[Интервју] Горан Јанев: Kризата со Ковид 19 ни покажа кој е привилегиран во општеството

0
818

За предизвиците од кризата предизвикана од Ковид 19 и дали човекот сега повеќе ја вреднува својата слобода, зборувавме со професорот по социјална антропологија на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања во Скопје, Горан Јанев. Тој вели дека е песимист дека работите драстично ќе се сменат откако ќе стивне ситуацијата со корона вирусот. Од своето искуство во областа на социјална антропологија објаснува дека промените во човековата свест се одвиваат бавно, а за да се случат, од големо значење е саморефлексијата.

Човекот кој е социјално суштество, научен е да се дружи, да излегува и да биде во постојано движење, а сега е затворен во четири ѕида. Како се носи човекот во 21 век со фактот дека мораше да се соочи со ограничено движење, социјална дистанца и изолација?

Првото нешто што треба да го запаметиме е несериозното сфаќање на самиот почеток на опасноста. Можеби е природна реакција да мислиме дека е тоа таму некаде и му се случува на некој друг. Тоа е последица затоа што сме десензибилизирани, отапени сме во однос на туѓата болка затоа што сме нападнати од премногу информации од целиот свет. Оттаму произлегува основната грешка што ја имаме развиено како цивилизација, а тоа е да се помируваме со неправдите во светот доколку не не тангираат нас лично или нашата околина. Всушност, во криза се гледаат поделбите, структурата, состојбите, релациите во едно општество општеството. Луѓето станаа себични, не ја чувствуаат туѓата болка.

Глобалните мерки за седење дома ги принудија многумина канцелариите да ги заменат со своите дневни соби. Како вработените повторно ќе се вратат во каценлариите по ова искуство? Дали и сметате тоа ќе биде социолошки предизвик за работодавците?

Во принцип сме социјални битија и научени сме да работиме заедно. Ова ни ги измести работите и во прашање е свесноста и самодисциплина. Што, кога и како треба да се сработи. Многумина ја немаат оваа привилегија. Една од работите кои ни ги покажа оваа криза е свесноста и сознанието како сме позиционирани во општеството, што ни значи секојдневниот контакт, што ни значи работното место, дали имаме задоволство, а тоа ќе се види откако ќе се вратиме назад. Саморефлексија, што е многу важно за да видиме како сме позиционирни воопшто во светот. Така да, можеби и е добро да малку размислиме кај сме, кои сме и како се однесуваме и спрема колеги и спрема работно место. Но пак ќе кажам тоа е привилегија на оние што може да работат од дома. Многумина од нас не го можат тоа. Со тоа сфаќаме дека кризата ни покажа уште една работа – кој е привилегиран да се изолира, кој е привилегиран да ја издржи кризата, да купи залиха намирници итн., а знаеме дека тоа не го може секој кој што живее од плата до плата. Ако имаме способност да ја погледнеме туѓата болка, можеби ќе биде полесно да ни помине нервозата што сме затворени во четири ѕида, спокојно и мирно да го поминеме времето. Тоа е луксуз за некој што постојано е изложен на ризик.

Погледнете го целото интервју со професорот Горан Јанев во продолжение.

Автор: Бјанка Станковиќ

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.