Државата, иако носи закони со цел да ги подобри условите за образование на децата со попреченост, старите проблеми се уште опстојуваат – нема доволно асистенти и соодветни услови за настава.
Според соговорниците на ПИНА.мк на хартија сѐ е беспрекорно, ама во пракса работите се далеку од тоа.
„За учениците со попреченост е потребен континуиран рехабилитациски третман кој треба да почне уште од најмала возраст. Рехабилитацијата треба да се одвива во специјализирана установа, опремена со соодветна опрема и соодветен обучен кадар. Учениците со попреченост мора да бидат вклучени во предучилишните установи, исто така со асистент или дневни центри во кои ученикот или детето ќе добие соодветна предучилишна подготовка. Секој родител не е во можност да си дозволи приватни дефектолошки и логопедски третмани од финасиска причина, затоа е потребно државата да обезбеди бесплатни третмани за сите деца или со минимална финансиска надокнада”, вели за ПИНА.мк дефектологот Катерина Митевска.
Таа го потенцираше проблемот дека сите ученици со попреченост немаат образовни асистенти, бидејќи многу долго и по неколку месеци, се чека да бидат викнати на функционална проценка во Меѓународна класификација на функционирање (МКФ) институција која е задолжена за давање насоки за работа со ученикот и препорака за асистент.
„Дури и ученици кои имаат препорака за асистент од МКФ, МОН нема дадено доволно согласности за вработување на асистенти за да бидат опфатени сите ученици,“ објаснува Митевска.
Овој проблем и искуствено ни го потврда мајка на ученик со попреченост.
„Мајка сум на две деца, од кое едното е со попреченост. Чекавме дури три месеци само за извештајот, а да не зборувам за времето додека чекавме да не викнат на проценка. Сѐ уште чекаме образовен асистент. Како одминува времето губам надеж дека моето дете ќе биде прифатено и од околината и од соучениците,” вели таа за ПИНА.мк.
Бројот на асистенти се зголемува, но не е доволен
Од Министерството за образование за ПИНА.мк велат дека се донесени сите подзаконски акти за спроведување на инклузијата согласно новиот Закон за основно образование.
„Учениците со попреченост посетуваат настава во посебните основни училишта и државните центри за рехабилитација, а исто така има и инклузирани ученици во редовните училишта, каде се образуваат по истите наставни планови и програми како и сите останати ученици, со тоа што инклузивниот тим составен од наставник, стручен соработник (специјален едукатор, психолог, педагог и сл) и родител, кој обезбедува поддршка за секој ученик со попреченост, изготвува индивидуален образовен план за самиот ученик и ги прилагодува планот и програмата согласно неговите потреби и можности,“ велат од МОН.
Од таму објаснуваат дека посебните основни училишта се трансформираа во основни училишта со ресурсен центар, а посебните паралелки во редовните училишта се трансформираа во центри за поддршка на учењето на учениците со попреченост.
„Училиштето со ресурсен центар ги користи своите материјални и човечки ресурси и дава соодветна стручна поддршка на учениците со попреченост, на наставниот кадар, стручните соработници, родителите односно старателите и инклузивниот тим на други основни училишта. Центарот за поддршка ги користи материјалните и човечките ресурси во училиштето и дава соодветна стручна поддршка на учениците со попреченост, на наставниот кадар, стручните соработници, родителите, односно старателите и инклузивниот тим во другите основни училишта на подрачјето на општината,“ велат од МОН.
Од министерството потенцираат дека трета година по ред во основните училишта се ангажираат образовни асистенти кои не се товар на родителите/старателите, туку обврска на државата. Ако предминатата година беа ангажирани 500 образовни асистенти, минатата година 720, оваа година имаме над 800.
Што се подразбира под целосна/тотална инклузија?
Тотална инклузија е кога сите ученици без разлика на попреченоста учат во редовните основни училишта, а посебните основни училишта се транформираат во ресурсни центри и ќе имаат улога во побарување на образовни/лични асистенти и обука на истите. Според концепцијата за инклузивно образование, се предвидува учениците со попреченост да следат настава согласно индивидуалните способности и постигнувања односно Индивидуален образовен план ИОП и Модифицирана програма за ученици со комплексни потешкотии.
Тоталната инклузија е голем предизвик за кој се потребни системски подготовки. Најпрво наставниците не се доволно обучени за работа со ученици со попреченост. Ученикот со попреченост бара индивидуален фронтален пристап кој наставникот понекогаш не е во состојба да му го овозможи за време на еден наставен час.
Според Концепцијата за инклузивно образовие, посебните паралелки во склоп на основните училишта требаше да бидат трансформирани во Центри за поддршка, кои ќе овозможат рехабилитационен третман т.е работа со учениците кои учат по Модифицирана програма.
Авторка: Сара Танаскоска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА