Нејаснотии за одлуката за објава на решенијата за позитивните од Ковид- 19

0
64

Во последно објавени новости на веб-страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) стои информација од 18 август 2021 година којашто ги известува граѓаните што одмораат на некоја плажа дека еден козметички производ за заштита од сонце не е безбеден по нивното здравје.

Токму на ова место, според одлуката на Владата од нејзината 10-та седница, требаше да се најдат решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација од Ковид 19, заедно со дополнителна објава во Службен весник, при што според Владата немало да бидат објавувани лични податоци на граѓаните, односно целосно ќе биле запазени стандардите дефинирани со Законот за заштита на личните податоци.

,,Оваа измена се воведува поради зголемениот број граѓани за кои се определува мерката изолација и поради намалениот број денови за изолација, а со цел брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување. Со новата методологија се намалуваат можностите за злоупотреба во периодот додека не се објави решението, а со тоа се намалуваат и ризиците од дополнителен број случаи позитивни на ковид-19.

За овој начин на доставување на решенијата граѓаните ќе бидат претходно известени преку телефонскиот број оставен во установата каде било извршено тестирањето, а ќе постои можност да биде издадена потврда дека е издадена јавна објава за изолација на писмено барање на граѓаните“, се вели во соопштението на Владата објавено по одржаната седница.

Сепак, ниту Владата ниту Инспекторатот, не образложија кои податоци ќе бидат објавени од кои граѓаните ќе знаат дека решението се однесува на нив, а притоа како што стои во соопштението на Владата без објавување на лични податоци или како што подоцна рекоа од Инспекторат објавување на лични податоци во минимален обем.

Неколку медиуми објавија информации дека според ваквата одлука, позитивните на Ковид 19 ќе бидат објавувани со име и презиме, како и адреса на сајтот на ДСЗИ.

„Ваквиот начин на електронска објава на решенијата е законски бидејќи ќе се врши со филтрирани податоци дозволени од Агенцијата за заштита на личните податоци, изјави за „Слободен печат“, директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова.

Кратко по објавите за плановите за јавна објава на решенијата и отворање на прашањата кои информации ќе ги содржат ваквите јавни објави, дел од стручната јавност јавно реагираше дека е потребно итно повлекување на одлуката, поради можните последици кои таа може да ги направи во делот на приватноста на податоците, правото на тајност на здравствената состојба или пак стигмата врз лицата позитивни на ковид-19. Дополнително, јавна објава на името на пример, може да демотивира многу лица за да се тестираат доколку се сомневаат на позитивен тест од Ковид 19.

Бурните реакции, но и објави на медиумите не беа проследени со демант од институциите, а до вечерта на владиниот сајт осамна ново соопштение во кое се вели дека „Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во консултација со Министерството за здравство и со Агенцијата за заштита на личните податоци изготвува дигитален модел за испорака на информациите и решенијата за изолација до граѓаните заради утврдена инфекција или заради контакт со позитивен од ковид-19.“

„Моделот подразбира дека секој граѓанин кој има потреба да дојде до сопственото решение ќе има пристап преку веб-страница единствено до своето решение за изолација без да има увид во податоците на другите граѓани на кои им е издадено решение за изолација“, стои во соопштението од Владата.

Секое име и презиме е личен податок

Според Законот за заштита на личните податоци во членот 4 став 1 е наведена дефиницијата што е Личен податок.

„Личен податок“ е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува (субјект на лични податоци), а физичко лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на идентификатор како што се име и презиме, матичен број на граѓанинот, податоци за локација, идентификатор преку интернет, или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, генетски, ментален, економски, културен или социјален идентитет на тоа физичко лице.

За поранешниот директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци (сега Агенција) и експерт во областа, Димитар Ѓеорѓиевски, нејасно е зошто Владата и ДСЗИ воопшто донеле ваква избрзана одлука без детална консултација со Агенцијата.

„Според мене станува збор за одлука којашто дефинитивно претставува нарушување на приватноста. Името и презимето се личен податок од кој можеби не во секој случај може да се идентификува конкретно лице, но и тој податок е заштитен. Името и презимето во комбинација со адреса или кој било друг податок од оние наведени во личен податок недвосмислено го посочува конкретното лице што претставува прекршување на Законот“, вели Ѓеорѓиевски.

Здравствените податоци, односно податоци за здравствената состојба на граѓаните, уживаат посебен третман и подлежат на построга контрола при нивното обработување и објавување. Тие се додефинирани во точка 13 и точка 16 од членот 4 во Законот за заштита на личните податоци.

Во посебни категории на лични податоци, точка 13, тоа се лични податоци кои откриваат расно или етничко потекло, политички ставови, верски или филозофски убедувања или членство во синдикални организации, како и генетски податоци, биометриски податоци, податоци што се однесуваат на здравјето или податоци за сексуалниот живот или сексуалната ориентација на физичкото лице.  

Покрај во оваа точа, дополнително е допрецизирано уште во точка 16 кои податоци се однесуваат на здравјето.

Податокот за здравствената состојба на поединец не е јавен интерес

Иако овојпат се случи ретерирање во одлуката за јавна објава на решенијата, прашавме дали и покрај посебниот статус што го имаат личните податоци поврзани со здравјето, нивното евентуално објавување може да се оправда со цели од јавен интерес.

И тоа е регулирано во Законот. Мора да се има предвид дека за целите на обработката на податоците ќе се исполни целта од јавниот интерес и тоа да биде пропорционално на извршување на легитимната цел. 

Според Ѓеорѓиевски, во овој случај не постои пропорционалност на целта и средствата што е многу важен фактор во вакви чувствителни ситуации, особено кога станува збор за здравствени податоци. 

„Постојат многу други механизми коишто може да се применат, а кои нема да задираат во личните податоци на граѓаните. Не знам зошто во секоја одлука и постапка почнуваме од прво одделение. Покрај мислењето на Дирекцијата, којашто мора да биде консултирана во вакви случаи, преку компаративна анализа и преземање на примери од законодавството или од одлуки на други земји може да се избегнат ваквите ситуации“, смета Ѓеорѓиевски.  

Проценка на влијанието на заштитата на личните податоци од членот 39 предвидува дека кога при користење на нови технологии за некој вид на обработка, според природата, обемот, контекстот и целите на обработката, постои веројатност истата да предизвика висок ризик за правата и слободите на физичките лица и предвидува пред да биде извршена обработката, контролорот (оној кој ги обработува/објавува податоците) задолжително да изврши проценка на влијанието на предвидените операции на обработката во однос на заштитата на личните податоци.

Во овој член е наведено дека тоа се прави особено во случаите на обемна обработка на посебните категории на лични податоци, какви што се здравствените или на лични податоци поврзани со казнени осуди и казнени дела.

АЗЛП: Нема законска основа за објавување на решенијата за изолација јавно

Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) преку соопштение информираше кои се законските обврски за заштита на личните податоци, но се осврна и на конкретната одлука за јавно објавување на податоците на лицата коишто треба да бидат во изолација поради позитивен тест на ковид-19. 

Имено, во нивното соопштение стои дека обработка на посебните категории на лични податоци е забранета, а по исклучок истите може да се обработуваат согласно утврдените исклучоци во Законот за заштита на личните податоци (член 13). Тие го известиле Инспекторатот следново:Од Агенцијата појаснуваат дека за решенијата за изолација не може да се применат исклучоците од правилото за забрана за обработка на посебни категории на лични податоци.

„Следствено на ова, објавување на решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација поради коронавирусот ковид-19 на веб страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за цел – електронска достава на решенијата, не е во корелација со начелото на законитост, правичност и транспарентност и начелото на минимален обем на податоци утврдени во Законот за заштита на личните податоци“, велат во соопштението од Агенцијата.  

Ја прашавме директорката на санитарно-здравствениот инспекторат д-р Иринка Сотирова Бухова за подетален опис на избраниот дигитален модел и кога тој ќе профункционира, но добивме само кус одговор:

„Постапката е во тек. Штом ќе биде финализирана, јавноста детално ќе биде информирана“, вели Сотирова Бухова. Бухова не одговори на нашето барање за коментар на одлуката податоците на лицата позитивни и во изолација поради ковид-19 сепак да не се објавуваат јавно.

Ова не е прв пат податоци на лица кои треба да бидат во изолација да се објавуваат јавно. Во јуни 2020 година Инспекторатот јавно објави имиња на лица бидејќи одбиле да примат решение за самоизолација. Тогаш одлуката беше правдана со одредби од Законот за општа управна постапка. Од списокот можеше да се забележи дека дел од лицата беа наведени со цело име и презиме, адреса, број и град на живеење или само со име и презиме и град. ПИНА пишуваше за последиците кои може да се случат поради ваквата јавна објава на лични податоци на лица кои имале решенија за изолација.

Секој кој смета дека му е повредено правото за заштита на личните податоци може да достави Барање за утврдување на прекршување на одредбите од Законот за заштита на личните податоци до Агенцијата.

Минатата година Владата на Црна Гора донесе одлука за обештетување на повеќе од 2.700 лица кои биле во самоизолација, а чии имиња беа јавно објавени. Постигнатата спогодба предвидува исплата на 300 евра за надомест на нематеријална штета поради повреда на лични права со објавување личните податоци.

Автор: Марија Севриева