Голем дел од работничките права на новинарите и медиумските работници не се почитуваат, иако тоа не е на исто ниво во сите медиуми. Истовремено, некои од проблемите со кои се соочуваат новинарите се неисплаќање дневници за работа во недела или на празник, неисплаќање дополнителни часови работи, скратен годишен одмор, како и неисплаќањето регрес.
Ова е еден од заклучоците на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за состојбата со работничките права на медиумските работници во земјава.
Младата новинарка Ангела Петровска смета дека работничките права во Македонија често и лесно се кршат од страна на работодавачите. Според нејзиното, но и искуството на колегите со кои работела, вели дека во дел од медиумите, најчесто онлајн портали, на новинарите и медиумските работници не им е регулиран работниот однос, со што се чувствуваат несигурни на нивните работни места.
Како што вели таа тие често се приморани да работат и прекувремена работа, за празници и во недела, кои не им се дополнително исплатени.
„Законскиот рок за исплаќање на плата најдоцна е до 15-ти месецот, а во одредени медиуми се случува платата да доцни многу повеќе, некогаш и по месец или два. Исто така, во многу од комерцијалните медиуми, платите на работниците, дали се тоа помлади новинари, медиумски работници и луѓето кои работат на техниката, останува иста со години, иако според закон таа треба да се зголемува согласно растењето на инфлацијата и зголемување на трошоците за живот“, појаснува Петровска.

Новинарката за ПИНА објаснува дека токму поради непочитувањето на правата на новинарите, младите новинари и медиумски работници се разочарани од условите кои ги добиваат на работните места и ризикот на кој се изложени и често размислуваат да ја напуштат професијата.
„Има вредни млади новинари, кои сакаат да работат професионално, но сепак мислам дека често се чувствуваат и како да работат неблагодарна работа. Од друга страна пак, како помлади новинари и медиумски работници несвесни за своите работнички права, често молчат за мобингот кој им се случува на работното место“, децидна е Петровска.
Според неа, младите новинари кои се неискусни се исплашени дека нема да ја добијат битката и молчат и трпат. Таа ги советува да не го прават тоа, бидејќи, како што вели, ниедна работа не е вредна ако здравјето си го ставаат во ризик.
„Мене ми се има случено тоа, да молчам за тоа што некој не ми ги почитувал основните човекови права, а не пак работнички права. Има работодавачи кои го користат тоа, маскирани зад лицето на ‘борци за човекови права’ и им ги кратат правата на своите вработени. Денес конечно можам да кажам дека сум на место каде ме почитуваат како човек и ми даваат важност, како човек пред се, потоа и нивна колешка“, вели Петровска.
Таа вели дека она што младите новинари го бараат се основни работнички права, а не права на привилегираност. Според Петровска, поразително е да згаснува новинарството поради немање доволен профит и никаков личен интерес на поединци.
Новинарот Бобан Илијевски пак, кој долго време работи со фокус на работните односи и работничките права, исто така лоцира проблем во прекршување на работничките права.
Исто така, тој смета дека медиумските работници се соочуваат со прекршување на некои од основните работнички права, како нерегулиран работен однос, односно немање договор за вработување, а со тоа ниту здравствено, ниту пензиско осигурување.

„Многу колеги се соочуваат со неплатени прекувремени часови, неплатена работа за време на празник. Најголемиот дел од новинарите и медиумските работници земаат плата под просечната. Од друга страна, инфлацијата постојано расте, цените поскапуваат, парите губат се повеќе на вредност. Сето ова го отежнува животот на еден новинар или медиумски работник, којшто од платата што ја заработува треба да живее достоинствено, а не да преживува“, вели тој.
Илијевски смета дека новинарите и медиумските работници немајќи друг излез ја напуштаат професијата.
„Проблем претставува и немањето на баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот, што за мене е од особена важност. Свесен сум дека новинарството не е работа којашто се работи од 9 до 5, како многу други професии, но и новинарите и медиумските работници заслужуваат да имаат време за себе и своите семејства“, дополнува Илијевски.
Медиумите треба да најдат простор како да се подобрат ако сакаат да привлечат млад кадар, смета тој.
Според резултатите од анкетата која ја спровел синдикатот, а во која учествувале 150 новинари и медиумски работници, повеќе од половината од анкетираните новинари би ја напуштиле професијата ако им се укаже прилика. Една од причините за тоа, е што дури 62 % од новинарите на возраст од 18 до 35 години одговориле дека земаат плата пониска од просечната.
Новинарка вработена во една од националните телевизии во Македонија исто така потенцира дека долгогодишен нерешен проблем се договорите за работа, велејќи дека пријавувањето на неопределено е „научна фантастика“.
„Па така, работиме во постојана неизвесност, што по истекот на трите месеци од договорот. Неретко мои колеги и колешки останале без продолжување на работниот договор по негово истекување, без никаква соодвета причина“, вели таа.
Дополнително, вели дека како новинарка е често мета на навреди и критики од претпоставените доколку во излагањето, како што вели, е политички неутрална и не се придржува на страната која „треба“ да ја застапува.
„Поради истата причина сум била личен сведок и на отказ без никаква најава“, објаснува новинарката.
Истражување на ССНМ покажува дека мобингот е еден од начините за притисок врз новинарите и медиумските работници, покрај економско-социјалните притисоци, платата, отказот и цензурата.
„Законот оди и дотаму што се утврдува комисија на предлог на пријавителот и пријавениот за да се запре мобингот. Па, оттука вработните во нашата индустрија тешко препознаваат, па и да препознаат мобинг врз нив, уште потешко се одлучуваат да пријават. Стравот и незнаењето се најголеми непријатели“, додаваат од Синдикатот.
Синдикатот има мониторирано само неколку случаи во изминатата деценија, но како што појаснуваат, со оглед дека вработениот е вклучен во долготраен процес најважно е да се соочува нивниот идентитет за да се превенира одмазда од оној кој врши мобинг.
За нив, објаснуваат дека е важно медиумските работници секогаш кога ќе се посомневаат и забележат промени во однесувањето кај надредените да побараат консултација со нивниот правен тим.
Синдикализмот како алатка за едукација на младите новинари
Има различни медиуми и различни состојби, а како проблеми кои се јавуваат во дел од нив се неисплаќање на дневници за работа во недела или на празник, доцнење на плати, кратење на одмори и неисплаќање К-15, вели за ПИНА заменик-претседател на синдикалната група на Телма при ССНМ, Петар Догов.

„Социо-економската положба ја диктираат општествените текови и сите сме свесни за тоа. И факт е дека многу од младите новинари размислуваат да ја напуштат професијата или да бараат начини да преминат ‘во други води’ трагајќи по подобро платен труд и повеќе права. Показател за тоа е што многу вакви примери имаше во блиското минато“, вели Догов.
Според него пак, работодавачите во Македонија ги почитуваат правата на новинарите и тоа е најчесто така во праксата, барем последните години, но вели дека има и медиуми коишто се исклучоци.
„Затоа синдикализмот е алатка да се организираат работниците подобро и да се едуцираат што е нивно право, но и обврска“, дециден е Догов.
Според ССНМ, она што ги загрижува е се` почестото прекршување на основните работнички права, и тоа кај договори на неопределено време, каде, како што велат, се делат откази спротивно на рокот и без претходна дисциплинска постапка.
Дополнително, посочуваат за примери каде се „фингирале“ дисциплински постапки или откази од делот во законот од деловни причини.
„И овде се прават законски преседани и отстапки за што синдикатот е на суд за докажување на правните пропусти. Неделата како работен ден се исплаќа со недоследности во пресметките за што реагираше и надлежниот трудов инспекторат. Беа констатирани пропусти, кои работодавците треба да ги отстранат. Не се почитува зкаонската одредба за 20 загарантирани дена годишен одмор или 12 дена во летниот период. Со вакви огромни пропусти се проследени вработените на неопределено време. Оние со договор на определено време се соочуваат со безмалку истите прекршувања на работничките права. Хонорораците во некои работни колективи се третирани како робови. И токму таа категорија која најчесто од најмладата страосна категорија најмногу премолчува, но затоа последиците од тој курс се поразителни“, истакнуваат тие.
Според нив, ова се причините зошто повеќе не се произведува нов кадар во новинарството, а истовремено на факултетите не се запишуваат голем број студенти.
Како што велат од Синдикатот, искуство од последните 4-5 години покажува дека правата повеќе се почитуваат и има подобри услови за работи во оние медиуми каде работниците се синдикално организирани.
Од друга страна има медиуми каде што работниците никогаш не побарале нешто, со децении, иако тоа по закон и по сите правила и прописи им следува.
„Само преку унапредување на правата а следствено на тоа и унапредување на социо-економскиот статус, но и поттикнувањето и негувањето на етичките и професионалните стандарди ќе се одржи процесот на креирање професионалци кој ќе остварат до крај работниот век, а искуствената професионална оставштина ќе ја прелеат кон идните генерации. До тогаш се почесто ќе се соочуваме со ‘осакатени’ и половични работни места со улови во кои не може да се изгради и задржи професионалецот во медиумската индустрија“, алармираат од синдикатот.
Авторка: Маја Терзиова