Мобилни апликации за Ковид 19 и линијата меѓу заштитата и зголемениот надзор

0
544

Македонија стана една од првите земји во Европа со мобилна апликација која треба да помогне во кризата со Ковид 19 преку пронаоѓање на контактите на корисниците. Мобилниот телефон полека но сигурно станува сојузник на државите во борбата со Ковид 19, но познавачите предупредуваат и на опасностите од зголемен надзор врз комуникациите и можните нарушувања врз личните податоци на граѓаните. Важна е борбата со вирусот, велат тие, но исто така е важно и властите да се откажат од одредени задирања во правата на граѓаните по завршувањето на кризата.

„Вашата согласност е потребна за следното: Вашиот мобилен број да биде зачуван во безбеден регистар управуван од Министерството за здравство. Корисниците на StopKorona кои се заразени со Ковид19 да споделат информации за можни средби со вас, за да можеме да ви се јавиме за следните чекори“.

Вака почнува инсталацијата на апликацијата СтопКорона, која во земјава ќе се користи за борба со вирусот „Корона“. Илјадници граѓани веќе ја имаат симнато на нивните мобилни уреди, а институциите дадоа гаранции дека апликацијата е безбедна за личните податоци и приватноста на граѓаните. Различни модели на мобилни апликации веќе се разгледуваат во многу земји низ светот како потенцијален сојузник во борбата со вирусот и неговото ширење. Но со овие најави, расте и стравот за можностите од зголемувањето на надзорот врз комуникациите и личните податоци на луѓето. Сите се согласни за едно – за да има успех во борбата со Ковид 19, потребна е доверба од граѓаните, а за да има доверба – потребно е да бидат транспарентно, јасно и прецизно информирани за алатките кои се употребуваат.

Од Министерството за информатичко општество кажаа дека успешноста на апликацијата ќе зависи од тоа дали ќе биде користена масовно и дека апликацијата ќе биде користена на доброволна основа. Кратко потоа, Владата заклучи да им се препорача на сите вработени лица во органите на државната управа, јавните претпријатија и сите останати државни институции, локалната самоуправа, да ја инсталираат мобилната апликација ‘Стоп корона!’. Тие му укажаа и на Фондот за здравствено осигурување да ги задолжи сите матични лекари на своите пациенти да препорачаат инсталирање на мобилната апликација ‘Стоп корона!’.“

Службата за односи со јавност на Владата пак ја задолжија да направи интензивен план за медиумско информирање на оваа мобилна апликација, „со цел успешно спроведување и почитување на одлуките, мерките и препораките на Владата“.

Отворен код – повеќе доверба

Од организацијата Слободен софтвер Македонија сметаат дека за јавноста да има доверба во апликацијата и да даде свој придонес и поддршка преку нејзина употреба, потребно е да се има отворен код.

„Нашиот принципиелен став отсекогаш бил дека институциите треба единствено да користат и промовираат слободен софтвер со отворен код, како единствен начин да се обезбеди доверба во технолошките мерки, како што е апликацијата „СтопКорона“. Како што е сега, прашањата за безбедноста, употребливоста и можностите за злоупотреба на апликацијата не можат да се одговорат“, велат оттаму за мобилната апликација која веќе се користи во земјава.

Тие потенцираат дека здравјето на граѓаните е приоритет број еден и го поздравуваат воведување на апликацијата. Но сепак, велат, мора да се посвети внимание и на зачувување на приватноста и анонимноста на граѓаните при користење на технологијата.

„Во вонредни ситуации како оваа, довербата која граѓаните ја имаат кон институциите е од клучно значење. Токму затоа секоја донесена мерка и спроведена практика треба да ги оттргне сите сомнежи за можна злоупотреба на уставно-загарантираните права и слободи на граѓаните. Во контекстот на употреба на вакви технологии за следење, единствениот начин да се осигура доверба е исполнувањето на следните услови кои ќе гарантираат целосна приватност, анонимност, лични права и слободи на корисниците:

Јавна достапност на изворниот код на апликацијата за постојана ревизија од страна на експерти од областите на безбедност, робусност и исправност на технички решенија. Имплементација на методи кои ќе обезбедат корисниците да се осигураат дека апликацијата која што ја преземаат е изградена од истиот изворен код кој е јавно достапен. Јавна достапност до процесот, алгоритмот и принципот на анонимизирање на податоците и информациите што се прибираат.“ велат од „Слободен софтвер Македонија“.

Мите Кузевски, основач на Види Вака, вели дека за да се убедат граѓаните да ја инсталираат апликацијата мора да се убедат и дека никој нема да ги злоупотреби информациите, особено во земја како нашата со долга историја на институционална злоупотреба на лични податоци и со два огромни скандали за масовно нарушување на приватноста.

„Комуникацијата зошто и како ни е потреба оваа апликација и како таа функционира е многу битна. Треба да е јасно на кој начин апликацијата помага во системот на рано детектирање на заболени од коронавирусот затоа што насекаде низ светот каде што се применува ваквото следење преку апликација е пропратено со дополнително масовно тестирање на луѓето за тоа дали се позитивни на вирусот. Институциите исто треба да го отворат кодот за да можеме да се увериме дека тоа што го кажуваат е и вистина во однос на тоа дали собира одредени податоци или не. На пример се вели дека не прибира локациски податоци а никаде не е објаснето зошто апликацијата бара пристап до локацијата на телефонот при самото инсталирање. Дали ќе го менува или не бројот на идентификацискиот сигнал кој твојот телефон ќе го праќа преку блутут. Епл и Гугл кои работат на унифицирање на блутут протоколот препорачуваат апликациите кои ќе се изградат врз основа на таа нивна соработка да го менуваат бројот на идентификацискиот сигнал на блутутот секој 15 минути. Дали ова е случај со апликацијата СтопКорона? Овие и други вакви прашања мора да се одговорат за да се оттргне можноста за злоупотреба“, додава Кузевски.

МИОА: Кодот на апликацијата не може да се објави јавно

На прашањето на ПИНА дали министерството за информатичко општество или пак компанијата која ја изработи апликацијата јавно ќе го објават кодот за да можат познавачите на проблематиката, да проверат дали има опасности во поглед на приватноста на граѓаните или можности за следење или злоупотреба на нивните лични податоци, од министерството ни одговорија дека кодот не може да се објави јавно, затоа што донацијата го вклучува изворниот код на мобилната апликација StopKorona! со ограничени права за користење за потребите на одржување на апликацијата и без право на понатамошно дистрибуирање или употреба за други намени.

„Давателот на донацијата ги задржува ексклузивните авторски права какои сите постоечки права на интелектуална сопственост, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на софтверски апликации, патенти, трговски марки, трговски тајни и know-how. Сепак, имајќи ги во предвид начелата за транспарентост по кои се води МИОА, а и со цел да имаме најдобро можно решени, ќе биде формиран тим од експерти на кои ќе им биде даден пристап до кодот на апликацијата. Експертите ќе имаат време да направат детална анализа и да ја известат јавноста за нивниот заклучок и препораки по направената анализа“, велат од МИОА за ПИНА.

Според досегашните објаснувања, во моментот кога ќе се симне апликацијата, се доделува нов апликациски број, кој нема да биде никако поврзан со матичниот број или телефонскиот број. Овој сервер, според МИОА е во сопственост на Министерството за здравство и единствено тие ќе имаат пристап до податоците, затоа што единствено нив им се потребни во рамки на анкетните епидемиолошки листи.

„Сите податоци, мета-податоци и информации собрани и/или генерирани како резултат на користење на предметот на донацијата се, и остануваат во, трајна сопственост на Министерството за здравство на Република Северна Македонија како единствен имател на овие податоци, мета-податоци и информации. Податоците се чуваат во сервер заштитен со енкрипција и се превземени сите мерки согласно најдобрите светски практии да се обезбеди доверливост и безбедност на податоците кои ги собира апликацијата“, велат од МИОА.

Според нив,  апликацијата СтопКорона е правена по примерот на апликацијата што се користи и се покажала како многу успешна и користена во Сингапур.

Кузевски: Владите тешко се откажуваат од задирањето во правата по завршувањето на кризите

„Граѓаните треба да ја потсетат владата кога ќе се вратат работите во нормала дека мора да се откаже од сите дополнителни права кои задираат пред се во слободите и приватноста а се стекнати за време на вонредната состојба. Ова откажување од страна на владите нажалост историјата не учи дека не се случува,“ вели Мите Кузевски, основач на Види Вака, медиум за дигиталната генерација за ПИНА.

Според Кузевски, трговијата со слободата и приватноста со цел зголемена безбедност секогаш е тема која предизвикува огромна дебата но таа трговија неминовно се случува и граѓаните полесно се откажуваат од слободите и приватноста за сметка на безбедноста во услови како што е пандемијата.

Тој вели дека институциите треба да ја докажат оправданоста за тоа наше откажување и при тоа откажувањето од тие права да не биде злоупотребено. По завршувањето на кризите, владите тешко се откажуваат од одредени практики, па затоа мораме да бидеме секогаш претпазливи кога доброволно се откажуваме од нашите стекнати права за привремена зголемена безбедност. Како пример потсетува дека после нападите на кулите близначки во Њујорк се донесе Патриотскиот акт кој и даде многу поголеми овластувања на владата во САД за сметка на приватноста и слободите на граѓаните. „Од тие права владата на САД никогаш во целост не се откажа, туку само ги прилагоди“.

„Ние како земја имаме и дополнителна причина да веруваме дека работите може да тргнат во погрешна насока особено со се уште свежиот пример на масовно прислушување и нарушување на приватноста на огромен број граѓани.

Дополнително треба секогаш да се направи пресек на придобивките и недостатоците или заканите од една таква политика. Искуството кажуваат дека и покрај тоа што дел од земјите кои воведоа вакви мерки ако тие не се пропратени со дополнителни акции како масовно тестирање најчесто не вродуваат со плод. Епидемилозите сметаат дека за да следењето на ширењето преку апликација биде успешно треба барем 60% од граѓаните да ја користат апликацијата. Во Сингапур, кој најчесто се спомнува дека има успешна приказна со спроведувањето на апликација за следење и конторлирањето на ширењето на вирусот, само 13% од граѓаните ја користат апликацијата според Економист. Земја со највисок степен на користење на ваква апликација од страна на граѓаните е Исланд со 40% повторно според Економист. Значи очигледен е фактот дека многу други фактори влијаат на успешноста со справување на ширењето на вирусот. Па оттука се поставува и прашањето дали ваквата апликација е навистина неопходна и дали навистина ќе се исплати уште едната отстапка од нашата приватност? Дали ветената безбедност навистина ќе ја добиеме?“, вели Кузевски.

Некстсенс: Изворниот код е предаден во склоп на донацијата, но не е за јавна дистрибуција

„Во склоп на донацијата е предаден и изворниот код на имплементацијата на апликацијата за имплементацијата за земјава. Изворниот код на апликацијата не е за јавна и отворена дистрибуција, но Министерството за здравство со поддршка на Министерството за информатичко општество можат да организираат увид во изворниот код од страна на експерти“, велат од компанијата која ја донираше мобилната апликација Стоп Корона, Некстсенс за ПИНА. За нашите прашања околу различни аспекти на функционирањето на новата апликација имаме подолги писмени одговори од компанијата, кои може да ги прочитате на следниот линк.

ЕУ смета дека мобилните апликации за Корона треба да избегнуваат складирање на податоци на сервери

Апликациите за мобилни телефони за следење на случаи на коронавирус во Европа треба да чуваат што е можно повеќе податоци на уредот на корисникот, отколку во централен сервер за најдобро да ја одржуваат индивидуалната приватност, се вели во документот на ЕУ, пишува Еурактив.

Европската унија која има некои од најсилните правила за заштита на податоците во светот, сака да се осигура дека ваквите системи не ја загрозуваат приватноста со дозволување на неовластен пристап до чувствителни податоци. Потпретседателот на Комисијата Вера Јурова рече дека успехот на апликациите во борбата против коронавирус ќе зависи од стекнувањето на довербата на Европејците, пишува порталот. „Почитувањето на правилата на ЕУ за заштита на податоците ќе помогне да се осигураме дека нашата приватност и основните права ќе се почитуваат и дека европскиот пристап ќе биде транспарентен и пропорционален“, рече таа. Во документот се препорачува децентрализиран пристап за складирањето на податоци, споредено со методите што се користат во азиските земји, каде повеќето податоци се чуваат на централизиран сервер.

Гардијан: Тешко ќе се враќа назад растот на дигитално следење по пандемијата

Пандемијата на коронавирус доведе до невиден глобален наплив на дигитален надзор, пишува Гардијан во нивната анализа. Владите во најмалку 25 земји забрзано прават мобилни апликации за следење контакти, како и други програми за следење, како набљудување со дронови на социјалната изолација. „Методите кои ги усвоија и авторитарните држави и демократиите отворија профитабилни нови пазари за компаниите што извлекуваат, продаваат и анализираат приватни податоци. Еден од најголемите светски експерти за надзор на мобилните телефони рече дека пандемијата создала „9/11 на стероиди“ што може да доведе до сериозна злоупотреба на моќта.“