Во екот на светската криза која ја донесе пандемијата со Ковид 19, последиците по светските економии ќе бидат огромни и се очекува степенот на глобализација да направи чекор назад, вели економистот Горан Лазаревски, кој има докторат по економија на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк.
Лазаревски, кој повеќе од една декада живее и работи во Њујорк, во интервју за ПИНА говори за влијанието кое кризата го има врз економијата но и социјалниот живот во САД, за тоа како Трамп се справува со опасностите кои ги носи Ковид 19, но и за други случувања значајни за меѓународната политика, како повлекувањето на Берни Сандерс од претседателската трка во оваа земја.
Вели дека оваа криза покажува дека глобалното присуство на мултинационалните корпорации со тоа што сите имаат свои фабрики во Кина, се релативно фрагилни на овој тип на шокови и дека една земја може да остане без дел од најесенцијалните продукти.
„Може да се очекува дека ќе има одредено враќање на некои индустриски капацитети, барем во оние поесенцијални индустриски гранки, дека ќе имаме заострување на трговските протекционистички мерки кои што претседателот Трамп почна да ги спроведува во однос на Кина, уште пред кризата да почне“.
Според него, како последица на фискалниот стимул и огромните финансиски средства кои ќе се слеат во корпорациите во Америка, како што се случи и по голема финансиска рецесија во 2008, како последица ќе има јакнење на влијанието на овие корпорации и едно окрупнување на тој капитал и поголем степен на монополизација.
„Ова секако неизбежно ќе донесе до раст на анти естаблишментското и антисистемското расположение кај граѓаните и тоа е веќе процес кој се одвиваше од 2008 навака. Процес кој се одвиваше истовремено во Републиканската и во Демократската партија“, додава Лазаревски.
Целиот разговор, во продолжение.