Камбери: На Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ѝ недостасуваат човечки ресурси

0
189
Исмаил Камбери

На крајот на 2020 година Собранието го усвои Законот за спречување и заштита од дискриминација. Неколку месеци потоа, беа избрани и членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) која стана професионално тело кое беше предвидено со самиот закон.

Нивната главна цел на работата се состои од обезбедување на принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи.

До Комисијата досега пристигнале над 500 претставки, а од година од година бележат тренд на нивно зголемување.

Најчесто, претставките кои македонските граѓани ги пријавуваат до Комисијата се во областа на работата и работните односи. Основата за дискриминација пак, најчесто е за припадност на маргинализирана група која вклучува интерсекциски дискриминаторски основи како пол, род, сексуална ориентација и родов идентитет.

Комисијата моментално се соочува со недостаток од човечки ресурси особено во делот на работењето по претставки за дискриминација, велат оттаму.

Подетално за работата и предизвиците со кои се соочува Комисијата, ПИНА разговараше со претседателот на Комисијата, Исмаил Камбери.

Кој е целиот делокруг на работа на комисијата?

Главната цел на работата на Комисијата е обезбедување на принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи. Во својот делокруг на работа, Законот за спречување и заштита од дискриминација предвидува вкупно 26 надлежности што ова тело за еднаквост ги има што укажува на фактот дека Комисијата има широк спектар на активности што ги презема за исполнува на главната цел за која што е основана. Главните аспекти на работата на Комисијата е постапување по претставки за дискриминација поднесени од страна на физички и правни лица, вклучување во судски постапки за дискриминација, преземање активности за промоција на принципот за еднаквост, давање на стручни мислења за закони, политики, и програми и подготовка на статистики и извештаи на квартално и годишно ниво за работата на Комисијата.

Колку пријави сте добиле од формирањето на комисијата па се досега, по колку од нив сте постапиле и од каков тип се најчесто пријавите?

Вкупно до овој момент имаме работено по 547 претставки поднесени од граѓани од почетокот на 2021 година. Најчеста област во која граѓаните пријавуваат дискриминација се областите на работата и работните односи, медиумите и јавното информирање и пристапот до јавни добра и услуги. Во поглед на дискриминаторската основа која граѓаните ја пријавуваат, најчести примери се припадност на маргинализирана група која вклучува интерсекциски дискриминаторски основи како на пример пол, род, сексуална ориентација и родов идентитет. Понатаму, граѓаните пријавуваат етничка или национална припадност како дискриминаторска основа, политичко уверување, лично својство и општествен статус, возраст и други дискриминаторски основи. Законот за спречување и заштита од дискриминација во поглед дискриминаторски основи припаѓа на таканаречен „отворен тип“ што значи дека иако таксативно се наведени голем број на дискриминаторски основи, сепак граѓаните можат да пријават основа која што не е наведена. Следствено, законот ги предвидува следниве дискриминаторски основи: раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа. Процентуално, во 2022 година, околу 55 проценти од претставките завршуваат со мислење односно со утврдување или неутврдување на дискриминација додека останатите се отфрлаат со заклучок најчесто заради неуредност или ненадлежност на Комисијата за опишаниот предметен проблем во претставката.

Каков е впечатокот од вашата досегашна работа, дали македонските граѓани знаат да препознаат дискриминација?

Во поглед на перцепцијата на граѓаните, согласно независни истражувања од страна на граѓаните, 36.9% од граѓаните се изјасниле дека доколку се соочат со дискриминација, својот проблем би го пријавиле до Комисијата. Овој процент е највисок во однос на другите институции пониски проценти. Врз основа на фактот што Комисијата постои две години и три месеци, ова е позитивен индикатор за препознавање на Комисијата кај граѓаните како независно, професионално и непристрасно тело кое се бори против нееднаквоста. Дополнително, како индикатор за довербата кај граѓаните во оваа институција може да се земе во предвид континуираното растење на бројот на претставки на годишно ниво. Следствено, во 2021 година биле поднесени 169 претставки, во 2022 биле поднесени 255 претставки додека во 2023 за првите три месеци се поднесени вкупно 91 претставка. Во однос на препознавањето дискриминација, Комисијата имаше неколку кампањи за подигнување на свеста и знаењето на граѓаните во однос на препознавање на дискриминација што како резултат се гледа во содржината на претставките каде што граѓаните точно идентификуваат во кој момент се ставени во нееднаква положба во однос на други и врз која дискриминаторска основа.

Како и дали комисијата делува за да им ја приближи на македонските граѓани идејата во однос на што го работи?

Комисијата во 2022 година имаше таканаречени „отворени денови“ во Тетово, Куманово, Битола, Охрид, Струмица, Штип и Велес каде што преку отворени штандови и состаноци со претставници од институции на локално ниво ја презентираше улогата на Комисијата и ги јакнеше капацитетите на релевантните чинители за препознавање и борбата против дискриминацијата. Истовремено, граѓаните имаа можност да разговараат со членови на Комисијата за нивните проблеми и предизвици за што беа запознаени како да поднесат претставка. Дополнително, Комисијата обучуваше 20 граѓански организации кои работат со ранливи категории на лица за тоа како да ги застапуваат овие лица пред Комисијата и како да поднесат претставки. Во 2023 година, Комисијата има испланирано и веќе е во фаза на реализација на 27 отворени денови каде што настапува со сличен концепт и во други општини.

Неодамна беше истакнато дека комисијата работи со недоволно капацитети, дали се избрани двата члена што недостасуваа во комисијата, и каков е предизвикот да се работи на овој начин?

Во моментот не се избрани двата члена. Предизвикот се согледува во фактот што останува неискористен потенцијал на двајца членови кои можат со своја експертиза дополнително да придонесат кон унапредувањето на работата на Комисијата а со тоа граѓаните да имаат подобра услуга од страна на оваа институција.

Дали комисијата има доволно ресурси за непречено да ја спроведува својата работа, и како овој недостигот може да навлезе во проблемот со секојдневното работење, но и независноста на комисијата?

На Комисијата и недостасуваат човечки ресурси особено во делот на работењето по претставки за дискриминација. Бидејќи се` повеќе претставки пристигнуваат од страна на граѓаните, следствено се креира застој во однос на ефикасното работење. Тоа се огледува во фактот што во голем дел од предметите, особено оние што изискуваат повеќе истражување или се покомплексни, да бидат завршувани надвор од законскиот рок кој е 60 дена. Бидејќи за 2023 година не ни се дозволени нови вработувања, Комисијата бара алтернативни начини за екипирање. Еден од тие начини е трајно преземање на административни службеници од други институции. Впрочем, од вкупно 16 вработени административни службеници, 13 од нив се преземени од други институции што значи дека не е направен дополнителен товар на буџетот на граѓаните со нови вработувања.

На кој начин комисијата работи на промоција на еднаквоста и спречување на дискриминацијата во македонското општество, дали имате некаков план или стратегија во однос на ова?

Во моментот Комисијата има изработено Стратешки план за 2021-2026 година и  Стратегија за превенција на структурната дискриминација и промоција на принципот на еднаквост. Токму целта на втората стратегија е тој документ да придонесе кон идентификување на причините на одделните облици на дискриминација и отстранување на структурната дискриминација во нашето општество што опфаќа поголема група на дискриминирани граѓани и граѓанки. Дополнително, Комисијата во соработка со граѓанските и меѓународните организации секоја година планира промотивни активности за подигнување на нивото на толеранција и препознавање на штетните последици од дискриминацијата во нашето општество.

Дали институциите или некои други засегнати страни соработуваат со вас, и дали досега сте се соочиле со некои пречки во комуникацијата и соработката и на кој начин сте ги решавале ваквите проблеми?

Досега сме немале значајни проблеми во соработката со институциите. Напротив, како што Комисијата се етаблира како релевантно тело кое се бори непристрасно против нееднаквоста, така ја добиваме и довербата од страна на другите институции. Следствено, Комисијата има потпишано меморандуми за соработка со Кабинетот на Претседателот на Р. Северна Македонија, Народниот правобранител, , Агенцијата за заштита на личните податоци Министерството за внатрешни работи, набрзо со НБРМ, различни правни факултети а набрзо и со носители на власт на локалната самоуправа. Дополнително, Комисијата е членка на голем број работни тела внатре во извршната власт, присуствува на интерпарламентарни групи поврзани со заштита на маргинализирани групи а веќе во последно време, радува фактот што одредени институции веќе ја консултираат Комисијата кога треба да развијат одредена политика, да донесат некаква одлука и слично.

Автор: Мартин Колоски