Недостиг на кадар и опрема, немањето термин за специјалистички прегледи, дефицит на лекари специјалисти, лошите услови за работа се само дел од проблемите во здравствениот систем. Се поголем е бројот на македонски лекари кои за подобри услови заминуваат да работат низ земјите од Европа. Административните потешкотии, неизвесноста, постојаните партиски вработувања, дискреционото право на директорите да одлучуваат за судбините на младите лекари се меѓу најголемите проблеми на системот поради кои најголем дел од младите лекари одлучуваат да ја напуштат земјата, вели доктор Бојан Трајковски од ПЗУ Медика ВЕРА, кој е и дел од извршниот одбор на Асоцијацијата на млади лекари. Според него, ако барем во некој дел не се подобри моменталната слика, ќе биде уште полошо.
Како го оценувате јавното здравство во земјава? Со какви предизвици се соочува македонскиот здравствен систем?
– Каков и да е нумеричкиот систем на оценување, на кој и начин да го оценуваме реалната оценка за нашето здравство за жал е едвај прелазна оцена. Предизвиците со кои се соочуваме се навистина големи, предизвикани колку од несовесната грижа на здравствените власти, толку и тука мораме да сме искрени и од пристапот кој медицинските работници го имаат кон истиот. Недостасуваат многу работи, потребни се навистина големи промени и реформи, нешто за што години наназад речиси никој не се ни обиде во мал дел да ги оствари.
На што се должи тоа што постојано се чека за термин од Мој термин, често апаратите не работат или ако па работат се чека со месеци да се направи преглед? Како успевате Вие да им закажете термин на пациентите? Каде ги упатувате доколку не можете да најдете термин?
– Проблемот со термините во Мој термин за жал стана неисцрпна тема на разговор имајќи предвид тоа што од самото воспоставување на истиот чекањето речиси и да не се намали во ниту една специјалност, а причините се повеќе бројни. Примарниот проблем секако е се помалиот број на лекари специјалисти кои може да го изведат потребниот преглед, секако неизостанува и претераното користење на термините за минорни интервенции и прегледи кои може да се направат и на примарно ниво, а не смееме да заборавиме дека и голем дел од пациентите се препраќаат кон Скопје каде и во принцип е најголемиот проблем за термини. Јас лично како и сите мои колеги во примарното здравство се соочувам со проблемот на закажување на термини па најчесто се трудам се што можам да сработам на примарно ниво или ако има потреба на крајот користам лични контакти од лекари специјалисти со цел наоѓање на решение за проблемот на пациентот.
Со кои проблеми вие како доктор во примарното здравство секојдневно се соочувате и како се справувате со истите?
– Најголемиот проблем со кој се соочуваме во примарното здравство е тоа што сета вина за неправилностите и неисправноста на системот се префрла токму на нас и најчесто пациентите тука го посочуваат виновникот без да се свесни дека проблемот е системски и е проблем на сите нас. Папирологијата, големата бирократија, постојаното принтање на рецепти, упати, потврди е само дел од она што како матични доктори ни претставува проблем па често на шега знаеме да кажеме дека сме повеќе администрација отколку медицински работници кои би требале да дијагностицираат и лекуваат, а не бирократски да ги решаваат проблемите.
Вие сте дел и од извршниот одбор на Асоцијација на млади лекари, каква е состојбата на младите лекари ?
– Секогаш кога ќе треба да говорам или во случајов пишувам за младите лекари искрено чувствувам голема навреда, секако не од вас туку од државата. Место да говориме за едукација, кој професор да го донесеме, каква метода да воведеме, кој центар за подобра пракса на младите да го отвориме, ние говориме за основна плата, говориме за немање на осигурување и породилно за приватните специјализанти, говориме за тоа колку „заслужувал“ младиот лекар и ред други работи кои во други земји се подразбираат се со цел единствената грижа на младиот лекар да биде едукација, пракса и грижата за пациентите, а со самото тоа и се поретката мисла за напуштање на Македонија.
Зошто си заминуваат македонските лекари, дали е тоа повеќе европски тренд или пак е проблем на системот?
– Европски тренд е секако и е нешто што им се случува и на најголемите и најмоќни здравстевени системи, но ние таков луксуз со тие бројки кои секојдневно се прикажуваат едноставно не смееме да си го дозволиме. Тука многу ќе речат да ги платиме подобро и ќе решиме се, но верувајте тоа е меѓу трета или четврта причина за која заминуваат. Административните потешкотии, неизвесноста, постојаните партиски вработувања, дискреционото право на директорите да одлучуваат за судбините на младите лекари се меѓу најголемите проблеми кои ако барем во дел не се подобрат сликата која е моментална ќе биде се полоша.
Што е клучно што треба да се промени во здравствениот систем, за поефикасно и подобро јавно здравство и задоволни пациенти? Какви реформи се потребни?
– Првата и основна реформа која треба да се направи е да се дадат поголеми ингеренции на матичните лекари и за истото да бидат соодветно мотивирани. Да се регионализира здравството односно да се посвети поголемо внимание на центрите во внатрешноста и со подобрување на тамошните услови, младите колеги по завршување на студиите веднаш да бидат вработени во нивните матични градови со цел постојан и континуиран тек на работата, а и нивното образование. Како трето и веќе најавено од Министерството целосна дигитализација на се, и намалување на целосната бирократија со која до сега се соочувавме.
Каква е иднината на македонското здравство?
– Имајќи предвид дека познавам многу млади колеги кои сега ја започнуваат својата кариера би рекол светла особено што нивниот ентузијазам, желба, посветеност кон пациентите е навистина голема, нешто што од друга страна се плашам дека системот, државата, властите ако ги продолжат досегашните лоши потези и тоа како ќе ги уништат, а со тоа и затемнувањето многу брзо ќе дојде.
Авторка: Ивана Крстеска Јаневска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА