Социјалната помош во сенка на инфлацијата, расте бројот на социјално загрозени лица

0
50
Фото: Towfiqu barbhuiya on Unsplash

Во Македонија е тешко да се дојде до точната бројка на граѓани погодени од енергетската сиромаштија и високата инфлација, бидејќи не постои база на податоци, туку бројката се проценува на околу 30% од населението, а тука не влегуваат само примателите на социјална помош, туку и средната класа, велат истражувањата спроведени од невладината органзиација, „Лаг Агро Лидер“.

Даниела Цветановска од „Лаг Агро Лидер“ за ПИНА.мк вели дека според податоците во последните години, каков што е примерот со 2022-та, дури за 54% е зголемен бројот на граѓани – корисници на гарантирана минимална помош во земјава.

Иако не постои официјална база на податоци, сепак, бројката на корисници се проценува на околу 30% од населението, со напомена дека тука не влегуваат само примателите на социјална помош, туку и средната класа, потенцира таа.

„Во 2019 година социјална помош во Македонија добивале 76.000, додека во 2021 година, поради енергетската криза и кризата со храна, тој број се искачил на 117.000 индивидуални лица. Релевантните државни органи немаат објавено податоци за 2022 година. Во услови на енергетска криза и криза за храна не се знае каква е ситуацијата во 2022 година, а тие информации се потребни за формирање економски план и правец во кој треба да се движат економските и социјалните политики на Владата. И покрај мерките на Владата за поддршка на ранливите категории граѓани за време и по завршување на кризата, Министерството за труд и социјална политика изготви Закон за финансиска поддршка на социјално ранливите категории граѓани за справување со енергетската криза, но, бројот на сиромашни лица се зголемува,“ алармира Цветановска.

Имајќи предвид дека според мерењата на Сојузот на синдикати, минимална кошница за март изнесува близу 59.000 денари, од Лаг Агро Лидер апелираат дека социјално ранливите категории не успеваат да си ги пружат егзистенцијалните потреби за нормален живот.

Според Цветановска, помошта од Владата е добредојдена, но не и доволна, бидејќи социјалната помош не се зголемува со порастот на инфлацијата.

„Кога трошоците за живот од месец во месец се се повисоки, не може на најранливите да им се даваат трошки. Но, за да излезат овие лица од сиромаштија, треба да се даде барем минимална плата. Владата донесе пакет мерки кои се однесуваат на корисниците на социјална помош, што реално ја покажаа нивната ефективност, но на краткорочен план. Дел од таквите мерки предвидоа ваучери во вредност од по 1.000 денари за 3 месеци за 35.000 корисници, кои би се користеле за купување основни производи. Потоа следуваа субвенции за пензионерите (по 1.000 денари за 3 месеци за 326.840 пензионери) започнувајќи од мартовската, а завршувајќи со мајската пензија како дополнување на пензијата. Овде беше реализирана и финансиската поддршка на приматели на пониска пензија, до 11.525 денари (по 6,000 ден и 3,000 ден за 4 месеци), како и повластена стапка на ДДВ од 5% за електрична енергија за домаќинствата до крајот на годината и многу други, со што се покажа дека може да се помогне на оваа категорија на граѓани, но со корекција во иднина ваквите мерки да бидат имплементирани на подолги стази,“ вели Цветановска за ПИНА.мк.

Социјалната помош е повисока, но вредноста на парите и куповната моќ е се помала

Суад Мисини, активист за човекови права, кој долго време ja следи политичкатa, економскатa и социјалната сцена во Македонија, во изјава за ПИНА.мк вели дека социјалната помош има континиуран третман на нужно зло и формално исполнување на уставниот постулат дека сме социјална држава.

„Социјалната политика, генерално земено, е скапа работа и нејзиното дизјанирање дикретно зависи од убедувањето на политичките елити за тоа што се приоритети во општеството. Така, и моменталната состојба е резултат на континуираното запоставување на темелните хумани принципи кои се сите впрочем спомнати во Уставот и сите до еден се оживотворување на фундаменталниот принцип дека државата постои заради заштита на човековите права. Иако политичарите преферираат да се фалат со износи кои ги „овозможиле“ за социјална помош, тоа не го брише генералниот пристап кој континуирано постои, а со кој се урива Уставот на едно драматично ниво. И конкретно, иако денес социјалната помош во апсолутен износ е повисока од било кога, вредноста на парите и куповната моќ е помала од било кога,“ вели Мисини.

Тој додава дека кога се споредуваат категории како социјална помош и инфлација, се рефлектира една елементарна неспособност за соочување со реалноста, бидејќи инфлацијата како математичка операција не може да се земе како репер за дизајнирањето на социјалната помош во една држава.

Според Суад Мисини, чесно би било кога политичарите се расфрлаат со бројки, тоа да се прави во дефиниран контекст.

„Тој контекст е, меѓудругото, куповната моќ во даден период, бруто домашниот производ (чии вредности се постојано предмет на манипулација и фалсификување), природата на секој буџет и особено неговата реализација. Така, контекстуалните споредби давааат јасна слика за успешнсота на одредени политики во даден период, но сите тие имаат еден заеднички именител кој се провлекува во континуитет: Не може да се преживее со просечна плата (која највулгарно се расте на вештачки и штетен начин), без оглед колку таа изнесува во апсолутни бројки, наспроти причината на нејзиното постоње, државата не се грижи за човечкиот живот. Синдикалната минимална кошница за месец март изнесува 58.998 денари, што значи дека само за еден месец се зголемила за 1.522 денари, што веројатно е најблискиот параметар за релевантните потреби на граѓаните, иако не и најдобар, но таа е некаков биолошки минимум за преживување, а социјалната помош е светлосни години од тој минимум,“ категоричен е Мисини.

Според него, начинот на кој се дизајнираат политиките, но и практикувањето на процедурите, подразбира континуирано прекршување на правата на граѓанинот.

„Законите што ја регулираат оваа сфера се контрадикторни, со страшни дупки што остава простор за масивно манипулирање и креативно толкување, па дури и измислување правни норми за моменталните потреби на администрацијата или одредени интересни групи. На пример: испалта на права по однос на бременост доцнат и по една година, за потоа државата да ги оданочи тие права со дополнителен персонален данок! Или, за одредено решение кое треба да ви го издаде Центар за социјални работи, за да тоа добие печат за правосилност, треба да се потпише изјава дека решението нема да се обжали … листата е бесконечна, но сите проблеми произлегуваат од една причина, уставот не е репер за почитување на истиот, напротив, манипулациите кои се прават на сите нивоа, со бројки, пресметки, буџети, но и начинот кој се избира за финансирање на социјалната политика, всушност ја покажуваат намерата која покажува дека социјалната грижа е нужно зло и последна ставка на листата на државните интереси,“ вели Мисини.

Властите уверуваат дека мерките делувале

Дека инфлацијата и енергетската криза доведоа до зголемување на основните трошоци за живот како што се сметките за струја и основните прехранбени производи, потврдуваат и од Министерството за труд и социјална политика.

Оттаму велат дека ваквата криза резултира секаде во светот со намалување на квалитетот на животниот стандард кај граѓаните, но и со стагнирање на економскиот раст во земјата. Па токму поради тоа, од Владата се донесени пакет мерки со намена да се ублажи шокот од вртоглаво зголемените цени на енергенсите на светските берзи, но и зголемување на социјалната помош на најранливата категорија на граѓани во земјава.

Од Министерството за труд и социјална политика во изјава за ПИНА.мк велат дека моменталниот број на корисници на Гарантирана минимална помош или како што порано се нарекуваше Социјална помош изнесува 36.650 корисници. Додека износот на правото е 5.256 денари за едно лице, согласно последното покачување на правата од детска и социјална заштита од 9.3%.

Оттаму велат дека предизвиците во изминатите години биле големи, но уверуваат дека соодветните мерки делувале за намалување на сиромаштијата во Република Северна Македонија.

„Изминатите години не само нашата земја, туку и глобално светот се соочи со енергетска и здравствена криза и тоа голем дел од луѓето ги доведе до работ на сиромаштијата, голем дел од работните места беа затворени, луѓето ги напуштија своите работни места и тие мораа да останат дома. Затоа во 2019 година со новата социјална реформа креиравме еден флексибилен систем за социјална заштита кој можеше да ги згрижи сите лица на кои им беше потребна поддршка од институциите. Тоа беше моментот кога исклучително многу се зголеми бројот на корисници на Гарантирана минимална помош. Но, тука ние не завршуваме со нашата работа, најважно е да ги знаеме и следните чекори кои ќе ги преземаме како Министерство за труд и социјална политика. По згрижувањето на граѓаните во системот за социјална заштита потребно е да направиме и конкретни чекори за да ги извлечеме лицата од него и да ги вклучиме на пазарот на трудот. Затоа што за нас е најважно да имаме економски независни граѓани кои имаат квалитетен живот во нашата држава. Затоа во иднина ќе работиме на систем кој ќе ги вклучува примателите на ГМП на пазарот на трудот согласно потребите кои се јавуваат за работници,“ велат од МТСП за ПИНА.мк.

Од Министерството за труд и социјална политика додаваат дека само за правото од социјална заштита – Гарантирана минимална помош за изминатата година се одвоиле над 3 милијарди денари.

„Во однос на претходната година, во оваа 2024 година за сите права од социјална заштита одвоени се 9 милијарди денари. Меѓутоа, како што и претходно беше споменато нашиот систем за социјална заштита е флексибилен и доколку има потреба од повеќе средства за поддршка на граѓаните на крајот од годината, тие прашања се решаваат со ребаланс на буџетот“, истакнуваат оттаму.

Иако се согласуваат дека животот на примателите на социјална помош во Македонија е тежок и крајно предизвикувачки, сепак, од МТСП велат дека системот за социјална заштита не е креиран за да издржува семејства, туку да ги зајакнува додека не станат економско независни граѓани во општеството.

„Република Северна Македонија функционира со начелото на солидарност, државата ги поддржува оние лица кои се материјално обезбедени и се наоѓаат во еден период на транзиција каде од материјално необезбедени лица, преминуваат во лица кои се вклучени во системот за социјална заштита и потоа треба да го направат и последниот чекор односно да се вклучат на пазарот на трудот. Земајќи предвид дека лицата кои примаат Гарантирана минимална помош се приматели и на останатите права од социјална и детска заштита согласно критериумите и последните покачувања на истите примањата на едно материјално необезбедено семејство достигнуваат и над 26.000 денари. Само Гарантираната минимална помош за пет или повеќе членови моментално изнесува 16.361 денари. Истите тие семејства согласно критериумите примаат детски додаток, туѓа нега или било кое друго право од детска и социјална заштита. Сепак, нашите реформи во случајов се  применуваат за моментална поткрепа на социјално загрозените семејства, се до нивно нормално адаптирање во општеството,“ потенцираат од МТСП.

Од таму додаваат дека Владата го следела растот на инфлацијата, па следствено на тоа и се имплементирале реформи за ублажување на кризата, иако покачувањето на износите на правата од детска и социјална заштита не биле донесено само во периодот на инфлација.

„Со реформата во 2019 година и со измените на Законот за социјална заштита правата од детска и социјална заштита се усогласуваат секој јануари односно на почетокот на секоја година согласно трошоците за живот. Во однос на дополнителни средства кои се исплаќаат на социјално ранливите категории на граѓани, изминатиот период донесена е финансиска поддршка од страна на владата со која е предвидено 2.000 денари месечно во период од пет месеци за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители кои се корисници на гарантирана минимална помош. Воедно во зимскиот период на примателите на ГМП како енергетски додаток им се исплаќа по 1.316 денари, истакнуваат оттаму за ПИНА.мк.

Според експертите, решението треба да се гледа и бара на долги патеки, бидејќи земјава е сè уште рангирана на врвот според моменталната инфлација во однос на земјите од регионот, додека е меѓу најниските нивоа во однос на економскиот раст. Таа е една од ретките источноевропски земји која сѐ уште не е закрепната од пред економскиот пад поради ковид кризата. Македонија се наоѓа под нивото на приход пред пандемијата, а една од причините за оваа состојба е несоодветната фискална поддршка обезбедена од Владата, бидејќи поддршката повеќе беше насочена кон високобуџетните компании отколку кон ранливите групи граѓани.

Автор: Виктор Вукановски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА