Петковски: Државните извештаи за несреќи на работните места се нецелосни и не ја опишуваат реалната состојба

0
275
Милан Петковски

Во 2022 година нотирани се 22 несреќи на работното место со смртни последици, што ја вбројува Македонија во земјите со висок ризик на работното место. Ова е еден од наодите во последниот годишен извештај на несреќи на работно место на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР).

Истовремено, во него се наведува дека ова е проблем кој се таложи со години, односно дека секоја нова политика е заслужна за состојбата. Дополнително, во извештајот се посочува дека клучот за намалување на повредите на работното место, кои понекогаш се со смртен исход е создавање поголема свесност.

Македонското здружение за заштита при работа е единствено од ваков вид во земјава кое од 2008 година непречено објавува извештаи за случени несреќи на работното место, ги опфаќа сите видови на повреди кои се евидентирани во текот на изминатата година. Нивната главна цел е зголемување на свесноста кај луѓето за заштита при работа, за тоа колку е важно здравјето на секој поединец, како самите работници да се заштитат и слично.

За тоа колку работниците се безбедни на работните места, каква е улогата на државата и работодавачите во заштитата на работниците, но и какви се активностите на здружението, ПИНА разговараше со членот на МЗЗПР Милан Петковски.

Што покажува најновиот извештај на Македонското здружение за заштита при работа за несреќи на работните места и каква е разликата во однос на извештаите од претходните години?

И оваа година во извештајот за 2022 година на Македонското здружение за заштита при работи (МЗЗПР) во кои ги евидентираме повредите на работното место е евидентен бројот на повредите на работното место, како оние од потежок карактер, така и оние со смртен исход. За 2022 година нотиравме 22 несреќи на работното место со смртни последици, што ја вбројува Македонија во земјите со висок ризик на работното место. Споредбено со бројот на смртните случаи на работното место во европската унија (2,11 на 100.000 работници) во Македонија овој број зборува дека гинат 3,17 работници на работните места. Ова според наши анализи ни оддалеку не ја отсликува реалната бројка на несреќи на работното место со смртен исход бидејќи во истите не се вбројани смртните случаи кај кои последица се професионалните заболувања. Охрабрува тоа што бележиме и благ пад на овие бројки на смртни случаи и споредено со годината претходно кога имавме 3.77 смртни случаи на работното место, оваа година како што напомeнавме имаме 3,17 смртни случаи на 100.000 работници.

СТАПКА НА НЕСРЕЌНИ

СЛУЧАИ 2022

ВКУПНО ПРИМЕРОК ВКУПНО

ВРАБОТЕНИ

СТАПКА
Повреди 147 100.000 693.0621 21,21
Смртни случаи 22 100.000 693.062 3,17


Дали државата изготвува некакви извештаи поврзани со несреќите на работните места?

Државата преку Институтот за јавно здравје мора да изготвува детални анализи за несреќите на работните места, следбено на податоците кои ги добива од здравствените институции каде што за здравствена интервенција се пријавува повредениот работник. Но во континуитет овие извештаи не се целосни и не ја опишуваат реалната состојба во земјата, со што се соочуваме со уште поголем апсурд, а тоа е дека со повредите на работните места многу подобро стоиме отколку една Норвешка, Шведска, Швајцарија итн. Ова недвосмислено може да се протолкува дека наша државна стратегија е да креираме лажни вести кога станува збор за безбедноста и здравјето на работните места. Зошто е тоа така, веројатно треба да го дадат одговорот од креаторот на политиките на национално ниво, а тоа е Министерството за труд и социјална политика.

Каква е вашата генерална оценка, колку работните места во државата се безбедни?

Мислам дека најдобар индикатор за тоа колку се безбедни работните места во Македонија се податоците кои претходно ги споменавме. Речиси двојно поголема е веројатноста да бидете повредени или смртно да настрадаме на работното место во Македонија отколку во Европската Унија. Уште во прилог на ова зборува и бројот на стручни и долгогодишно етаблирани работници кои засекогаш заминуваат од Македонија, или пак непромисленото најавување за зголемување на работното време без било какви анализи и со бројни прекршувања на меѓународните конвенции и директивите на европската унија.

Да сумираме, доколку е потребна оценка за безбедноста и здравјето при работа, веројатно ќе треба да го повторуваме одделението. Се обидуваме со неменување на работите да добиеме друг резултат. Тоа според светски мислители е основа за други состојби.

Што е неопходно да преземаат државата и работодавачите за намалување на бројот на смртни случаи и повреди на работните места?

Одговорност! Лична недвосмислена одговорност, а не флоскули од типот на – политичка одговорност, која самата по себе нема никаква логика и смисла кога нашите граѓани неспроведувањето на законите го плаќаат со своето здравје и живот.

Дали имате можеби сознанија и некаква статистика за случаи на работници кои кријат, односно не пријавуваат повреда на работното место и која е причината за тоа?

Сознанија – да, но статистка – не. Причината – веројатно стравот од реперкусии како губење на работното место на пример.

Што е со оние случаи на повредени работници на кои не им е исплатено боледување?

Немам такви податоци.

Какви активности презема здружението за да се зголеми свесноста кај работниците, работодавачите, но и државата за намалување на повредите и смртноста на работните места?

Колку што е тоа во можностите на една граѓанска непрофитна организација, МЗЗПР во континуитет работи на образование на македонскиот работник преку создавање на образовни модули во соработка со македонските синдикати, каде што во континуитет работиме на подигнување на личните капацитети на претставниците на работниците за безбедност и здравје при работа, македонските работодавачи, но и кај самите професионалци. Со државните институции во изминатиот период немаме соработка, освен лични контакти. Ваквата ситуација веројатно е последица на селективниот пристап на сегашната администрација.

Дали учиме на грешките кои се направени минатите години?

Не. Упорноста на државата да не ги анализира несреќите на работното место и врз основа на тие анализи да креира политики како да се избегнат или намалат несреќите на работното место, иако во континуитет ја нудиме нашата експертиза е феномен сам по себе. Ова игнорирање го толкуваме како директен притисок на државниот апарат кон граѓанскиот сектор, но секако и кон нашата професија. Со овој настап од позиција на сила губат сите, но го плаќаат со животот и здравјето македонските работници. Веќе 30 години…

Авторка: Сара Танаскоска