На учениците им е значајно што преку дуално обрaзование, теоријата ја претвораат во пракса

0
67

Дуалното образование е систем во кој практикантствата во една компанија се комбинираат со училишни часови во стручно училиште. Ова е од голема важност бидејќи таквото комбинирање придонесува за развој на високо квалитетни практични вештини.

Ваквиот начин на образование има значајно влијание врз зголемувањето на можностите за вработување на учениците но уште поважно, го олеснува патот на учениците кон достојно и брзо вработување.

За наставниците ова е можност за  професионален развој, но и за подобрување на образованието генерално, а учениците стекнуваат и усовршуваат практични вештини со кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд. Ваквиот систем исто така  им обезбедува образование кое гарантира нивно вработување во компаниите  во  кои  ја  реализирале практичната  настава.

Едно од училиштата кое е вклучено во проектот за развој и унапредување на дуалниот систем во стручното образование е СУГС „Георги Димитров“.

Професорката Ивона Гиевска вели дека ваквите програми му недостасуваа на образовниот процес бидејќи претходно завршувале генерации од ученици потковани теоретски, но со многу малку вештини во практика.

„Ваквите програми се одлични, иако морам да напоменам дека дека ефективноста на овие програми варира во зависност од институцијата и партнерските компании каде учениците изведуваат практична настава. Преку ваков вид на програми, учениците стекнуваат практично искуство со кое полесно се вработуваат по завршување на средното образование. Освен со технички вештини се стекнуваат и со меки вештини, како што се тимска работа и комуникација, кои се мошне значајни за работа на вистинско работно место. Соработката со компаниите може да им обезбеди на професорите увид во тековните трендови и практики со што и тие самите ќе се едуцираат во континуитет, одржувајќи и унапредувајќи ги своите вештини и знаења“, вели таа.

Гиевска додава дека пред воведувањето на дуалното образование, практичната настава во нивното училиште се реализирала во училишната работилница каде само еден инструктор бил задолжен за дваесетина ученика.

„Од овие причини, од неможноста да се посвети потребното внимание на сите ученици, многу од нив не успеваа да се стекнат со практични вештини во текот на средното стручно образование. Она што е позитивно е што дуалното образование може значително да ја подобри привлечноста на училиштето за идните ученици пред се заради можноста за вработување, но и самовработување, веднаш по завршувањето на средното образование. Во нашето училиште, огромен е интересот за изучување на образовните профили Техничар за мебел и ентериер и Техничар за пејзажен дизајн, а ние се правиме така и да остане. И следната учебна година очекуваме подеднаква заинтересираност за упис во овие профили“, додава Гиевска.

Компаниите произведуваат млади квалификувани кадри

Софа Студио е компанија која веќе 17 години менторира студенти од Машински факултет и Факултетот за дизајн и технологии на мебел.

Како што велат, со воведувањето на стручни паралелки во средното стручно образование и воведување на Практична настава и Феријална пракса се појавил интерес кај нив да почнат да менторираат и ученици од средното стручно училиште за да создадат кадар со средна стручна спрема.

„Мотивот е преку Практичната настава и Феријалната пракса учениците кои доаѓаат и ја посетуваат оваа пракса по завршувањето на средното стручно образование бидат веднаш подготвени да се вклопат во реалниот сектор и веднаш да ги извршуваат работните задачи. На тој начин компанијата ќе може да создаде профил на вработен кој во целост ќе се вклопи во организационата структура на компанијата.

Кога менторираме ученици тие се учат и посетуваат практична настава во неколку области, на пример: учениците кои имаат развиено вештина да цртаат рачно и кои имаат развиени вештини  за дизајн ги водиме во процесот на создавање и креирање на нов производ и негово дизајнирање. Кај дел од студентите практичната настава се изведува на реални проекти за внатрешно уредување, кај дел се врши практична настава за техничка разработка и изработка на техничка документација за потребите на производството“, велат од компанијата.

Од таму додаваат дека досега сите студенти и ученици кои посетувале и извршувале практична настава во компанијата покажале солидни резултати и интерес за практична настава.

„Бројката на менторирани студенти е околу 70 студенти, додека кај ученици бројот е четири. Ова ќе ни биде втора година. Ние воедно сметаме дека само на овој начин компанијата може да обезбеди соодветен кадар. Ова е еден и единствен начин да се обезбеди кадар за потребите на компаниите, особено кадар од средна стручна спрема. На овој начин учениците се запознаваат со нивните работни обврски и тие добиваат реална слика што понатаму ќе работат и дали тоа го сакаат. Дел од нив ќе одлучат да се запишат на факултет и да продолжат со образованието, но дел ќе се пронајдат во секторите кои се со средна стручна спрема. Само вака може да се реши недостигот на квалификувана работна сила за потребите на компаниите“, додаваат од Софа Студио.

Учениците се задоволни од дуалното образоавние

Огромно задоволство од дуалното образование изразија и учениците кои се дел од оваа програма. Станува збор за Матеј Стојковски, Божица Јовановска, Михаил Богдановски и Сара Станковска.

„Со практичната настава имав можност повеќето работи кои ги учиме во училиште да ги видам и да создавам производ со вработените. Лично јас знам да работам со масивно дрво. Воедно, праксата ми помогна многу да го унапредам знаењето, да создавам нови производи и да ги научам сите процеси низ кои треба да помине дрвото за да се изработи готов производ. Праксата ми овозможи уште повеќе да ја засакам оваа професија бидејќи ми даде можности и повеќе опции да научам нови работи, но и да се запознаам со луѓе со големо работно искуство во оваа струка. Со оваа работа можам пристојно да заработувам“, вели Матеј.

Во однос на тоа што практично се учи во компанијата, Божица објаснува дека практично учи садење, пресадување резници, аранжирање и правење букети.

„Многу ми е значајно тоа што го учам теоретски да го применам во пракса. Дефинитивно оваа пракса ми овозможи многу повеќе да го унапредам своето теоретско знаење бидејќи теоретскиот дел е поврзан со практичниот дел. Иако и претходно ја сакав оваа професија со праксата уште повеќе ми се допадна“, изјави Божица.

За Михаил е значајно тоа што има шанса да научи како да склопи одреден производ и што генерално учи да го прави тоа.

„Мојата фирма ме учи многу работи од секоја поеднинечна работна операција. Практично учиме конструкција на кујни, шкафчиња, мебел за тоалети. Јас би сакал повеќе да ми даваат да работам бидејќи најчесто само помагам. Ваквата пракса најмногу ми помага да научам да работам, да видам и да осетам како е на вистинско работно место“, рече Михаил.

Сара сега знае да ги препознае сите видови дрвени плочи, техничка подготовка на производство на мебел, цртање мебел во аксонометрија и изгледи, како и пресеци.

„Многу ми е значајно тоа што го учам во училиште да го применам во пракса. Оваа пракса ми овозможи полесно да ги разјаснам работите кои ги учиме теоретски во училиште. Оваа пракса ми овозможува уште повеќе да ја засакам професијата бидејќи ми покажува како и што се работи во реална работна средина“, објасни таа.

Средното стручно образование станува се поатрактивно за упис на средношколците, и низ годините таа бројка се зголемува. Во првиот уписен рок за учебната 2024-2025 година 73,8 отсто се запишани во стручните училишта, а само 26,2 отсто во гимназиите во земјава.

Проектот „Образование за вработување Е4Е “ од самиот почеток во 2018 година, применува инклузивен системски приод кој се заснова на зајакната соработка со партнери од приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор на национално и локално ниво, надлежни за донесување на одлуки во системот на формално и неформално стручно образование и обука. Проектот настојува да соработува со Министерство за образование и наука, Стопанска комора на Македонија, Центар за стручно образование и обука, партнери кои имаат заедничка визија и заеднички цели со цел таквото партнерство да биде засновано на комплементарни придонеси од сите страни.

Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија од 2018, преку размена на искуства, знаења и најдобри пракси. Швајцарија е позната по системот на дуално образование преку кој, учениците ги комбинираат учењето преку работа во компанија со наставата во стручното училиште.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на соработката која ПИНА ја има со организацијата Хелветас