Македонија станува држава од која се’ повеќе емигрираат граѓаните. Оваа констатација е аргументирана со последната анализа „Млади на попис“, која имаше цел да ги анализира клучните податоци за младите согласно со последниот попис. Меѓу двата пописи во период од 2002 до 2021 година, анализите покажуваат дека бројот на младите луѓе во Македонија се намалил за дури шест проценти.
Статистиката е повеќе од загрижувачка, имајќи предвид дека бројот на младо население во Македонија е во континуирано опаѓање, а статистиката покажува дека над 77.000 млади лица кои се родени во државата, одлучиле да заминат во странство последните години, вели за ПИНА.мк, Петар Барлаковски, еден од авторите на анализата поддржана од Фондацијата за демократија на Вестминистер.
„Согласно последната анализа „Млади на попис“ која имаше за цел да ги анализира клучните податоци за младите согласно последниот попис, податоците од анализата укажуваат на она што младинските организации веќе години наназад го алармираат, а тоа е дека Македонија се соочува со сериозна емиграција на младите и нивно задржување во државата како и општо стареење на населението.
Нашата анализа имаше за цел на едно место да ги обезбеди клучните наоди за младите луѓе во државава, пред сѐ за надлежните – национални и локални власти, кои при креирањето на политиките треба ги земат предвид релевантните податоци и бројки со цел да градат политики базирани на докази. Ова пак би допринело до креирање на долгорочни политики кои ќе го адресираат проблемот со младинската емиграција но и општо младинскиот стандард,“ вели Барлаковски.
Бројот на ученици драстично опаѓа
Според насоките од анализата, државата треба да реагира во две насоки. Првата, каде што ќе креира политики што ќе ги задржат младите луѓе во државата и ќе се труди да овозможи приближно исти услови како на оние млади во државите на ЕУ и втората – каде што ќе се труди да ги привлече, односно врати назад оние млади луѓе што веќе емигрирале, потенцира Барлаковски.
„Согласно податоците од анализата, може да се увиди дека според пописот во 2002 година процентот на млади од вкупниот број на население е 24% додека пак во 2021 е 18%. Ова укажува на тоа дека државата има сѐ помал број на млади луѓе, а во конкретниот случај тоа претставува пад од 6%. Во 2002 година државата имала 480.848 млади, додека во 2021 има 326.733 млади. Овој пад на бројот на млади луѓе во државата ќе придонесе, односно веќе придонесува негативни последици, пред сѐ кон образовниот систем и пазарот на трудот, каде што може да се увиди дека бројот на запишани ученици, особено во помалите места, драстично опаѓа и преку фактот дека постои недостаток на работна сила. Важно е да се напомене и дека нешто повеќе од 77.000 млади луѓе кои биле родени тука веќе не се резиденти на државата. Ова укажува на тоа дека младите сѐ помалку го гледаат своето место во државата и сѐ почесто заминуваат надвор од државата, најчесто за барање подобра работа, подобро образование но и општо – подобра функционалност на државниот систем. Ова се потврдува и со фактот што според голем број на истражувања – национални и меѓународни – процентот на млади луѓе кои што сакаат да ја напуштат државата е над 60%,“ додава нашиот соговорник.
Доколку пак се направи анализа на бројот на млади луѓе на локално ниво, значително е намален процентот на млади во сите општини, споредено со 2002 година. Најголем пад на процентот на млади луѓе има во општините Аеродром, Маврово и Ростуше, додека пак, најмал пад на бројот на млади луѓе има во општините Арачиново, Карбинци, Кривогаштани и Демир Хисар (пад од 2% на младото население).
„Општината Старо Нагоричане е единствената општина што не бележи пораст или пад на младинското население, додека пак Општина Липково е единствената општина од сите општини во државата што бележи пораст на младото население, специфично 2%.
Имајќи го ова предвид, потребно е единиците на локална самоуправа, особено оние во руралните средини, да вложуваат повеќе напори во креирање на подобри услови за младите во овие средини, особено ако се има предвид дека постојат значителни разлики во квалитетот на живот помеѓу младите во урбаните и младите во руралните средини“, вели директорот на Младинскиот образовен форум во интервјуто за ПИНА.мк.
Младите се разочарани од системот на државата, политиката и егзистенцијата
Младите за себе велат дека се апатични, младинскиот активизам е препуштен на похрабрите. Оние што остануваат дома веруваат во промени, но, се поголем е бројот на младите кои по секоја цена сакаат да ја напуштат Македонија.
„Младите се иселуваат поради нефункционалноста на системот и недовербата на институциите, барем тоа е она што укажуваат во постојаната комуникација. Потоа нископлатената работна сила, добриот стандард кој што тука не можат да го имаат, а тука е понудата на социјален живот, култура, спорт, односно сметаат дека немаат добра понуда. Кога ги прашуваме младите зошто заминуваат од државата, вработеноста и образованието се клучните две причини, меѓутоа и општата клима во однос на тоа како функционира самата држава влијае врз мотивот еден млад човек да ја напушти на самата држава“, вели потенцира Барлаковски.
Според него, младите за да останат во државата неопходно е да се инвестира во тоа тие да ја гледаат својата иднина во земјата и да се подготват планови на долга стаза со цел да се спречи намалувањето на младото население.
„За жал, факт е дека младите ја напуштаат државата. Скоро 18 години не го знаевме тоа или го гледавме, а не сакавме да го видиме. Денеска ја имаме таа слика. Треба да искреираме политики и да ги спроведеме за да го сопреме овој процес на иселување на младите луѓе, да се создадат услови да сакаат да останат, тука бидејќи никој не можете да го обврзете да остане. Ако сакаме да ги задржиме во земјава, да им понудиме иднина, да им понудиме можности мора да се инвестира во политики за млади и подобрување на нивниот квалитет на живот, нивното секојдневие, темите кои ги засегаат“, заклучува Барлаковски, дополнувајќи дека ваквата поразителност во нашата земја се темели и со законот за младинско учество донесен пред речиси три години, а кој предвидува дека 0,3 отсто од државниот Буџет и 0,1 отсто од буџетите на локалните самоуправи ќе одат кон политиките за млади, но тие бројки се’ уште не се остваруваат.
Автор: Виктор Вукановски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА