Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА објавува повик за пријавување на третата Програма за жени новинари во организација на ПИНА.
Програмата има за цел да понуди менторства и поддршка за жени новинари, како и финансиски надоместок за стории кои ќе ги изработуваат новинарките. Темите на кои ќе се посветат новинарките се поврзани со доброто владеење, транспарентноста и отчетноста на институциите, корупцијата, слободата на медиумите итн.
Освен тоа, програмата нуди можност за вмрежување на новинарките и неформална едукација, со цел да се адресираат специфични прашања кои ги засегаат жените во медиумите.
За таа цел се бара пријавените кандидати да ги исполнуваат следните услови:
* Да се активни новинарки со искуство и работа во сферата на медиумите и новинарството.
* Да се стремат да работат според највисоки етички и професионални новинарски стандарди.
* Да се креативни и посветени во работата и создавањето на финалните продукти на програмата.
Сите избрани учесници кои ќе ги посетат обуките како дел од програмата, ќе добијат можност да работат на сторија на одредена тема, за која биде обезбеден финансиски надомест од 400 долари (бруто).
Заинтересираните кандидати своето CV заедно со краток опис (неколку реченици) со што би сакале да придонесат во програмата, може да ги достават на info@pina.mk, со назнака ,,Повик за Програма за новинарки”. Доколку заинтересираните апликанти имаат дополнителни прашања за повикот, може да ги пратат на мејлот на ПИНА наведен погоре. Рокот за аплицирање е до 25-ти март (17:00 часот).
Програмата за жени новинари за прв пат ја започна ПИНА во 2019-та година и има за цел да актуелизира прашања во јавноста кои ги засегаат жените во медиумите, да понуди менторства и поврзување на новинарките, како и да го поддржи напредокот на новинарките и нивната позиција во медиумите.
Третата Програма за жени новинари е дел од проектот на ПИНА насловен “Promoting Accountability through Independent Journalism”, поддржан од National Endowment for Democracy.