Во денешната дигитална ера, едни од најголемите корисници на социјалните мрежи се младите. Интернет просторот е доминантен за комуникација на младите, а семејството и образовниот процес се посочуваат како приоритетни во нивната заштита и во борбата против штетните информации кои се споделуваат на интернет.
Во ерата на социјалните мрежи, моментално се популарни инфлуенсерите и јутуберите кои зафаќаат значителен дел од јавниот дискурс, а со тоа вршат и големо влијание на мислењата на младите, сметаат од Младински образовен форум (МОФ).
Оттаму за ПИНА велат и дека овие категории јавни личности влијаат и во односот на изборот на вести, извори и платформи кои ги користат младите.
Од МОФ велат дека ако одреден инфлуенсер во кој голем дел од младите веруваат, користи некој платформа или медиум како извор за информации, тој индиректно ги поттикнува и следбенциите да го користат истиот извор или платформа.
„Една група на млади е заинтересирана за мислењата и ставовите на инфлуенсерите и јавните личности во таа смисла, па ги почитуваат и следат нивните ставови. Додека пак, значајно е да се напомене дека постои друга група, која претпочита да ја испита ситуацијата од повеќе страни и да ги осознае работите од повеќе извори на информации. Можеби втората група на млади се помалку на број, меѓутоа не може да не се спомене дека се незначителен дел од јавниот дискурс“, додаваат од МОФ.
Според нив, колку младите се во состојба критички да размислуваат за информациите кои ги објавуваат инфлуенсерите, зависи од повеќе аспекти.
„Најмногу влијание за критичкото развивање кај младите се стекнува од образовните процеси, кои воедно познато е дека и не го прави соодветно или доволно, како и околината односно блиските роднини и пријателите. Критичкото размислување во моментов, зависи само на иницијативи на неформалното образование и граѓанските организации кои интензивно работат на таа тема. Дополнителен фактор е нерегулираниот карактер на интернет просторот. Кога младите читаат одредени вести и се информираат за актуелни ситуации, тешко може да ги препознаат претензиите и намерите на информациите. Оттука, правилниот начин на пристапување до информациите е секогаш проверка и истражување на ‘другата страна’ на информацијата. Само темелно и балансирано информирање на одредена тема, може да им ја претстави на младите вистинската слика во кулминацијата на ситуацијата“, децидни се од МОФ.
По однос на ова прашање, медиумскиот експерт Снежана Трпевска смета дека младите генерации кои се родени во ерата на социјалните мрежи немаат идеја за поинакво комуникациско опкружување. Таа е децидна дека на тинејџерите им се многу поважни Јутјуберите, отколку другите познати личности кои се популарни на традиционалните медиуми.
„За разлика од традиционално славните лица, јутјуберите стануваат познати само во онлајн сферата, а во реалниот живот се само обични млади луѓе, од кои голем дел се уште не се целосно обликувани како личности“, вели Трпевска.
Таа посочи дека ретки се научно втемелените истражувања за мерата во која одделни дигитални содржини што ги објавуваат младите јутјубери од земјава влијаат врз обликувањето на ставовите и уверувањата на малолетниците.
„Според анкета спроведена меѓу 125 гимназијалци од Охрид, дури 83% рекле дека следат некој инфлуенсер на Инстаграм или се претплатени на некој Јутјуб канал, што е јасен показател за огромното влијание врз младите. Самите средношколци вклучени во анкетата навеле различни причини поради кои заследиле некој јутјубер, па навеле дека ги привлекува хуморот и ведрината, идеите и инспирацијата, самодовербата, искреноста и автентичноста итн. Но, исто така, нивните одговори укажуваат и на тоа дека имаат критички став кон младите лица што ги следат: прават разлика кога зад пораките и изјавите стои личност која има знаење или пак личност која манипулира. Ова е анкета само со 125 испитаници од една гимназија, и не може да се извлекуваат генерализации за целата млада популација. Сепак, потребни се сериозни и добро дизајнирани истражувања од страна на психолози за да се утврди реалното – позитивно или негативно влијание“, посочува Трпевска.
Семејството и образовните институции клучни во заштита на младите
Универзитетскиот професор и социолог Страшко Стојановски за ПИНА објаснува дека најпрво семејството, а потоа и образовните институции се клучни и во формирањето на младите личности кои во овој случај се креатори на содржини, но и за другата група млади која сега се информира од тие креатори.
„Точно е дека на социјалните мрежи има се поголемо влијание, особено последната декада и повеќе. Во рамките на семејството ние имаме ерозија на семејните вредности, континуирано кај нас последните 30 години, а таа ерозија доведува до губење на целиот вредносен систем во рамките на секундарните, терцијалните агенции на социјализација, опкружување, друштво, социјални мрежи, идоли, мас медиуми, музика и слично. Прво, јас би ставил акцент на зајакнување на вредностите во семејството и зајакнување на семејството како институција. Секундарно, треба да се работи во рамките на образовните институции, уште од основно образование децата да се учат што е добро, што е лошо, моралното поведение може да се однесува и на говорот на омраза, односно нарушувањето во општеството кое произлегува од ваквиот говор на омраза и основи за дискриминација. Треба да се истакнуваат позитивни примери во државата, така што ако на нас цело време како општество ни се презентираат негативни примери, се креираат други вредности“, дециден е тој.
Тој додава дека кога постојат закани и навреди, тоа автоматски повлекува кривични импликации. Во таквите случаеви пак, тој посочува дека институциите мора да постапуваат, како и дека барањето правда пред судските власти е нешто што најмалку може да се направи.
„Таквите навреди и тоа како можеме да ги забележиме на социјалните мрежи. Треба да се внимава да не се наруши слободата на говорот, индивидуално ако имаме нарушување на чест и углед тогаш постои граѓанска парница, ако има закана особено кон високи државни официјални лица, тука обвинителството по службена должност треба да реагира, ако процени дека таа закана е континуирана, дека е возможна да се случи, а ако се работи на индивидуална основа, тогаш некој преку граѓанска парница може да си ги бара правата“, објаснува професорот Стојановски.
Неодамнешното истражување на Институтот за комуникациски студии (ИКС) насловено „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“, направено меѓу млади луѓе меѓу 18 и 28 години, лица над 60 години и приматели на социјална помош, покажа дека кaj студентите и пензионерите постои ранливост за препознавање на дезинформациите кои се пласираат на Интернет просторот. Во примерокот кој го сочинуваат 291 испитаник, од кои 193 студенти и 98 пензионери, како причини за ваквата состојба се наведуваат непознавање на функционирањето на медиумите, недоволно развиена потреба за анализа на информациите и немањето мотивација и интерес да се следат вестите. Истражувањето покажа дека околу 96% од студентите често или ретко следат вести на Интернет, односно 89.2% од испитаните пензионери.
Автор: Кристијан Трајчов