сл.Како што може да се види, секоја програма ги подготвува студентите за спецификите на професијата.
Каков е бенефитот од зазеленување на програма и што очекувате да се постигне, која е целта?
-Програмите имаат за цел подигање на еколошката свест, развој на зелени вештини во рамките на струката, со што учениците преку лична и системска трансформација, ќе можат да придонесат за поодржлив начин на живот и да ја олеснат транзицијата кон зелена економија. Овие програми ги подготвуваат учениците за спецификите на професијата во контакст на зелена транзиција. Со реализација на наставните програми во 10-те сектори, учениците ќе се оспособат да ги следат промените, да бидат во тек со „светот кој се менува“ и ќе може да преземаат активности за обезбедување на одржлив развој во рамките на секторот за кој се професионализираат. Програмите обезбедуваат идните генерации да имаат специфични компетенции од областа на зелената транзиција и се поттикнуваат да преземаат индивидуални и групни иницијативи и активности за зачувување на животната средина.
Дали сметате дека со зазеленување на програмите со кои се опфаќаат важни теми, интересот за стручното образование уште повеќе ќе се зголеми?
– Како резултат на техничко и технолошката „револуција“, човекот постојано е опкружен со промени. За да опстане, неопходно е да се издигне со промените. Образование го гради и го издигнува човекот, затоа ги следиме промените и ги интегрираме во стручното образование, во спротивно не ќе може да опстанеме како под систем на образование. Навремените интервенции, обезбедуваат релевантно стручно образование. Воведување на теми од областа на заштита на животната средина, климатски промени, одржлива економија, одржлив развој, циркуларна економија и сл., е само еден сегмент на кој се работи за осовременување на стручното образование. Како што секоја направена интервенција во стручното образование која била предводена од потребите во економијата/бизнисот и следењето на светските и Европските трендови имало позитивно влијани во зголемување на заинтересираноста за учење во стручното образование, несомнено е дека и со воведувањето на овие теми, се очекува поголем интерес за стручното образование. Реализација на овие програми, може да поттикне нови процеси и услуги кои со штедење на ресусри и енергија може да ја подобри ефикасноста на компаниите или пак да им даде на младите нови идеи за самостоен бизнис. Младите се свесни дека start-up овозможуваат самостоен бизнис или пак се ценети и барани од страна на компании. Ова е нешто што може да ги поттикне младите да ги следат овие програми а начинот на реализација на програмите да ја зголеми заинтересираноста за стручно образование.
Имајќи предвид дека се повеќе постои интерес за запишување во средни стручни училиште, посебно ако се земе предвид годинешниов упис, ваше мислење, на што се должи зголемениот интерес?
– Зголемениот интерес за стручно образование е резултат на повеќегодишните заеднички заложби на сите чинители во стручното образование (ЦСОО, МОН, Комори, Организации на работодвачи и други засегнати страни) за градење на релевантно и флексибилно стручно образование, базирано на принципот на партнерство. Предводени од овие принципи, долги години работиме во градење на механизми за креирање на современо стручно образование, која ќе продуцира кадри способни да се справат со предизвиците кои произлегуваат од развојот на техниката и технологијата, општествените транзиции, еколошките промени и други промени предизвикани од глобализацијата. Работиме интензивно на следење на трендовите во економијата и имлементација на тие трендови во образованието. Зголемениот број на учениците во стручното образование покажува дека атрактивноста на стручното образование расте. Оваа учебна година се најавува дека бројот на ученици запишани во стручно ќе биде над 70%. Сметам дека тоа е поради современиот пристап во стручното образование во поглед на содржината на учењето така и во однос на пристапот кон учењето. Содржината на учењето е детерминирана од потребата на бизнис заедницата, вклучувајќи ги тука потребните компетенции на пазарот. Што се однесува до пристапот кон учењето, воведувањето на задолжителното учење преку работа кај работодавач овозможува ученикот да учи на реално работно место преку „правење“. Ваквиот пристап на учење е интересен и запамтлив, креативен и поврзан со стекнување на вештини. Овој пристап има придобивки за ученикот, како што се: стекнување релевантно знаење, вештини и компетенции за успешен премин од училиште кон вработување, зголемена можност за вработување веднаш по завршување на образованието, можност за развој на претприемништво, иновативност и креативност потребни за сопствен иден професионален развој, развој на социјални вештини (тимска работа и партнерска соработка, споделување на сопствените и почитување на другите размислувања и идеи, стекнување одговорност, посветеност во работењето, искуство и навики за грижа за своето непосредно и за своето пошироко окружување (надвор од домот и училиштето). Младите сакаат тоа што го учат да го практикуваат или да го научат преку правење, само така образованието им станува поинтересно. Во стручното образование тоа го наоѓаат, и затоа стручното образование во последните години запишува ученици кои сакаат и умеат да креираат. Можностите за стекнување на одредена квалификација, вработувањето или отварањето на сопствен бизнис уште во млади години од една страна, како и можноста за понатамошно продолжување на образованието, го прават попривлечно стручното образование.
Колку е важно, учениците да се стекнат со вештини и знаења, кои потоа ќе ги применат во пракса за како идни генерации да се справат со исклучително важни прашања како климатските промени, зелена транзиција, ефектите од загадувањето?
– Во иднината која носи многу непредвидливи нешта, несомнено е дека просперитетот се бара во глобалниот натпревар на идеи, знаења и вештини. За таа цел потребно е да се подобрат компетенциите на сите и да се прилагодат на специфичните барања на новата економија. Економскиот раст е недоволен доколку не обезбеди создавање на нови работни места како и квалитетен и функционален човечки капитал, ангажиран на продуктивни работни места со соодветни компетенции. Инвестирањето во човечкиот капитал е значајно исто колку и инвестирањето во физичкиот капитал. Образованието, односно знаењето и стекнувањето на потребните компетенции, претставува основа за надминување на ограничувањата поврзани со ниската продуктивност на трудот. Економскиот раст е поврзан со синергијата меѓу новите знаења и човечкиот капитал. Промените во животот и работата налагаат наместо да се чекаат промените, да се издигнеме заедно со нив, да ги пресретнеме и да преземеме сè што е потребно за да обезбедиме развој на економијата. Ова го може само едно квалитетно образование.
Авторка: Ивана Крстеска Јаневска
- Текстот е изработен во рамки на соработката која ПИНА ја има со организацијата Хелветас