Жените побројни на листата на невработени 

0
126

Според последните податоци на Агенцијата за вработување, во Македонија заклучно со 31 јануари 2024 години имало вкупно 105.803 невработени лица, а поголем е бројот на невработени жени и со високо образование, 4.371 од вкупно 6.749, објави МРТ.

Најмногу невработени има во Скопје, потоа Куманово па Гостивар. Покрај фактот дека најмногу од лицата кои не се во работен однос се без средно образоние, загрижува и фактот дека во последните години расте бројот на лица кои завршиле високо образование, а се водат како невработени. Имено според податоците добиени од Агенцијата за вработување, на тлото на Македонија има дури 19 доктори на науки од кои 11 се жени. Исто така има и многу магистри кои сѐ уште се во потрага по работа, и тоа 582 од кои дури 369 се жени.

Висок процент од невработените лица во Македонија се пријавуваат во агенцијата за вработување со цел да се стекнат со здраствено осигурување. Во последните неколку години дел од населението оди на сезонска работа во други земји која обично трае неколку месеци, а останите месеци ги поминува во Македонија трошејќи ги заработените пари, но на листата на невработени сѐ уште фигурираат овие лица. Земјоделците се можеби и најбројни на листата на невработени лица бидејќи многу малку дел од нив се пријавени дека остваруваат приходи од оваа дејност. Меѓу другото во Македонија “цвета” сивата економија, многу работодавци ги држат непријавени своите вработени, дел од нив дури и одбиваат да бидат пријавени со цел да остварат други бенифити кои ги нуди државата. 

Еуростат, односно европската институција за статистика, бележи слични податоци. Всушност, стапките на вработеност и кај мажите и кај жените растат во последната декада, но родовиот јаз во вработеноста е перзистентно висок. Ова ја потврдува тезата дека уште поголем од родовиот јаз во вработеноста е родовиот јаз во активноста на пазарот на труд.  Половина од жените кои се на работоспособна возраст се исклучени од пазарот на труд, т.е немаат ниту платено вработување, ниту се регистрирани како активни баратели на работа. 

Невладината организација „Реактор“ континуирано работи на оваа тема, има направено низа истражувања ви врска со ова прашање. Последните податоци од нивното истражување покажуваат дека за иста работа, постои разлика во платите кај мажите и кај жените. 

Тања Иванова од “Реактор” додаде дека постојат многу причини поради кои доведува до исклучување на жените од пазарот на труд, и нивна неактивност, и помала стапка на вработеност кај жените во однос на мажите во Македонија, една од главните причини е грижата за трето лице, грижата за домот или за децата, ова прво влијае на платите, а подоцна се одразува на пензиите. 

Со оглед на високата стапка на невработени жени, и сите политики кои ги спроведува државата за намалување на бројките, меѓу кои една од нив е отворениот пазар на труд. Па така се поставува прашањето за неговата ефикасност. Тања Иванова е смета дека ова не може да биде решение за поместување на овие бројки.

,,Ова значи буквално слободно движење на работна сила што не подразбира дека и системски ќе ги надминеме оние недоследности што веќе постојат, не само кај нас за жал и во останатите две земји со кои се спојуваме да направиме поширок пазар во кој што луѓето би имале поголеми шанси за вработување. Меѓутоа доколку не ги надминеме структурните нееднаквости и системските недоследности што постојат, и кај нас и во Албанија и Србија, за жал мислам дека ова не може да биде некакви решение особено ако го земеме фактот дека жените поради грижата за домот или за децата или за некој од фамилијата повторно би останале дома и не би одлучиле да се преселат во друга земја да работат”, додаде Иванова. 

Извор: МРТ