Пред 14 години бевме мала група на млади и неискусни лица со огромна желба за промени, но поради конзервативните и патријархалните општествени норми, првите маршови ги одбележувавме подискретно и со затворена група на поддржувачи.
На овој начин Моника Тасевска од првиот колектив на сексуални работници на Балканот – Стар ги опишува почетоците на Маршот на црвените чадори. Според неа една од поважните работи е тоа што денес има зајакната заедница која не се плаши да зборува јавно.
Со Тасевска зборувавме за маршот, работата на СТАР, декриминализацијата, насилството, стигмата и пандемијата.
По повод 17 декември, Меѓународен ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, по 14-ти пат се одржа марш на црвените чадори. Кои беа вашите барања?
Овогодинешната кампања, по повод обележување на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, беше одбележана со промоција на онлајн видеото произлезено од првата ПОП-АП вечера одржана во мај и секако со традиционалниот Марш на црвените чадори, под слоганот „Декриминализација кога?“ со кој бараме итна и неодложна декриминализација на сексуалната работа во земјата и признавање на човековите и работничките права на најстарите работници во светот. Нашето главно барање е донесување на нова правна рамка за регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија, упатено до институциите и надлежните носители на одлуки.
Што е исто, а што е променето денеска, за разлика од пред 14 години кога за прв пат се организираше уличната акција која се претвори во традиција на марш?
Од кога за прв пат започна обележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници во нашата држава до овогодинешниот марш се сменети многу работи. Една од поважните работи е тоа што денес имаме зајакната заедница која не се плаши да зборува јавно, што воедно е мотивација и охрабрување и за останатите сексуални работници да зборуваат јавно и бидат гласни, да ги барат своите основни човекови прва.
Пред 14 години бевме мала група на млади и неискусни лица со огромна желба за промени, но поради конзервативните и патријархалните општествени норми, првите маршови ги одбележувавме подискретно и со затворена група на поддржувачи. Но, во последните години наназад поддршката се зголеми, развивме и одржуваме бројни партнерства со здруженија, па и институции, а воедно се зголеми и нашата видливост преку поддршката која ја добиваме од вас медиумите.
Пред десетина години се известуваше за „проституцијата“ на сензационалистички начин и во делот на црната хроника, но денес на 17-ти декември медиумите известуваат за „сексуалната работа“ и „сексуалните работници“ користејќи соодветна терминологија која најдобро нѐ опишува нас и нашата борба за основни човекови и работнички права.
Маршот на црвените чадори го организираше Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје. Кои се главните заложби и цели на организацијата?
СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот се залага за свет без насилство во кој сексуалните работници слободно живеат и работат, а почитувањето на основните човекови права и слободи се основни принципи на демократско и праведно општество со особен фокус на заштитата и унапредувањето на правата на сексуалните работниците.
СТАР-СТАР работи на подобрување на нашиот правен, социјален и здравствен статус во општеството преку подигање на свеста кај општата популација и активна соработка со засегнатите страни како државните институции, граѓанскиот сектор и медиумите, на локално и меѓународно ниво. При тоа, во СТАР-СТАР како колектив предводен од сексуални работници се мобилизираме кон нивно активно учество во процесите на креирање политики и пракси кои ја третираат сексуалната работа и заедно со засегнатите страни го следиме нивното спроведување.
Која е разликата меѓу државната заштита на сексуалните работници во некои други држави и тука, што кај нас недостига?
Сексуалната работа во нашата држава може да кажеме дека не е соодветно регулирана, односно постојат одредби во законите кои несоодветно ги третираат оние кои избрале да се занимаваат со сексуална работа по слободен избор. Тоа се членот 19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и членот 191 од Кривичниот законик. Во светот постојат различни модели на регулација на сексуалната работа, а ние како колектив и како заедница се залагаме за модел сличен на оној во Нов Зеланд, каде сексуалната работа е декриминализирана, а сексуалните работници и вршењето на дејноста се заштитени и регулирани со законски рамки кои се однесуваат на работните односи и човековите права.
Тоа е всушност она што ни недостасува, конкретна правна рамка за сексуалната работа како дејност и занимање. Со декриминализацијата, ние сексуалните работници би биле заштитени како социјално, така и правно што значи дека насилството и злоупотребата врз нашата заедница ќе бидат сведени на минимум. Така ќе се зголеми нашата доверба во институциите и ќе се охрабриме сѐ повеќе да пријавуваме злоупотреби, насилство и прекршување на правата. Со декриминализацијата ќе се овозможи и подобар и поефективен одговор на други негативни појави како трговијата со луѓе и сексуалната експлоатација. И секако, ќе се подобри пристапот кон квалитетна здравствена заштита која во моментов единствено ја добиваме преку програмите за превенција од ХИВ кои ги спроведуваат граѓанските организации со поддршка од Министерство за здравство.
Сексуалните работници се соочуваат со висок степен на насилство, особено родово-базираното насилство, омраза и малтретирање на јавните простори. Какви се вашите непријатни искуства со кои сте се соочиле во минатото?
Можам да ги насочам како пример коментарите на социјалните мрежи кога се објавува некое мое интервју, тогаш говорот на омраза кој повикува и мотивира насилство го чувствувам директно на моја кожа, но за среќа не сум имала сериозни напади досега.
Се имам соочено со насилство и злоупотреба на службена положба од страна на полициски службеник кој не сакаше да нѐ прими во полициска станица мене и една моја колешка, сексуална работничка која е трансродова жена, а бевме отидени да пријавиме насилство која таа го имаше доживеано. Службеникот во полициската станица дури беше насилен и непрофесионален и после 5 часа психолошко и физичко малтретирање, успеавме да влеземе и колешката да го пријави насилство кое го имаше доживеано претходно од страна на група млади лица. Тој случај заврши на суд и благодарение на моралната и правната поддршка од граѓанските организации успеавме да го добиеме случајот. Полицаецот беше осуден, што за нас беше голем успех, но и голема мотивација да продолжиме да пријавуваме насилство.
Споделувањето на ова искуство воедно сакам да биде поттик за сите останати сексуални работници кои се соочуваат со било каков вид на злоупотреба или насилство, секогаш да пријавуваат и документираат или кај нас во СТАР-СТАР како организација која дава поддршка, или директно во полициска станица и кај соодветните иснтитуции, бидејќи насилството и злоупотребата не треба да бидат премолчени и не смеат да поминат без казна или санкција.
Со оглед на тоа што се наоѓаме во пандемија, како таа влијаеше врз вашата работа?
Пандемијата придонесе кон зголемување на многубројните здравствени и социјални нееднаквости помеѓу сите ранливи популации меѓу кои и ние како сексуални работници. Како маргинализирана група на граѓани се соочивме и сѐ уште со соочуваме со низа проблеми и потешкотии бидејќи сме исклучени од владините мерки за помош и заштита од КОВИД-19. Пандемијата влијае негативно врз нашата општа благосостојба, меѓусебната интеракција, обезбедување на финансиски средства за основни потреби како што се домување, храна, лекови и слично.
Дополнително, постоечките законски казни, политики и воспоставената пракса на непризнавање на сексуалната работа како работна дејност, во услови на криза не само што ја онеспособуваат нашата економска моќ, туку и jа зголемуваат нашата ранливост на КОВИД-19. Во услови кога сексуалната работа не е конкретно правно регулирана и признаена како дејност, ние како маргинализирана заедница не сме во можност да ги користиме економските мерки кои важат за останатите граѓани и не можеме да работиме во безбедни околности, кои би придонеле кон заштита и спречување на ширење на КОВИД-19.
Како постапувате доколку некој клиент ја премине границата со оглед дека сексуалната работа кај нас не е законски уредена?
Јас се водам според основните начела дека секој граѓанин е еднаков пред законите и правдата, па така доколку јас или било кој сексуален работник се соочи со била каква злоупотреба или насилство, сето тоа треба да се пријави во полициска станица и јавното обвинителство да покрене постапка. Имав случај кога бев ограбена од клиент, при што немав страв да кажам дека лицето кај мене дошло како клиент, иако на суд беа малку изненадени од мојот отворен пристап. Но, во такви моменти не е тема на расправа мојата работа или на било кој сексуален работник, во такви моменти основен проблем е случајот и кривичното дело кое сме го доживеале.
Стигмата во општеството е поразителна, сте размислувале ли да се откажете од оваа работа?
Точно така, стигмата во нашето општество е поразителна, но според мене тоа не е причина едно лице да престане да се занимава со одредена професија или конкретно со сексуалната работа, само поради тоа што не е прифатена од поединци. Веројатно, секогаш ќе постои јавна осуда поради конзервативните и застарени општествени вредности кон сексот и автономијата врз нашите тела.
Сексуалната работа е работа, сексуалните работници не се продаваат себеси или своите тела, туку тие ние продаваме сексуални услуги како начин на заработка со што се издржуваме самите, па и нашите семејства и не правиме штета никому, ниту на општеството ниту на поединци. Сѐ додека има побарувачка за вакви услуги, ќе има и понуда.
Поради тоа, нема потреба да размислуваме дека треба да се откажеме само поради двојните вредности на нашето патријахално и конзервативно општество. Јас никогаш не би се откажала од мојот личен избор поради општото јавно мислење.
Што би им порачала на луѓето кои не ја „прифаќаат“ сексуалната работа како работа и личен избор?
Најпрво би рекла дека сите треба да го живееме животот онака како што нѐ исполнува, сѐ додека тоа не е на штета на некој друг. Јас не можам да водам сметка за други лица дали ќе ме прифатат или не, затоа што јас како и секој друг заработувам, се грижам самата за себе и за моето семејство, и не правам ништо со кое би ги загрозила моите најблиски, мојата околината или општеството во кое живеам и обезбедувам егзистенција. На оние кои не сакаат да ги „прифатат“ сексуалните работници или сексуалната работа би им порачала дека трошат многу време на туѓи животи и дека личниот избор никогаш не треба да е тема на јавна расправа во општеството. Таквата расправа за мене е многу себична, не смее никој да одлучува што е добро и потребно за другите.
Така што, не очекувам дека општеството целосно ќе ја поддржи сексуалната работа, но не можам да премолчувам пред било каква експлоатација и злоупотреба. Слично како кога работниците во други професии трпат експлоатација и злоупотреба, треба јавно да го осудиме тоа, но не можеме да им судиме на самите работници. Така и за сексуалната работа, оние луѓе кои не ја прифаќаат нашата работа како дејноста не значи дека треба да нѐ стигматизираат и да нѐ дискриминираат.
Автор: Маја Терзиова