Меѓународен ден за борба со хомофобија и трансфобија

0
198

Со кампања под глобалното мото: „Да ја прекинеме тишината!“, ЛГБТИ мрежата во земјава го одбележа 17-ти Мај, Меѓународниот ден за борба против хомофобија, бифобија, интерсексфобија и трансфобија.

Кампањата вклучува лични пораки од луѓе од ЛГБТИ заедницата кои зборуваат за своето „излегување од плакар“ – познато како coming out, аутирање.

„Оваа кампања има за цел да даде акцент на значењето на видливоста на ЛГБТИ заедницата преку индивидуалните животни искуства при овој процес и што значи тоа не само како еден од најтешките лични процеси и искуства, но и во пошироки социо-политички рамки“, велат оттаму.

И овој 17-ти Mај, ЛГБТИ лицата во земјава повторно се соочени со ситуација „два чекори напред, три назад“. Пред само неколку дена Уставниот суд го укина Законот за заштита од дискриминација, кој ја вклучуваше и сексуалната ориентација како основ за дискриминација затоа што оцени дека е донесен без потребното мнозинство, како што се бара во член 75 став 3 од Уставот, бидејќи за истиот не гласале 61 пратеник.

Според Антонио Михајлов од Субверзивен фронт, со одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација нашата земја е вратена 10 години наназад.

„Во поглед на правната рамка за заштита на темелното право на еднаков третман и недискриминација, се вративме 10 години наназад, со одлуката на Уставниот суд од 14 мај за укинување на ЗСЗД. Нашата борба е сведена на борбата за нашето постоење и идентитет. 30 години откако СЗО ја избриша хомосексуалноста од класификацијата на болести и нарушувања, кај нас сè уште доминираат наративите дека ние сме болни. Во уште понеповолна положба се трансродовите луѓе, без разлика што СЗО лани ги депсихопатологизираше – ги тргна сите категории поврзани со трансродовите луѓе надвор од листата на ментални нарушувања.

Воопшто не зачудува што наодите од најновото ЛГБТИ истражување на Европската агенција за темелни права ја рангираше С. Македонија најдолу на листата заедно со Полска и Србија во однос на задоволство од квалитетот на животот на самите ЛГБТИ луѓе. Борбата продолжува, посилно и уште повеќе здружено“, вели Михајлов за ПИНА.

Од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија вината за одлуката на Уставниот суд ја лоцираа кај пратениците, особено владеачкото мнозинство кое предизборната кампања ја засноваше на градењето на едно општество за сите и ни ветуваше унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето.

„Одговорност имаат и Талат Џафери, Претседателот на Собранието и Стево Пендаровски, Претседателот на државата кои морале да знаат дека законот е донесен спротивно на Уставот“, велат од оваа мрежа.

ИЛГА Европа неодамна ја објави Rainbow мапата и индексот кои даваат слика за тоа како изгледа Европа во поглед на состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето.

Оваа година проценката е дека земјава ги има реализирано човековите права на ЛГБТИ луѓето само со 25%, за разлика од лани кога проценката била на 16%. Прегледот на состојбата се прави на вкупно 49 држави, а кај нас во напредокот е вброен и Законот за антидискриминација, кој практично со последната на одлука на Уставен, веќе не постои.

„Земјата стекна нови поени со одржувањето на првата Парада на гордоста, како и со унапредување на законските решенија во областа на дискриминацијата, образованието, здравството и социјалната заштита со внесување на антидискриминаторски одредби кои се однесуваат експлицитно на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет“, информираа од ЛГБТИ центарот за поддршка.