Владата денеска донесе одлука од петок, 26 јуни, целосно да бидат отворани сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР тестови и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин, информираше премиерот Оливер Спасовски.
„Владата денеска донесе Одлука од петок, 26 јуни, да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Согласно овие одлуки Владата денеска донесе одлука да биде укината забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26 јуни“, информира Спасовски на својот профил на Фејсбук.
На денешната седница Владата донесена е одлука за дозвола за работа и во внатрешноста на угостителските објекти преку соодветен протокол за работа. И оваа одлука ќе почне да се применува од 26 јуни, а од истиот ден се дозволува и работата на теретаните, вежбалните, додека моловите ќе може да почнат да работат и во неделите.
„За сите овие одлуки до петок, 26 јуни, кога започнува нивната важност, ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори и институции во чија надлежност се овие одлуки“, вели Спасовски.