Партиите започнаа кампања, пред почетокот на кампањата

0
296

На неполн месец од официјалниот почеток на изборната кампања – двете најголеми македонски партии на големо се рекламираат во јавниот простор. Иако во модерното време, рекламирањето се префрли и на социјалните мрежи каде како препорачана содржина на граѓаните им се нуди пропаганден материјал кој најчесто е спонзориран од политичките партии, сепак не изостануваат и традиционалните рекламирања насочени кон постарата популација која не е толку вешта во совладување на новите технологии.

Голем дел од платениот политички пропаганден материјал, традиционално завршува на билбордите во градовите низ земјава.Токму овие билборди кои се поставени на речиси еден месец од официјалниот почеток на изборната кампања за претседателски избори и на еден и пол месец од кампањата на парламентарните, се чест декор на прометните раскрсници и булевари во и околу центарот на главниот град.

Кампањата на СДСМ под слоганот „Повеќе за сите“ беше најавена во декември, а рекламите се поставени пред официјалниот старт на изборната кампања.

Фото: ПИНА.мк

Во централното јадро на градот, на подискретен начин од своите главни политички опоненти, се рекламира опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Иако името ВМРО-ДПМНЕ не фигурира никаде, стои одреден слоган – „Твојата одлука, твоја шанса“, како и QR код кој доколку го скенирате на вашиот паметен уред ве води до „пропагандно“ видео на „Јутуб“ каде во речиси минута и половина се говори за сите грешки на актуелната Влада, но и за она што некоја нова влада (предводена од ВМРО-ДПМНЕ н.з) ќе направи во иднина.

Фото: ПИНА.мк
Фото: ПИНА.мк
Фото: ПИНА.мк

Покрај бројните билборди кои им „бодат во очи“ на обичните граѓани, тука се и секојдневните настани, трибини, посети на приватни компании од официјални претставници на партиите, а во последно време зачестија и отворањата на партиски штабови низ градовите.

Предвременото рекламирање не е ништо ново 

Изборниот законик во членот 69-А, јасно нотира дека изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите во првиот и вториот круг на гласање и не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.

Кампањата за годинешните парламентарни избори треба да започне на 4 април, имајќи в предвид дека првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, за ПИНА.мк вели дека партиите умешно користат одредени правни дупки бидејќи според постоечкиот Закон ваквите рекламирања се дозволиви оти Државната изборна комисија се уште не ги утврдила кандидатите со кои партиите ќе трчаат на изборите – а нивното утврдување треба да се направи најдоцна до 17 март за претседателските избори или 2 април за парламентарните избори што остава вакум простор за партиската пропаганда надалеку да се чуе и далеку пред изборната кампања.

„Тоа е така затоа што Законот во Македонија ова го дозволува. Во Македонија единствено ограничување има од моментот кога ДИК ќе ги утврди кандидатите и до моментот на почетокот на изборната кампања тие не смеат да учествуваат во предизборни активности кои се врзани за нивната кандидатура, за агитирање гласови. Се друго по Законот е дозволено и партиите тоа го користат, нормално дека нема да ја пропуштат да ја искористат дупката во законот и во рекламирање во аутдор и во рекламирање на социјалните мрежи и во ПР промотивни активности“, изјави Арсовски.

На прашање за тоа какви се очекувањата за партиските кампањи и за тоа дали ќе се засилат во сивата зона која претстои до четврти април, Арсовски вели дека тој не гледа никаква мотивација партиите да прекинат со кампањата кога веќе на големо во јавноста се зборува за партиските активности.

„Дали е морално или етички е многу широка дискусија за тоа дали партиите смеат да комуницираат со јавноста и дали треба да комуницираат кога не е изборна кампања бидејќи од една страна, да, тоа е токсично во јавниот простор, но од друга страна гласачите не можат да донесат информирана одлука за само дваесет дена кампања“, смета Арсовски.

А, речиси на иста линија со ставовите на Арсовски е и аналитичарот Сефер Селими.

„Ние веќе подолго време сме во кампања и нашата политичка сцена е можеби премногу динамична во последните две-три години во кои беа поврзани посебно со политичкиот дел за отворање на преговори со ЕУ. Ова не е ништо ново, мислам дека е континуитет на тоа што било активна политичка сцена веќе подолг период и сега влегуваме во финална битка да кажеме помеѓу политичките партии и актери кои се во нашата држава“, рече Селими.

Дополнително, вели тој ни претстои кампања во кој главен наратив ќе биде оцрнување на противникот, најчесто преку социјални мрежи или пак преку портали кои се наклонети кон едната или другата страна.

„Јас не верувам дека поставувањето на овие билборди е случајност и мислам дека со доминација на социјалните мрежи нашите политички партии ја усовршија пропагандата како алатка и ПР, така што јас не верувам во случајност, јас мислам дека тие се наменски и имаат таргетирана публика“, заклучи Селими.

Партиите со стандардни обвинувања

Одговори побаравме и од двете најголеми политички партии, токму оние најзасегнатите – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ за ПИНА.мк велат дека нивните активности се редовни настани, но и промоција на проекти кои се реализирани. Истовремено, велат, не сметаат дека тоа е рекламирање, туку информирање на граѓаните, спротивно на негативната кампања која според нив, ја водат нивните најголеми опоненти – ВМРО-ДПМНЕ.

„Имајќи предвид дека нашиот опонент поставува билборди и има реклами со невистинити содржини кои имаат за цел да ја оцрнат работата на Владата и на кандидатот за претседател сметаме дека првенствено не е принципиелно, демократски и фер, но тоа и го очекуваме со оглед на начинот на кој нашиот опонент ги водел кампањите во минатото“, велат од СДСМ.

За разлика од нив од ВМРО-ДПМНЕ не дадоа директен одговор за тоа дали рекламирањето пред изборната кампања е етичко и морално, само велат дека се одлучиле за поставување на рекламен материјал бидејќи како политичка партија сметаат дека е важно да се зборува за реалноста и клучните пораки за како што велат, лошата состојба во која се наоѓа Македонија.

„Овој начин е соодветен затоа што цениме дека граѓаните треба да знаат дали државата е наша или нивна, дали ќе се согласиме на хаос или ред, затоа што еден од непобитните факти е дека во Македонија никогаш не било полошо. Затоа одлучуваме ова да биде еден од начините за комуникација со граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во избориот законик се нотира дека за непочитување на роковите, ДИК е должна да ги испита наводите и да постапи. Оваа пракса на предвремено започнување на кампањата која се провлекува низ годините е нотиранa во секој извештај од ОБСЕ/ОДИХР за избори во Македонија од 2011 навака.

Автор: Михаил Милошевски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА