Џајковска: Инвестицијата во лицата со попреченост, особено во образованието повеќепати се враќа

0
82

43 училишта во државата имаат сензорни соби благодарение на Фондацијата „Чекор по чекор“ и Европската Унија. Сензорните соби служат да го олеснат образовниот процес, но и да го подобрат развојот на децата по попреченост. Опремени со светлечки елементи, опрема во разни бои и тактилни реквизити на учениците со атипичен развој им овозможуваат соодветна стимулација и можност да ги ангажираат своите сетила.

Има општини кои и самите инвестираат во опремување на сензорни соби, но тоа се ретки примери. Нивниот удел главно е во подготовка на училниците пред да бидат опремени. Со цел во секое училиште да се обезбеди квалитетно образование, вклученоста на сите засегнати страни е клучна. Но колку самите наставници се подготвени да ги користат овие простории за да ги стимулираат децата со атипичен развој?

Разговараме со Бранка Џајковска, Проектен менаџер во Фондацијата „Чекор по чекор“.

Бранка Џајковска

ПИНА: Што се тоа сензорни соби? Како овие интерактивни простории им помагаат на децата со попреченост?

Џајковска: Сензорните соби преставуваат простории исполнети со опрема и елементи (светлечки елементи, опрема во разни бои, тактѝлни реквизити и сл.) кои им овозможуваат на учениците соодветна сензорна стимулација и можност да ги ангажираат своите сетила, а во овие простории се работи и на подобрување на концентрацијата, на моториката, на комуникациските вештини и слично. Сензорните соби кои ги опремивме со поддршка на Европската Унија како дел од Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ имаа и нагласена образовна димензија, затоа што и просторно се сместени во основните училишта. Така овие простории се користат за индивидуална работа и поддршка на ученици со попреченост и во стимулација или намалување на нивните сензорни дразби, и при намалување на предизвикувачкото однесување на учениците, но и за постигнување на планираните наставните цели и надминување на образовните предизвици.

Важно е да се напомене, дека овие простории се придружни и се користат за дополнителна поддршка, а наставата продолжува да се одвива во училница за сите ученици.

Имаме ли обучен и стручен кадар кој навистина работи со децата во сензорните соби? Дали наставниците и другиот образовен кадар добиваат и соодветни обуки за правилно да им помогнат на децата во нивниот развој?

Во последно време, голем дел од училиштата имаат и вработен специјален едукатор и рехабилитатор кој преставува столб за поддршка на инклузијата во училиштата. Секако тука се и останатите членови на стручната служба, наставниците и образовните асистенти. Пред донесувањето на Законот за основно образование, нивното познавање за разните типови на попреченост како и начините за реализирање на наставата или поддршка на учениците со попреченост зависеше од личниот интерес за оваа тема. По донесувањето на законот, гледаме една поголема подготвеност да се истражува и самоиницијативно, но има и поголем број на обуки и можности за професионален развој.

Би сакала да потенцирам дека опремените простории од страна на Проектот изобилуваат со дидактички материјали и елементи кои го поддржуваат образованието и когнитивниот развој на учениците. Затоа сметам дека и наставниците и стручната служба се и повеќе од обучени да ги користат овие елементи и да ја подобрат наставата во училницата како и индивидуалната работа во сензорните соби.

Фондацијата „Чекор по чекор“ повеќе од 30 години го поддржува професионалниот развој на наставниците преку мноштво на обуки, менторски средби, формирање на заедници за учење и сл. Преку нашето постојано присуство во училиштата се имаме запознаено со квалитетите на нашите наставници и затоа апелираме кога ќе се сретнат со ученик со попреченост да не се плашат од овој предизвик, туку да го зграбат истиот и да се потпрат на своите знаења и вештини за индивидуализиран пристап во наставата, за користење на разни техники со цел да се одговори на различните стилови за учење на учениците, за создавање на стимулативна средина за учење и конечно за учење низ игра и сите овие вештини ќе им помогнат суштински да го вклучат секое дете и да му дадат можност на секое дете да го постигне својот потенцијал.

Според кои критериуми одредувате кое училиште ќе добие сензорна соба?

Критериумите кои се користеа за доделува грант/пакет за поддршка беа јавно објавени и беа дел од огласот. Главниот критериум беше училиштето да има запишано 2 или повеќе ученика со попреченост – корисници на стипендии од Проектот, но и да покаже посветеност кон процесот на инклузија во редовното образование и полза од предложеното подобрување за учениците со попреченост. Се бараше предложената активност јасно да го поддржува процесот на градење инклузивно училиште и да е насочена кон подобрување на пристапноста на училишната зграда и/или условите за учење.

Како дел од проектот беше предвидено да се поддржат 40 училишта со грантови/пакети за поддршка, а успеавме таа бројка и да ја надминеме и се доделија 43 гранта, со кои освен опремување на сензорни соби, се опремија и инклузивни игралишта, сензорна градина, се изгради пристапен тоалет, се доделија пакети со асистивна технологија и сл. На овој начин се обидовме да им помогнеме на училиштата да ги проценат своите приоритети за подобрување на својата инклузивност и пристапност и да ги поддржиме финансиски во тој процес.

Како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ во текот на минатата година отворивте повеќе сензорни соби ширум земјата. Но, колку ги има во Македонија? Какви се плановите во иднина?

Во рамките на проектот, Фондацијата „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери здруженијата „Инклузива“ и „Хандимак“ опреми 23 сензорни соби во основни училишта низ државата и од истите бенефит имаат голем број на ученици со попреченост. Оваа проектна активност е веќе завршена, но се надеваме дека во иднина ќе најдеме и други начини за да го поддржиме опремувањето на сензорните соби низ училиштата. Постојано од корисниците на веќе опремените сензорни соби добиваме информации за бенефитите од вакви училишни простории и се надеваме дека во иднина се повеќе училишта ќе можат да обезбедат подобрени услови за учење и развој на учениците со попреченост.

Во реализирањето на овие активности добивме огромна поддршка и од голем број на општествено одговорни компании (ОКТА, Евроинс осигурување, НЛБ Банка, Иуте Кредит, Зегин, Алфи Би, Халкбанка, Веб Фактори и многу други) за што сме многу благодарни. Ова е уште еден потенцијален ресурс кој училиштата треба да се обидат да го користат во остварување на својата визија за обезбедување на инклузивна и стимулативна училишна клима.

Колку чини една ваква просторија? Дали има интерес од Министерството за образование и наука и од локалните самоуправи, тие или државата во иднина да инвестираат за децата со атипичен развој да можат да ги добијат потребните услови?

Сензорните соби кои ги опремивме како дел од овој Проект чинеа во просек по 3400 евра. Верувам дека секоја општина може да си постави цел и да ја подобри инклузивноста на своите училишта со една ваква интервенција. Ние во моментов како дел од третата проектна кампања, реализираме средби со претставници од Општините од сите плански региони и меѓу другото ги користиме овие прилики да влијаеме на општинските претставници во своите агенди и буџети да впишат активности за подобрување на пристапноста на училиштата, опремување на сензорни соби и подобрување на инклузивната клима во училиштата.

Инаку, инвестицијата во лицата со попреченост, особено во нивното образование, повеќепати се враќа. Секоја личност која има пристап и можност да се здобие со квалитетно образование има поголеми опции да најде добро работно место, да биде социјално вклучена, а со тоа да води независен живот и да придонесе кон економскиот развој на државата. Така што, да, државата, општините и сите ние имаме бенефит секој наш граѓанин да има пристап до квалитетно образование и затоа имаме обврска да придонесеме секое дете да се чувствува добредојдено и прифатено во училиштето во кое ќе учи.

Автор: Даниел Василев