Ковид-кризата влијаела кај 80% од медиумските работници на различни начини

0
105

Новинарите не се имуни на состојбата со ковид-19, напротив оваа фела е една од поизложените ако се земе предвид теренската работа. Како во другите професии, така и медиумската индустрија наоѓаше начини за онаму кадешто е возможно да се работи онлајн или од дома за време на пандемијата предизвикана од ковид-19. Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) спроведе анкета на 150 испитаници во врска со предизвиците во време на пандемијата.

Дури 62% од анкетираните одговориле дека овој начин на работа им влијае врз менталното здравје, а 48% рекле дека им е потребна психолошка поддршка. Вкупно на 17% од медиумските работници им била намалена платата, а на 22% од медиумските работници, сопствениците не им обезбедиле заштитна опрема. На 45% им е потребна дополнителна заштитна опрема и сега и во следниот период.
На прашањето дали транспарентноста на институциите е намалена за време на пандемијата, потврдно одговориле 25%.

„Загрижува фактот што дури 30% од анкетираните одговориле дека познаваат некој што останал без работа за време на корона пандемијата. Седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата. Помали плати пристигнале на трансакциските сметки кај дваесет и пет од анкетираните. На седуммина платата им била скратена за 30%“, се вели во анализата на ССНМ.

Еден од новинарите одговорил дека поради направено интервју заработил казна.

„Заради интервју со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски бев казнет со 15% од плата еден месец“ – е одговорот на новинарот.Градоначалникот излезе позитивен, па потоа негативен на коронавирусот, а новинарот заработил небулозна казна за која речиси никој и не разбра. Причините останаа непознати. Најголемиот страв на сите граѓани го делат и медиумските работници.

За медиумските работници проблем е и егзистенцијата, а четворица од испитаниците останале без работа за време на пикот на пандемијата. Други се жалат дека работно време трае и до доцните часови навечер.

„Три месеци работам втора смена до 23 часот навечер за да готвам, чувам деца и да учам со нив додека дојде сопругот”, вели една новинарка.

Од вкупно 150 испитаници, само 20 проценти од нив одговориле дека од почетокот на кризата со коронавирусот немале никаков проблем при извршувањето на своите работни задачи, што повеќе од доволно покажува дека кризата сериозно влијаела на работата на медиумските професионалци, се вели во анализата на ССНМ.