Поради честите напади кон новинарките, потребно е охрабрување и застанување зад нивната работа од медиумите во кои работат.
Жените новинарки се соочуваат со специфични опасности и сè повеќе, новинарите, а особено жените новинарки, се соочуваат со вознемирување преку Интернет. Според нив, најчесто не се критикува нивната работа, туку новинарката се напаѓа затоа што е жена, и таа се навредува на сексистичка основа. Малите плати и еден човек надлежен за се, како и договорите на дело и на определено се исто така дел од низата проблеми со кои најчесто тие се сретнуваат. Ова е заклучокот од дискусијата за жени новинарки во третиот ден од Media Festival Skopje, кој се одржа неодамна и беше посветена на предизвиците во нивната работа.
Симона Паскоска, новинарка и учесничка во програмата за жени новинарки на ПИНА вели дека е сведок дека доста од колешките се соочуваат со предизвици дури и со напади, но додава и дека тоа се случува во целиот свет не само кај нас.
Силвана Жежова, менторка во програмата за жени новинарки во ПИНА истакна дека во истражувањето на ПИНА каде беше направена анкета во која одговараа жените новинарки покажа дека над 80 проценти од жените се соочиле со онлајн вознемирување.
„Кога ќе се случи тоа во една редакција потребно е да се фокусира проблемот, уредникот да застане зад нејзината работа, да се процесуира тоа низ институциите, едноставно жената новинарка да се охрабри и понатаму да продолжи да ја врши својата работа, но да биде сигурна дека има заштита, а таа заштита пред се доаѓа од главниот и одговорен уредник во редакцијата каде што работи. Најчесто не се критикува нејзината работа, туку се напаѓа затоа што е жена, и таа се навредува на сексистичка основа“, децидна е Жежова.
На прашањето дали се соочиле со вонемирување и дали го пријавиле истото Паскоска рече дека досега не се соочила со таков напад, но доколку би се случило таа секако би пријавила, и се надева дека сите пријавени случаи во иднина би добиле разрешница. Жежова додаде дека двапати била цел на такви напади каде во првиот случај се добило разрешница. Таа порача и дека доколку МВР има војла да ги реши овие настани има и механизми со кои би можеле да ги спречат.
Жежова истакна дека најчесто не се препознава и не се пријавува насилство од страна на новинарките.
„Затоа е добро да се детектира за да може да се препознае, а потоа да се пријави и тогаш работите можат да тргнат во позитивен правец и да се направат промени“, вели таа.
Паскоска додава дека доколку во иднина би се соочила со некаков напад дали онлајн или физички, смета дека може да се избори со тоа, затоа што верува во себе.
„Сакам да работам како новинар и сакам да им дадам поддршка на сите новинари и новинарки затоа што нашата професија е навистина прекрасна и сите кои што сакаат да ја работат не треба да се обесхрабруваат“, вели таа.
Новинарките говореа и за значењето на работата на Програмата за новинарки во ПИНА. Тие воочија дека одлична е можноста и освен менторската поддршка и изработката на стории дава и еден развој на кариерите на сите новинарки. Создава и сигурен простор за сите новинарки да ги искажат своите ставови и мислења.
Паскоска вели дека за програмата на ПИНА е навистина добро организирана програма каде што жените новинарки имаа можност да истражуваат и да направат одлични стории кои што можат да ги читаат читателите преку платформата.
„Тоа е многу добра идеја и замисла затоа што многу е потребно да се зборува за жените новинарки, и не само во Македонија туку и во целиот свет, одлична е иницијативата и се надевам дека ќе продолжи и во иднина“, изјави Паскоска.
Жежова вели дека младите новинари мора да се насочуваат и ако не им се посветува внимание и нема од кого да учат, бргу го губат интересот за професијата бидејки сметаат дека не се соодветни за работата.
„Ние со работата на ПИНА за жени новинарки и млади новинари се фокусираме на она што се запоставува во редакциите. Така и се зголемува интересот за оваа професија. Има потенцијал меѓу младите новинари, но треба да се види меѓу нив и да се искористи“, вели Жежова.
Моќта е во работникот, и работодавецот зависи од него
Во однос на финансискиот аспект и воопшто малите плати, како и тоа дека во помалите градови една новинарка работи повеќе позиции како фотографка и снимател, а финансиите се многу мали како и за разликата меѓу платите на новинарите и новинарките Паскоска вели дека треба да се зголеми финансискиот надоместок, а тоа го кажува и самиот факт дека студенти на новинарство речиси и да нема.
„Никој не сака да се занимава со оваа професија, се откажуваат и се насочуваат на нешто сосема друго кое има повеќе финансиски средства, а тоа еден човек надлежен за се, се случува скоро и во сите редакции не само во помалите градови. Тоа е навистина штета затоа што на новинарот му се одзема креативноста, односно не може да се насочи само на сторијата туку треба да прави и фотографија и видео. Исто и на повисоките позиции како уредничките, се се повеќе мажи“, смета новинарката Паскоска.
Жежова пак, не може да се согласи со фактот таа а и колегата да вршат иста работа, а да се различно платени, односно тој да е поплатен затоа што е маж.
„Досега јас во редакциите не сум се соочила со тоа, но факт е дека во реалноста постои. За тоа зошто сме малку платени, сметам дека кога се договараме со уредниците за плата, треба да си го цениме својот труд и самите да се избориме за повисока плата. Тие можат да понудат, но наше е дали ќе прифатиме. Моќта е во работникот, и работодавецот зависи од него“, додава Жежова.
Според неа, слободата на изразување е поврзана многу со финансиската независност.
„Кога би можеле медиумите да бидат финансиски независни кои добиваат средства од сомнителни извори, ќе можат и послободно да пишуваат бидејќи никогаш нема да должат оправдување за она што го напишале. И уште многу треба да се работи на тоа прашање затоа што текстовите се филтрираат повеќе пати пред да се пуштат во јавност“, потенцира Жежова.
Во однос на договорите на дело и на определено време кои се голем проблем особено кога новинарката треба да оди на породилно отсуство Паскоска смета дека тука дефинитивно нема правда затоа што сите новинари си ја вршат подеднакво работата, и требаат да имаат ист договор.
„Непознато е и дали после породилното отсуство ние и би можеле да се вратиме на работа. Жената новинарка може да се доведе така во ситуација да нема работа и да биде на работ на егзистенцијата“, истакнува Паскоска.
Жежова вели дека дел од медиумите и не можат да дадат трајни договори зошто некои од нив и не знаат колку ќе постои самата редакција.
„Толку е несигурна новинарската цена кај нас, затоа што може да се случи договорот да ви биде потраен од самиот медиум“, рече менторката Жежова.
Силата е кога можете како новинари да застанете на страната на дискриминираните
Новинарките дадоа и свој став околу тоа зошто го одбрале токму новинарството како професија.
Жежова рече дека во оној момент коа преку сторијата го кревате гласот на обичниот граѓанин и го изнесувате неговиот проблем пред јавноста и барате решение за тоа во тој момент се чувствувате силен бидејки имате моќ да бидете од страната на немоќните и вие сте гласот на безгласните.
„Тоа ве води, а не дали сте жена новинарка или новинар. Желбата да се промени нешто во општеството и да се застане на страната на слабите и дискирминираните каде општеството е глуво и немо за нив, тоа е вашата сила, да го ставите граѓанинот на пиедестал“, посочи таа.
Авторка: Маја Терзиова
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА