Предизвиците на локалните и млади новинари, солидарноста и вмрежувањата-дел од темите на Медиумскиот фестивал

0
20

Осмото издание на Медиумскиот Фестивал Скопје беше насочено кон локалното новинарство и проблемите со кои се соочуваат медиумските работници во тие медиуми. Во таа прилика се одржа и дискусија токму на таа тема каде присутни беа новинарки од Велес, Прилеп, Крива Паланка и Куманово кои зборуваа за предизвиците со кои се соочуваат.

Говорнички беа Убавка Јаневска од Велес која е сопственичка на порталот дума.мк, Светлана Ристеска, главен и одговорен уредник на неделникот Зенит, Христина Николоска, фриленсер и Александра Максимовска, дописничка за МИА од Куманово.

„Во Велес во моментов функционираат само три веб-портали и две радија, а ги и нема двете локални телевизии. Еден од најголемите проблеми е откажувањето на националните медиуми од дописничката мрежа. Кога во Велес има настан, таму обично стојат тројца новинари, двајца сниматели и тоа е се. Воедно, моите информации говорат дека веќе пета година по ред нема запишано студент на новинарство ниту на УКИМ ниту на УГД. Дури и последните кои се запишаа ги одбраа односите со јавноста, а не новинарството што не дава надеж дека професијата на локално ниво може и понатаму да опстои и да се одржува“, рече новинарката Јаневска.

За ситуацијата во Прилеп зборуваше Ристеска која рече дека своевремено имало по 120 пријавени студенти и биле примени само по 40, за разлика од денес кога бројот на студенти по новинарство брои едвај десетина.

„Големата љубов кон професијата не прави да бидеме жилави, но во исто време локалните медиуми се многу нежни и лесно е да бидат повредени. Финансирањето и одржливоста на медиумот е најголем проблем од секогаш. Преку нашиот глас вечерва треба да направиме напор за да имаме подобри услови и некој и нас да не забележи. На нас неопходно ни е вмрежување и помош за таквите информации циркулираат и бидат слушнати“, објасни новинарката Ристеска.

Новинарката Николоска која се занимава и со истражувачко новинарство вели дека дури и во ситуации кога работи на истражувања, обраќа внимание на локалните теми бидејќи смета дека се особено важни во општеството.

„Во Крива Паланка нема локален медиум, освен дописник за МИА и еден портал кој повремено обработува локални теми, но со послаб интензитет. Кога се затвораа локалните и регионалните медиуми своевремено, имаше реакции од граѓаните бидејќи тие сакаат да бидат информирани за тоа што се случува во нивното општество. Немаме медиум преку кои би биле информирани за случувањата во градот генерално“, вели Николоска.

Во Куманово ситуацијата за нијанса е малку подобра од другите градови.

„Токму поради тоа што сме малку новинари, има ситуации кога не можеме да стигнеме на сите настани и да известиме за се што се случува во нашиот град. Она што јас можам да го кажам е дека од малите градови почнуваат најубавите приказни. Сум работела за безброј национални медиуми и порано имаше приказни со човечка сторија, сега тоа повеќе го нема. Сега се занимаваме со дневно-политички теми кои не треба да бидат толку важни. Сметам дека е потребно националните медиуми да ангажираат по еден новинар кој ќе покрива еден регион во државата. За такви медиумски куќи сметам дека трошоците не се проблем, а за локалното новинарство тоа ќе значи многу“, изјави Максимовска.

Како дел од програмата, вториот ден беше одржана Дискусија каде воедно беше презентиран и Интерниот водич за родово сензитивно известување за „Слободен Печат“ во соработка со ПИНА каде збор зедоа новинарките Мирослава Симоновска и Агнеса Чаволи.


Водичот за родово-сензитивно известување е компас за навигирање во секојдневните новинарски задачи, креирање на медиумски содржини на начин на кој се внимава на родовите нееднаквости во општеството и тој се стреми кон правично прикажување на жените и мажите односно нивните идентитети и искуства.

Новинарката на „Слободен печат“ Агнеса Чаволи истакна дека принципот на родово-сензитивно известување веќе почнал да се применува во нивната редакција, а прирачникот е само едно надополнување и помош на тој пат.

„Новите генерации пополека ги менуваат начините на известување и пополека се менува објективизирањето на жената и негативните термини за гледиштето на жената и како таа се прикажува во медиумите и во вестите. Мислам дека треба уште да се работи во таа насока“, рече Чаволи.

Според новинарката Мирослава Симоновска, нивниот медиум се одлучил на овој чекор за да го подигне нивото на свест, во согласност со европските и светските стандарди.

„Вакви водичи се пракса во големи медиумски корпорации и во Европа и во Америка, во поразвиените демократии. Точно е дека водичот е новитет во Македонија но не е новитет во светот. Прирачникот ни е корисен поради менување и унапредување на содржините, вклучување на жени експертки во содржините, како и да продолжиме во насока на тоа да бидеме чувари и помагачи и кога известуваме за теми каде има насилство врз жените, да ги понудиме и решенијата и надежта која треба да произлезе и други да се охрабрат да пријават“, рече Симоновска.

Во однос на известувањето и уредувачката политика на медиумите, Симоновска рече дека во нивиот медиум постои огромна слобода од која испливува вистината при истражувањето.

„Не можете да се чувствувате слободни да истражувате и да прашувате, да отворите теми ако знаете дека тоа некој ќе ги во цензурира. Кај нас нема таков проблем. Токму поради тоа дојдовме до тоа да имаме ваков водич. Во однос на целокупниот медиумски пејзаж, тоа може многу да зависи од сопствениците, уредништвото, не би требало, но понекогаш и од маркетингот во медиумот“, изјави таа.

Потоа беше одржана и друга дискусија каде се зборуваше за солидарноста и градењето заедница меѓу жените во медиумите каде збор зедоа Кристина Озимец, претседателка на ПИНА, Бјанка Станковиќ, како и новинарките Маја Раванска и Марија Митевска.

На дискусијата беше истакнато дека иницијативи како што е Програмата за жени новинарки во ПИНА се клучни за кревање на гласот за проблемите во медиумската сфера кои се насочени кон жените медиумски работници.

Исто така, беше потенцирано дека подигнувањето на солидарноста меѓу новинарките и медиумските работници е клучно за посилна заедница меѓу жените во медиумите, а се разговараше и за големиот број на случаи во кои новинарките се соочиле со онлајн вознемирувањето.

На последниот ден од фестивалот се одржа нова дискусија на која се зборуваше за привлекувањето на млади луѓе во новинарството и што може да се направи за да се подобри таквата состојба.

Говорници на таа дискусија беа младите новинари Бојана Спасовска, Михајло Донев и Сара Танаскоска.Тие побараа подобро образование со практична работа, повеќе неформални програми и повисок финансиски стандард.

„Инспирацијата да запишам новинарски студии дојде од промените кои потекнуваат од новинарите. Тие иницираат решавање на некој, нечиј проблем. Новинарството е професија која му служи на општеството, на вистината, демократијата… или би требало така да биде. Новинарството не смее да биде исполитизирано, да исполнува нечии интереси“, истакна Спасовска, студентка на новинарските студии при Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

Според Танаскоска која од скоро е дипломирана студентка по новинарство, на оваа студентска програма пиедесталот е поставен на правните предмети, додека стручните новинарски предмети се изборни и не сите студенти ги ставаат на исто мерило со задолжителните.

„Мислам дека тука беше клучниот проблем – не бевме доволно спремни за работа. Да, имавме теоретски дел, но праксата беше таа која ни фалеше. Таа пракса и менторска поддршка која ми фалеше ја добив во ПИНА.mk, каде научив многу работи. Тој прв чекор да дојдам таму беше многу тежок бидејќи немав никакво искуство и не знаев потребни работи за новинарството“, појасни таа.

Она што новинарот Донев најмногу го фасцинирало, во негативна смисла, е тоа што новинарските предмети како Радио и Телевизиско новинарско биле изборни кога тој студирал.

„Јас започнав да работам без искуство и без знаење. Тука е тешко, додека да се влезе во шема, да ги запознаеш колегите и тие да те запознаат. Најголемиот проблем лично за мене беше што јас очекував, очигледно живеев во некој друг свет, обука и поддршка од самите уредници или поискусни новинари, меѓутоа не ја добив. Мора сам да се снаоѓаш и сите ние кои ја работиме оваа професија сме свесни за ова. Посебно тоа го почувствував кога почнав да работам на телевизија, а претходно работев во електронски и во печатен медиум. Тоа е многу голем минус бидејќи уште на факултет недостига пракса и тоа следи и понатаму. Мора да си снаодлив, сам ‘да купуваш’ знаење од колегите, а доколку го очекуваш – нема да го добиеш, барем тоа е моето искуство“, посочи Донев.

Младите новинари изразија надеж дека ќе дојдат некои поубави времиња за оваа професија, но и потенцираа дека се соочуваат со со дезинформации, со недоверба во медиумите каде што поради одредени причини со текот на годините луѓето не веруваат и сметаат дека новинарите се можеби нечии платеници и работат за туѓи интереси, но во исто време модераторката на дискусијата Ангела Петровска потсети дека новинарите и новинарките се тука за луѓето и дека тие се нивната приказна и тие работат за нив.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА