Учебната година не започна за штитениците во воспитно-поправниот дом во Тетово

0
63
Фото: MChe Lee on Unsplash

И по почетокот на второто полугодие од новата учебна година, штитениците од воспитно-поправниот дом во Тетово не ги започнаа своите часови како останатите свои врсници. Школската година се приближува кон својот крај, а тие повторно се лишени од законското право на образование.

Образовниот процес во воспитно-поправниот дом досега се спроведуваше преку програми, а се очекува да се систематизира со измени на Законот за основно образование.

Последната програма за поддршка на образовниот процес во оваа установа беше во склоп на проект помеѓу Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и МОН. Но како што информираа од УНДП за ПИНА.мк, за оваа учебна година не постои договор.

„Во моментот немаме активен договор со МОН за поддршка на образовниот процес во казнено-поправни установи“, изјавија накратко оттаму.

Од Управата за извршување на санкции за ПИНА.мк објаснуваат дека образованието за осудени лица е должно да го организира и финансира Министерството за образование и наука на нивен предлог.

Оттаму, како што посочија, во повеќе наврати пред стартот на учебната година се обратиле до МОН, но не добиле одговор, освен дека дополнително добиле допис со кои биле известени дека заради организирање на основно образование за лица постари од 16 години потребно е да се обратат до Центарот за образование на возрасни.

„По добивање на горенаведениот допис, со цел обезбедување на основно образование, Управата се обрати до Центарот за образование на возрасни, од кое добивме известување дека и тие не се надлежни за организирање на образование на лица постари од 16 години“, велат од Управата.

Клучен фактор за започнување на образовниот процес се измените на Законот за основното образование, велат од Министерството за образование и наука за ПИНА.мк.

Со измените, како што велат оттаму, се решава долгогодишниот проблем за обезбедување на редовен образовен процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено-поправните установи. Како што информираат тие, законските измени се усвоени од Владата, но во моментов се чекаат да бидат изгласани во Собранието.

„Новите измени на законот предвидуваат образовниот процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено поправните установи, наместо по експериментални програми како досега, да се спроведува по наставен план и наставни програми за основно образование на возрасни“, додаваат од МОН.

Со законските измени, исто така, предвидено е учениците по завршување на образовниот процес да добијат и свидетелства за завршено образование, велат од МОН, и додаваат дека за соодветна распределба и вклучување во образованието, доколку се под 16 години, штитениците ќе поминат низ неколку тестирања.

Наставата пак, ќе ја реализира училиште кое има верификација за образование за возрасни и реализира настава на мајчин јазик на ученикот во овие установи, односно основното општинско училиште за возрасни „Антон Семјонович Макаренко” – Скопје.

„За реализирање на законските измени првично ќе биде потребно да се вработат до најмногу 6 наставници. Бројот на наставници што ќе треба да се ангажираат во иднина ќе зависи од бројот на штитениците во воспитно – поправните и казнено – поправните установи и групите, односно паралелки кои би се формирале“, посочуваат од МОН.

И од МОН и од Управата за извршување на санкции сметаат дека законските измени се клучен фактор за започнување и спроведување на образовиот процес во домовите. Но, кога измените ќе се најдат пред пратениците засега е непознато.

Инаку, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во март минатата година, утврди директна продолжена дискриминација сторена од МОН поради тоа што децата во Воспитно-поправниот дом во Тетово немале пристап до задолжително обраазование.

Авторка: Симона Паскоска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА