Дефицит на лекови – реален проблем за кој се потребни системски решенија

0
251
Фото: Roberto Sorin on Unsplash

Македонскиот пазар на лекови веќе неколку месеци бележи дефицит на некои антибиотици и антипиретици, лекови за зголемен крвен притисок, срцеви заболувања, ревматизам, неопходни за секојдневните терапии на граѓаните.

Овој проблем на граѓаните го потврдуваат и матичните лекари, кои за ординациите не можат да ги набават лековите кои се за итни случаи.

„Во однос на болничката терапија и пристапот до нејзе, пациентите често пријавуваат недостаток на одреден лек, лекарство и терапија, која им е препишана како редовна терапија, која мора да зема во точно определен период во или од болницата (најчесто на 21 ден).

Од различни причини, оваа терапија им станува недостапна, а со оглед на сериозноста на нивните дијагнози, ваквите прекини со терапија претставуваат дополнителен ризик за влошување на нивната здравствена состојба.

Почесто недостаток од болничка терапија ни пријавуваат онколошките пациенти, а поретко и пациентите со ретки болести. Во последните месеци пријавени ни се недостаток од одредена терапија за следниве онколошки болести – рак на дебело црево, рак на црн дроб, рак на дојка и рак на бели дробови,“ изјавија од Правна аптека за ПИНА.мк.

Оттаму велат дека најчесто граѓаните ги контактираат со цел да пријават недостаток на одредена терапија, но и да побараат совет како и каде може да се обратат да го пријават овој недостаток, но и дополнително да ги се запознаат со достапните правни механизми.

„Луѓето се исплашени од прекините на редовната терапија и како може тоа да влијае на нивната здравствена состојба, од овие причини на нив им значи секоја можност за алармирање и да бидат слушнати. Покрај пријавувањето на недостатокот од терапија, контактирани сме и да ги информираме околу можносите за рефундација на средства, кога поради моментален недостаток од одреден лек истиот го набавиле на приватно, често и од странство. Им се објаснува процедурата и потребната документација, како и пополнувањето на барањето. Во одредени случаи им асистираме и во изработка на жалби, доколку бидат одбиени. Исто така, добиваме прашања дали им следуваат и кои други права им следуваат како пациенти со специфични дијагнози.

Следствено согласно специфичнота на нивниот случај и фактичка ситуација, ги информираме дали се подобни за одредени права што следуваат согласно Законот за социјална заштита, Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за работни односи,“ потенцираат од Правна аптека.

Дефицитот на лекови не може да биде прифатлив

Претседателката на Фармацевтската комора, Весна Ставрова, за ПИНА.мк потенцираше дека дефицитот на лекови е реален проблем, но дека нема простор за паника кај граѓаните.

„Дефицитот на лекови, било да е акутна или хорнична терапија може да биде од различни причини како што се недостаток на активна супстанција за производство на истиот лек, недостаток на дел од останатите компоненти кои влегуваат во состав на истиот, доколку производителот оцени дека нема економска исплатливост во однос на потрошувачката, зголемена потрошувачка на одредени лекови во зависност од годишното време, но исто така и при епидемија, грип, настинка и слично.

За авто-имуните заболувања дефицитот е најчесто заради непознавањето, непланирањето на самите институции кои се задолжени да ги набават, но и ненавремените спроведени процедури и тендери. Најголем проблем се обезбедувањата на парични средства кои треба да се издвојат, а влијание имаат и законските прописи. Ова значи дека дефицитарноста може да биде предизвикана од застојот во производството, намаленото производство, прекинот во ланецот на снабдување, како и неинформираност на лекарите за дефицит,“ изјави Ставрова.

Таа дополнително истакна дека колапс нема да има, затоа што секој лек за акутна и хронична терапија, односно за секоја генерика за одредена болест акутна или хронична, во Македонија веќе се обезбедени барем две исти генерики, па дури и повеќе.

„Проблем имаме само кај одредена група на пациенти кои се врзани за одреден лек, а за истиот нема можност за замена со друг, алтернатива – интервентен увоз на одредена категорија на лекови за кои нема паралела во нашата држава. Дефицитарни лекови во моментов се: (Dilacor, Resohin, Paroxetin, Deprozel, Ciklosporin, Zyrtek, Rovamiycin, Lidaprim, Timolol, Ospen) и други антибиотици“, изјави претседателката на Фармацевтската комора.

Според неа, во Македонија има домашни производители кои покриваат 90-95% од лековите за акутна и хронична терапија, антибиотици, епилепсија, лекови за притисоци, орални антидијабетици, па поради ова и не постои простор за паника и вознемиреност кај граѓаните.

„Во однос на другите лекови кои не се произведуваат од нашите производители за орална или парентерална терапија во Македонија, има голем број на претставништва на странски производители на лекови кои се многу одамна присутни на нашата територија, па веќе се познати по својот квалитет. Упатувам совет до граѓаните, доколку постои можност за паралелен лек да го слушаат советот на фармацевтот, во спротивно е неопходна консултација со матичниот лекар. Инаку, овој дефицит на лекови е глобален проблем, заради недостатокот на суровини“, истакна Ставрева за ПИНА.

Според професорот, микробиологот Никола Пановски, ваквиот дефицит на лекови во една држава не може да биде прифатлив, алармирајќи дека со моменталната ситуација се загрозува здравјето на граѓаните.

„ За жал не знам што е причината за недостаток на некои форми на антибиотици, пред се во форма на сирупи за помалите деца. Сепак, без оглед на причините, недозволиво е да недостасува природен пеницилин (оспен), нетоксичен лек на избор за лекување на стрептококни инфекции. Ако сега докторите препишуваат други потоксични лекови или лекови со широк спектар на дејство, за лекување на стрептококни инфекции, само затоа што не е набавен оспен, останувам без коментар и жалам што е така. Во медицината сум од 1973-та година, период кога се запишав на Медицински факултет, и тогаш постоеше оспенот и секогаш бил достапен, ако не преку Фондот, секогаш можел да се купи. А, сега, 50 години подоцна да го нема за мене е несфатливо,“ потенцираше Пановски за ПИНА.мк.

Што да направат граѓаните доколку препишаната терапија е недостапна или доцни

Од Правна аптека посочуваат дека постојат повеќе механизми кои се достапни за реагирање на пациентите, во зависност од околностите и нивната волја за начинот на помека или поформална реакција.

„Првично ги советуваме писмено да се обратат до самата клиника, до директорот на клиниката и до Министерството за здравство, да ги известат за недостатокот од лекот и да добијат одговор од кои причини лекот е недостапен и кога истиот ќе биде недостапен. Постои можност и веднаш да поднесат писмена поплака до директорот, или поплака, претставка и сличен поднесок до Министерството за здравство. Државниот санитарен и здравствен инспекторат исто така постапува според приговорите на странките во однос на остварувањето на правата од здравственото осигурување.

На располагање им стои и поднесување на поплака до Комисијата за унапредување на правата на пациентите во рамките на својата општина. Не секоја општина има формирана ваква Комисија, но активна е Комисијата при Град Скопје, како и во уште неколку општини. Пациентите исто така може да се обратат за добивање правни совети и правна помош до Советникот за заштита на права на пациенти во болницата, со канцеларија во конкретната клиника.

Еден од достапните механизми за реакција е и поднесување претставка до Народниот правобранител. Овој механизам се обидуваме повеќе да го заживееме и ги охрабруваме пациентите да го користат, особено ако проблемот се повторува и не добиваат одговори по претходните реакции до соодветните институции“, изјавија оттаму.

Минатата недела, министерот за здравство Фатмир Меџити одговарајќи на новинарски прашања, се осврна на дел од наводите дека недостасуваат одредени антибиотици и според него, во земјава нема недостиг на лекот „амоксиклав“.

,,Се слушнав со директорот на „МАЛМЕД“, во моментов не постои таков проблем. Снабдени сме со „Амоксиклав“ и го има во моментов,” рече Меџити.

Автор: Виктор Вукановски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА