Во моментов има 14 буџетски програми на централно ниво и повеќе од 30
општини кои го користат овој пристап во буџетирањето. Но, далеку сме од
ситуацијата да кажеме дека Македонија има родово одговорен буџет. Тоа би
значело да се знае колкав процент од буџетот одговара на различните
потреби на мажите и жените и на кој начин придонесува кон унапредување
на родовата еднаквост.
За да се практикува родово одговорното буџетирање потребно е да се исполнат некои предуслови. На пример, потребна е транспарентност на
буџетот, и во фазата на подготовка за да може рамноправно да се вклучат и
граѓаните и граѓанките во јавните консултации.
На тема родово одговорно буџетирање, ПИНА разговараше со Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики.
Дали може да ја сумирате моментално состојбата во Македонија во однос на родово одговорното буџетирање?
Родово одговорното буџетирање не е непознат концепт за Македонија. Всушност веќе од 2012-2013 година создаваме практики на примена на концептот во процесот на буџетирање на локално и на централно ниво иако формално правно принципите на родова еднаквост се воведоа во новиот Органски закон за буџет во 2022 година, а примената ќе се очекува да започне во 2025 година. Невладините организации алатките за родово одговорно буџетирање ги користат од 2007 година.
Центарот за истражување и креирање политики беше пионер во ова, но сега сме здружени со повеќе од 80 организации од регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија,Црна Гора, Косово, Македонија и Молдавија) во Мрежата на невладини организации кои работат на следење на буџетот од родова перспектива.
На употребата на овие алатки им го должиме усвојувањето на програмата за скрининг на рак на матката и дојката; услугите на нега во домашни услови; инвестицијата во јавен транспорт во Тетово; автобуските линии во селата околу Битола, во селата околу Свети Николе, Штип и Радовиш; адаптацијата
на училиштата во Аеродром за ученици со посебни потреби да ја следат наставата итн.
Која е разликата од спроведувањето на централно ниво и на локално ниво, каде повеќе се применува и кои се пречките и предизвиците?
Во моментов има 14 буџетски програми на централно ниво и повеќе од 30 општини кои го користат овој пристап во буџетирањето. Но далеку сме од
ситуацијата да кажеме дека Македонија има родово одговорен буџет. Тоа би значело да се знае колкав процент од буџетот одговара на различните
потреби на мажите и жените и на кој начин придонесува кон унапредување на родовата еднаквост.
На централно ниво се потпираме на капацитетот на институциите да направат родови анализи и да одговорат со мерки и буџет на различните потреби на жените и мажите. Граѓаните можат преку своите претставници во Собранието да влијаат на централниот буџет. На локално ниво има можност пореално да се отсликаат потребите на граѓаните во буџетот заради формите на учество на граѓаните во буџетирањето како што се јавните расправи за буџетот и форумите во заедниците. Од праксата на овие форми на учество забележуваме дека кога повеќе мажи учествуваат приоритетите кои општината одлучува да ги финансира се во областа на инфраструктура, ирегација и сл.
Додека кога жените во мнозинство учествуваат приоритетите се врзани со образование, социјална заштита и грижа. Тоа зборува дека заради различните улоги, мажите и жените имаат различни потреби и потребно е истите рамноправно да се вклучат во приоритетите кои општината ќе ги реализира.
На кој начин родово одговорното буџетирање придонесува за унапредување на човековите права, особено на жените и маргинализираните групи?
Преку родово одговорното буџетирање овозможуваме мапираме различните потреби и интереси на нашите граѓани/ки. Иако имаме еднаков правен режим во нашето законодавство меѓу мажите и жените, сепак заради традиции, обичаи, различни стереотипи кои владеат и влијаат на очекувањата и однесувањата; жените и мажите немаат еднакви можности за реализација на еднаквите права.
На пример, имаме еднаков пристап до кредити, но за да земеш кредит потребно е да имаш имот на свое име. Имаме еднаквост во наследувањето но и обичај и традиција жените да се откажуваат од правото на наследство што влијае на нивната можност да земат кредит и отпочнат бизнис. Со родово одговорното буџетирање на пример може да се препознае оваа појава и нееднаквост и да се креира мерка која е родово одговорна и кон чија реализација ќе се насочат јавни средства за да се надмине забележаната нееднаквост и се овозможи еднаква можност да жените пристапат кон
кредити (финансии).
Таква мерка може да биде Гарантен фонд кој ќе ги обезбеди побарувањата на жените за кредит (финансии) кога истите немаат имот како гаранција. На тој начин дополнително маргинализираните и ранливите ги поддржуваме за да ги остварат еднаквите права кои ги имаат со останатите од нив попривилегирани граѓани/ки.
Колку конкретно преземањето вакви чекори со носење на родово одговорни буџети целат кон поголема еднаквост?
Буџетот е најмоќниот инструмент на јавната политика зашто обезбедува средства за реализација на мерките. Имено може да имаме најдобри политики и мерки но доколку немаме соодветни средства за нивна имплементација истите се нерелевантни и немаат моќ на трансформација на односите на нееднаквост меѓу мажите и жените. Мерките кои ги препознаваат разликите меѓу мажите и жените и одговараат на нив овозможуваат поголема еднаквост, го унапредуваат статусот на жените и овозможуваат еднакви можности мажите и жените да ги реализираат еднаквите права.
На пример, грижата за лицата со попреченост заради родовата улога кој ја имаат ја преземаат главно жените. Тие обезбедуваат транспорт, едукација, социјална и медицинска грижа. Градот Скопје разгледуваше две опции. Една со надомест на трошоците кои мајките ги имаат на децата со посебни потреби за транспорт на истите и нивна вклученост во образование и општествено делување. Друга, за организација на превоз на лицата со посебни потреби со специјализирани комбиња на ЈСП и обезбедување на лице за поддршка.
Втората опција ги ослободува мајките од обврската тие да го вршат транспортот и им овозможува да бидат економски активни, да се дообразуваат, да имаат подобар квалитет на живот, додека првата ја институционализира улогата на жените на грижа за децата иако тие имаат исти родителски права и обврски како и татковците. Затоа родовиот пристап во програмирањето и буџетирањето овозможува и поголема еднаквост.
Низ кои се закони во земјава се третира родово одговорното буџетирање и дали институциите имаат капацитет да одговорат на потребите?
За да се практикува родово одговорното буџетирање потребно е да се исполнат некои предуслови. На пример потребна е транспарентност на буџетот, и во фазата на подготовка за да може рамноправно да се вклучат и граѓаните и граѓанките во јавните консултации.
За да се воведе родова перспектива во буџетирањето ни требаат и институции кои се спремни да соберат полово поделени податоци, направат родова анализа и дизајнираат мерки и алоцираат соодветен буџет за нивна реализација. Конечно еден од важните предуслови е институциите да се отчетни, да не информираат што предвидува буџетот, како ќе влијае на родовата еднаквост и како ќе го унапреди статусот на жените.
Органскиот закон за буџети во моментов ги обединува сите овие елементи, освен известувањето што е прашање за кое невладините организации треба да застапуваат да се доуреди во иднина.
Авторка: Теодора Цветковска