Разликите помеѓу државната функција и партиските активности

0
19
Фото: Element5 Digital on Unsplash

Политичарите, носители на јавни функции неретко ја злоупотребуваат својата функција во партиски цели, а тоа е највидливо за време на изборите, во случајов парламентарните и претседателските кои не очекуваат. Тоа со други зборови значи, злоупотреба на државниот буџет, односно парите на граѓаните за партиски активности.

Користење на службен автомобил, телефон, канцеларии, притисок врз вработените користејќи ја својата политичка моќ, занемарување на должноста и обврските што ги имаат на нивната позиција, се само едни од формите на злоуптреба на функциите.

На овој начин всушност продолжува долгогодишната пракса која е „вдомена“ во однесувањето на функционерите, при што придонесуваат за неможноста за фер и рамноправна политичка „трка“, нарушувајќи ја суштината на демократијата.

Што предвидуваат законите

Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), за ПИНА.мк велат дека носителите на јавни функции за време на изборниот процес, потребно е доследно да го применуваат Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

Со него се уредува начинот на однесување и работење на носителите на извршните функции како и одделувањето на државните од партиските интереси.

„Имено, во член 12 од наведениот Кодекс е уредено дека носителите на извршни функции треба доследно да се придржуваат на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, во кој во член 54 е уредено дека секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени, при што забрането е средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење. Согласно член 8 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, под поимот службено лице се подразбираат сите избрани или именувани лица и вработените во јавниот сектор”, нагласуваат од таму.

Според ДКСК, во однос на прашањето, дали функционерите смеат да користат службени возила и останати државни ресурси за време на предизборната кампања, известуваат дека со член 8-б став 1 од Изборниот законик е уредено дека „за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста“.

Од ДКСК велат дека ќе го следат целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање за прекршување на законите, ќе преземат мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги известат надлежните органи и ќе бараат преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување.

„Во таа насока, ДКСК веќе презеде проактивен пристап и објави соопштение за законските одредби со кои се регулираат ограничувањата за време на изборниот период, а воедно испрати информативни циркулар до вкупно 1.250 јавни институции на централно и локално ниво, граѓански организации и медиуми. ДКСК во функција на следењето и контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните, и за таа цел, ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во Изборниот законик”, додаваат од таму.

Од ДКСК апелираат секоја засегната страна, до ДКСК може да пријави изборни прекршувања за време на тековните изборни, за што на својата веб страна објавил и образец – Пријава.

Немаме политичка култура

Aналитичарот Бесим Небиу за ПИНА.мк, вели дека кандидатите кои се министри, градоначалници, директори треба да направат јасна дистинкција помеѓу државната функцијата која ја извршуваат и своите партиски активности, да не ги користат ресурсите на државата како што се возилата, просториите во партиски цели.

„Очигледно е дека не постои политичка култура кај носителите на јавни функции ова да го прават сами, затоа веројатно е потребно да се регулира прецизно во изборното законодавство целава материја, така што ќе бидат предвидени санкции за прекршување на правилата од страна на политичарите,” вели Небиу.

Политикологот Џенур Исени за ПИНА.мк, изјави дека многу пати сме слушнале дека секој политичар се залага за општественото добро, односно за доброто на граѓаните, но во пракса прават сосема нешто друго.

„Сведоци сме дека повеќемина од претседателските кандидати се актуелни функционери, но ќе се занимаваат со кампањата, а не со функцијата што ја извршуваат. Тоа значи дека за нив „да им служат на граѓаните“ е ставено во втор план, бидејќи сакаат да дојдат до подобра функција. Најморално би било да дадат оставка од актуелната функција, и потоа да се занимаваат со претседателската кампања, а со таков акт би покажале и политички морал,” нaгласи Исени.

Тој додаде дека апстиненцијата на остатокот од општеството е резултат на ваквата пракса, па така се гаси и последниот жар за драстична промена во државава.

„Заклучокот е дека единствената можност за подобрување на политичко-општественото уредување во државава е, драстична одлучна промена во јавната свест и рацио на мнозинството, а со тоа и жртва на повеќе генерации”, истакна на крај Исени.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска неодамна изјави дека испратила отворено писмо до сите субјекти, без разлика на кое ниво на власт се, да ги потсети за обврските што ги имаат.

„Треба да прават разлика меѓу партиските и државните активности, не смее да се употребуваат државни ресурси за партиски цели во текот на кампањата. Како лице задолжено за следење на Етичкиот кодекс за избрани и именувани функционери од страна на Владата досега и како Кабинет сме постапувале по сите наоди што сме ги добиле без разлика дали се од медиумите или од ДКСК, како и од граѓани. Меѓутоа се надевам дека сите тие постапки што сме ги имале, и опомените што сме ги дале ќе бидат предупредување за останатите, за тоа како и на каков начин треба да се однесуваат во овој период,“ изјави Грковска.

Во меѓувреме, помеѓу партиите веќе се слушаат обвинувања, за злоупотреба на државни ресурси за партиски цели.

Автор: Зенел Мифтaри

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА