Стратегија за децата на улица има, но под знак прашалник е реализацијата

0
170
фото: ПИНА

И на +40 и на -10 Целзиусови степени, децата питачи под отворено небо бараат милост и по некој денар низ скопските раскрсници. Од бебиња во рацете на мајките па се до малолетни деца кои што боси, изложени на сонце, студ, дожд, ветер, издувни гасови од возилата се обидуваат да дојдат до некој денар. Ваква е сликата десетици години наназад во главниот град.

Од Првата детска амбасада за деца во светот Меѓаши за ПИНА велат дека нема точна бројка колку деца се секојдневно на улиците на главниот град, но проценуваат дека се работи за околу 250 деца. Оттаму посочуваат дека точните бројки треба да ги знаат надлежните институции.

Од Меѓаши, дополнително посочуваат дека тоа се деца кои доаѓаат од сиромашни семејства, семејства со  низок  социјален  статус  и  семејства  кои  живеат  во  ризик  се  најчесто  жртви  на експлоатација на детски труд, на трговија со луѓе чија цел се питањето, како и сексуалната експлоатација.

„Со години апелираме во јавноста и посочуваме до институции за горливиот проблем на  државата,  направивме  стратешки  и акциски план за децата на улица во Град Скопје, со секоја дојава на ‘АлоБушавко’ – телефонот за деца и млади веднаш постапуваме со обраќање до надлежните институции по основ дојава за експлоатација на детски труд барајќи да преземат соодветни мерки сѐ со цел оттргнување на децата од улица и нивна заштита, но за жал проблемот со години стагнира“, објаснуваат од Меѓаши.

Во изминатата 2022 година, регистрирани се нови 90 случаи на деца на улица, според податоците на Министерството за труд и социјална политика. За овие деца, опомена добиле само 22 родители, во дневен центар згрижени се 60 деца, а во мал групен дом се сместени 4 деца.

Од Меѓаши велат дека проблемот бара институционално  решавање, а тие претходно изготвија и Стратегија за унапредување на правата на децата на подрачјето на Град Скопје која се однесува на периодот од 2023 до 2027 година, а каде се вметнати стратегии, односно препораки до Град Скопје во однос на децата на улица.

фото: ПИНА

„Знаејќи ја големата стапка на прекршеност на детските права и злоупотребата која им се нанесува, спроведовме истражување за правата на децата на улица во рамки на територија на Град  Скопје. Стратегијата предвидува интегрирање  на  децата  од  улица  во  образовниот  процес и обезбедување на квалитетна образовна поддршка за деца“, велат оттаму.

Но, од Град Скопје останаа недостапни за да ни дадат одговор на тоа до каде е реализацијата на стратегијата за справување со деца питачи во Скопје.

И покрај препораките и стратегијата изготвена од Меѓаши, некои деца и понатаму остануваат изложени на питачење, наместо да бидат згрижени и сместени во училишните клупи или образовните институции заедно со нивните врсници.

Во меѓувреме, од Министерството за труд и социјална политика за ПИНА велат дека центрите за социјална работа ја третираат проблематиката на деца на улица, обезбедувајки право на социјална заштита, вршат сместување на децата во згрижувачко семејство или во установа од социјална заштита и обезбедуваат други права и услуги во согласност со законот.

„Kога Центарот за социјална работа ќе утврди дека родителот го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење, ќе му укажува на родителот за недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право, ќе донесе решение за постојан надзор над вршењето на родителското право и ќе спроведе стручно советодавна работа со родителите и со детето“, објаснуваат од МТСП.

Доколку пак родителот на детето не постапи по укажувањата на центарот за социјална работа и повторно го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење, од МТСП велат дека центарот за социјална работа тогаш веднаш времено го одзема детето од родителот.

фото: ПИНА

„Покренуваме постапка за одземање на родителското право пред надлежен суд и задолжително поднесуваме кривична пријава против родителот кој го злоупотребува и занемарува родителското право. На детето му обезбедуваме соодветно згрижување, до донесување на конечната одлука на судот за одземање на родителското право“, објаснуваат од надлежното министерство.

Од Меѓаши се децидни дека е неопходно сите чинители, односно сите што работат во областа на детската заштита и детските права, секој во својот домен да вложува континуирано напори за да се подобри состојбата со децата на улица. Само со усогласен и систематски начин може да се дојде до значајна промена, велат тие.

„Треба да се работи и на подигнување на свеста на општата јавност. А токму тоа најмногу недостасува. Односот на секој поединец, секој од нас како граѓани, кон овие деца неопходно е да се менува, да не ги гледаме низ призмата на стереотипи и предрасуди, зашто на тој начин само им ја потврдуваме нивната ниска самодоверба и негативна слика за себе. На тој начин сите сме одговорни за состојбата на децата на улица“, објаснуваат од Првата детска амбасада во светот.

Авторка: Ивана Јаневска