Студентите ќе почекаат за реконструкцијата на студентските домови

0
112
Фото: Студентски отпор

Министерството за образование и наука склучи договор за обезбедување на средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид, најави министерот за образование Јетон Шаќири кон крајот на минатата година. Најголем дел од овие средства или 20 милиони се заем од Германската развојна банка (KfW), додека 5 милиони евра се грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан (REEP+) на Европската Унија. Беше најавена и изградба на уште два студентски домови на две локации, меѓутоа се уште ги нема.

ПИНА ги контактираше директорите на студентските домови во Македонија. Оттаму посочија дека проектот за комплетна реконструкција на студенските домови е проект кој ќе се реализира преку Министерството за образование и наука.

„Поради тоа, за се во врска со реализирањето на овој проект, Ве молиме да се обратите кај надлежните служби во Министерството за образование и наука“, едногласни се тие.

Од МОН за ПИНА велат дека реконструкција што треба да се случи подразбира замена на сите позиции во домовите –електрични, водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување, опремување и треба да започне годинава, откако ќе биде избрана компанија која што ќе ги изведе градежните работи.

Од таму додаваат дека во прва фаза ќе бидат опфатени студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ и градежните работи треба да се завршат во рок од 18 месеци од започнувањето на работите.

Според нив, процедурите за изработка на проектната документација и тендерската документација се малку подолги, затоа што се работат по прописите на KfW и за секој документ треба да се обезбеди согласност од банката.

Од МОН не одговорија до каде е постапката на изградбата на нови студентски домови, само информираа дека пред неколку месеци е завршена изградбата на нов студентски дом во Тетово, за потребите на тамошниот државен универзитет.

„Во тек е негово опремување, по што истиот ќе биде отворен за студентите“, велат од МОН.

Претседателот на студентското собрание при УКИМ, Славчо Темелковски се надева дека во најбрз можен рок ќе се започне со реновирање на студентските домови, бидејќи самата реконструкција го решава најголемиот проблем, односно подобрување на условите во домовите.

„МОН најавуваше реновирање на студентските домови со кое требаше да започне во месец март. Средствата наменети за тоа предвидено е да се обезбедат преку донација од Германска банка, но според нашите информации со почетокот на изградбата се доцни поради се уште недобиените средства од страна на донаторите“, изјави Темелковски за ПИНА.

Како што појаснува, со самото подобрување на условите во сите домови подеднакво би значело и поголема дисперзија на студентите, односно секој дом ќе биде подеднакво исполнет со студенти.

„Постојано вршиме притисок кон МОН, но на оваа тема сметам дека одговорите треба да се бараат само од нив, бидејќи се зависи од средствата кои треба да бидат обезбедени,“ дополнува тој.

Студентски отпор: Од влага и мувла во домовите до респираторни проблеми

Милица Давчева од Студентски отпор за ПИНА вели дека условите во студентските домови се катастрофални. Според неа студентите не живеат, тие преживуваат во студентските домови.

Фото: Студентски отпор

„Студентите се соочуваат со влага и мувла во собите што резултира до појава на ресираторни заболувања, неквалитетна храна, немаат основни услови за хигена, немаат топла вода, тоалетите се во ужасна состојба, студентите се здобија со уринарни инфекции, немаат греење, им беа гасени лифтовите и ринглите и им беше гасена струјата со тоа што не беа изземени од антикризните мерки на Владата,“ посочува Давчева.

Таа вели дека се вршело и запленувањата на грејните тела од собите на студентите, со закана дека ќе ги избркаат. Немањето слух и поддршка од институциите според неа, се дел од постоечките проблеми бидејќи нема никаква одговорност.

„Властите најавија дека студентските домови ќе почнат да се реконструираат на почетокот од 2023 година. Но сепак гледаме дека тоа се уште не се исполнува и не им се подобрува стандардот на студентите на никаков начин. Ние како движење Студентски отпор излеговме со соопштение до јавноста и медиумите да ни дадат Владата и МОН прецизни рокови кога ќе се почне со реконструкција. Се уште немаме информација и сме во исчекување на што е можно побрз одговор“, дополнува Давчева

На нашето прашање како се стигнува до место за престој во студентски дом, нејзиниот став е дека тоа може да се случи само со партиска книшка.

„Приоритет и предност треба да им се даде на студентите кои што потекнуваат од социјално ранливи категории, деца на самохрани родители, студенти на невработени родители приматели на социјална помош“, вели Давчева. Според неа, децата на политичарите и функционерите студираат во странство и немаат допирна точка со реалните проблеми на студентот во Македонија.

Таа додава дека тие се идните академски граѓани и државата треба да им излезе во пресрет, да ги поттикне да останат тука, а не иднината да ја гледаат во странство. Давчева се запрашува: Колку квалификуван и образувани кадри треба да заминат оттука за властите да се освестат и да направат нешто?

Во однос на тоа што не се случува ништо во однос на реновирањето и изградбата на нови студентски домови, Давчева е децидна дека доколку МОН и Владата продолжат со игнорирањето на нивните проблеми и барања тие ќе ги заинтересираат со порадикални мерки доколку во најскоро време не им се исполнат барањата.

„Ние како движење Студентски отпор сме цело време мобилизирани и сме поучени од историјата на различните тактики на пружање отпор како што се: протести, блокирање на главните крстосници во градот, бојкотитање на наставата и блокирање на факултетите. Сметаме дека е крајно време да ни се исполнат барањата и да добиеме стандард каков што залужуваме“, завршува Давчева.

ПИНА поразговара и со студенти кои престојуваат и во домот „Стив Наумов“ и во домот „Гоце Делчев“. Тие се едногласни дека и во двата објекта за престој се потребни врски.

Студенти од „Стив Наумов“ ни рекоа дека „таму растат печурки“, тоалетите личат на бара и во околината има кофи кои стојат на точно определени места со цел да се спречат поплави. Студентите од „Гоце Делчев“ пак велат дека таму сликата е подобра, реновиран е, нема влага и мувла, има нови тоалети и мебел.

Согласни се сите дека со изградба на нови домови апсолутно би се променила сегашната состојба на студентите, би се зголемил капацитетот на легла, и би се намалиле трошоците со кои се соочуваат оние студенти кои не се сместени во домовите.

Авторка: Маја Терзиова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА