Нема никаков здравствен проблем или последица доколку лицата кои имаат високо ниво на антитела примат вакцина за Ковид-19, а ова го потврдуваат и Центарот за превенција и контрола на болести на САД, како и Светската здравствена организација, вели Националниот координатор за имунизација Александра Грозданова.
Ова е само едно од често поставуваните прашања во јавноста изминатиов период, кое се најде и на онлајн разговорот за новинари кој вчера го организираше невладината организација НВО Инфоцентар, а каде новинарите можеа да поразговараат со Грозданова.
Во однос на третата бустер доза и практика на дел од граѓаните да го испитуваат нивото на антитела на Ковид-19, Грозданова вели дека препораката е дека тие не треба да се оптеретуваат со проверка на своите антитела.
„За себе, и лично и за целото мое лично опкружување, тестирањето на антитела не го гледам како некоја метода или постапка која треба да биде задолжителна. Имајќи во предвид дека нивото на антитела ни дава само половина слика од онаа заштита што ни ја обезбедува вакцината, бидејќи во позадина работи т-клеточниот имунитет, активирани се и мемориските клетки… Значи тој број што ќе го видите на ниво на антитела само ќе ви даде мала слика за тоа колку вакцината кај вас го поткренала имунитетот. И, дополнително тука имаме и во нашата научна јавност една дефиниција дека што е тоа малку или многу, како вие ќе одредите кој е тој праг за кој што ќе го кажете дека до таа вредност вие сте заштитени, а под таа вредност вие не сте заштитени“, вели Грозданова.
Оттука, таа објаснува и за препораките кои претходно беа објавени во однос на временскиот период, односно примање на трета бустер доза три месеци по кинеските вакцини, односно шест месеци по останатите вакцини.
„Заради тоа што веќе видовме од инфективноста која што ја гледаме во живо на овие вакцини, кој е тој временски период кога тие вакцини обезбедуваат генерално заштита на популацијата. Вие индивидуално можете да примите и две вакцини од ‘Фајзер’ и повторно да не развиете одредено ниво високо на антитела, а можете да примите и една кинеска вакцина, а да развиете многу високо ниво на антитела. Значи индивидуалниот пристап од имунолошкиот одговор е оној што ви кажува, но не постојат и никаде нема да најдете препораки за антителата, и тоа да биде параметар за примање на бустер доза“, додава таа.
Кога станува збор за лицата кои поради одредени болести не можат да примат вакцина за Ковид-19, Грозданова најави дека деновиве, тело на Министерството за здравство ќе дефинира кои се тие состојби, односно кај кои лица примањето на одредена вакцина претставува контраиндикација.
„Доколку сте имале животозагрозувачка алергиска реакција, анафилакса, секако дека тоа претставува трајна контраиндикација да ја примите истата вакцина. Но, морам да споменам дека тој број на комплетни контраиндикации е многу мал“, вели таа.
Грозданова се наврати и на почетокот на имунизацијата во Македонија, и потсети дека огромен број лица со малигнитет, хематолошки, ревматолошки и автоимуни заболувања беа во првата група вакцинирани лица, додавајќи дека одлично ја примиле вакцината и биле заштитени.
„Во принцип, планот на Ковид-19 вакцинацијата ги стави во приоритетна група, токму лицата со вакви болести, и со хронични болести баш заради тоа што овие лица треба да бидат први заштитени. Така да, во принцип, бројот на вакви состојби кој што верувам дека комисија од лекари, од различни специјалности, значи тоа ќе бидат специјалисти од различни области, ќе го дефинираат, ќе биде навистина мал. Односно ќе биде јасно дефиниран“, додаде таа.
Првото место каде тие треба да се обратат, Грозданова посочува дека се нивните специјалисти кои ги водат за одредената болест, бидејќи тоа го знаат најдобро.
„Ние направивме едукација со четири различни здруженија, хематолошккото, онколошкото, ревматолошкото, за тие да знаат и да можат да ги проценат своите пациенти. Во принцип, еве имате состојба кога одреден пациент прима одредена терапија, во тој период, тој пациент не е подлежен да прими вакцина. Значи специјалистот треба да знае кога е тој прозорец, ние го велиме, кога пациентот е во добра општа здравствена состојба, кога не е под терапија и кога треба, дури и е препорачливо да се вакцинира. Значи местото каде што треба да се обратат се нивните специјалисти а како административно, верувам дека колегите од МЗ ќе најдат начин за таа административна потврда“, објаснува Грозданова.
Во однос на антиваксерството и одбивањето на вакцинација од медицински лица, исто така потенцираше дека медицинските лица кои не веруваат во науката и вакцините, нема потреба да бидат дел од здравствениот систем.
Имунизацијата – огромен логистички процес
Во целиот процес на имунизација откако таа почна, националната координаторка вели дека се соочувале со различни предизвици, но и самиот процес течел на различно ниво, во однос на решавање на предизвиците и проблемите.
„Ако во почетокот притисокот беше кон што побрзо носење на вакцините и организирање на целиот процес на имунизација, тие месеци морам да кажам дека за нас од аспект на организација на имунизација беше можеби во нашата држава, логистички еден процес кој што не го памети барем современото наше здравство, ваков еден систематски и сеопфатен процес на имунизација, бара многу голема поддршка на секое едно ниво“, вели Грозданова.
Но, таа додава дека според надворешните институции кои го следеле овој процес, Македонија се справила, како што вели, навистина добро.
„Немавме проблеми во однос на организацијата на вакцинацијата, имаше различна динамика во однос на пристигнувањето веќе на вакцините. Во тој сегмент ние конкретно како комисија за имунизација и не можевме многу да влијаеме, односно ги чекавме количините на вакцини за веќе да го реализираме нашиот план“, вели Грозданова.
„Како доаѓаа количините на вакцини, така процесот всушност се одвиваше. Претходно беше нели притисокот кој да биде во приоритетната категорија на вакцинација, иако со тие проблеми се соочувавме таму некаде март, април, мај. Веќе многу брзо потоа, по два месеци дојдовме во ситуација дека тој интерес не толку беше голем, па за нас се соочи друг предизвик, а тоа е мобилизација, односно подигнување на свеста за вакцинацијата“, додаде таа.
Грозданова објаснува дека е достигнат некој оптимален опфат на вакцинирани лица, но далеку од тоа што тие го посакувале.
„Се соочуваме, особено минатиот месец, односно овие неколку недели со еден тренд на намалување на заинтересираноста кај луѓето за вакцинација и сега се следните чекори на тоа ниво. Така да, самиот процес на имунизација всушност се одвиваше и во зависност од тоа како се одвиваше процесот на заинтересираност кон вакцините“, вели таа.
Она што сега е и најважно, како што вели Грозданова е интенцијата на некаков начин да се зголеми опфатот со вакцинација пред есенскиот бран.
Автор: Мартин Колоски