Беловски: Новинарите „робуваат“ на мултитаскингот без дополнителен финансиски надоместок

0
288

Пандемијата беше одлична прилика да се направи дистинкција меѓу медиумите кои проверуваат и филтрираат и медиумите кои лиферуваат непроверени содржини, смета Павле Беловски, претседателот на Самостојниот синдикат на новинари на Македонија.

Тој вели дека социјалните медиуми го преземаа изворот за најдезинформирачки извори на информирање, но сепак додава дека јавноста во земјава добива квалитетни информации за пандемијата за разлика од развиените западни демократски општества кои се соочија посериозно со проблемот на лажни вести.

Кога се работи за условите на новинарите, според него тие „робуваат“ на мултитаскингот извршувајќи и по неколку работни задачи на различни позиции без дополнителен финансиски надоместок.

Беловски во интервјуто за ПИНА зборува за условите на новинарите, работата во пандемија, медиумската слобода, новинарството и дезинформациите.

Самостојниот синдикат на новинарите сѐ уште е соочен да се бори за решавање на проблеми што биле актуелни пред многу години, прекумерна работа, неплатен труд, кратење на правото на одмор, работа без никакви права. Има ли подобрувања во ова поле во однос на претходните години?

Одредени подобрувања на ова поле се забележуваат, но тоа е далеку од едно соодветно ниво, или да речеме ниво кога таквите проблеми би биле занемарливи. Поголеми успеси на ова поле, односно поголемо почитување на работничките права на новинарите може да има само со солидаризирање на новинарите и медиумските работници, нивно синдикално организирање и притоа реагирање на ваквите проблеми во континуитет.

Не знам дали постојат случаи каде некој работодавец самоиницијативно решил да го подобри своето работење во корист на работниците. И да постои таква лична тенденција полезно би било тоа да е продукт на активен синдикализам или страв од ангажираност и реактивност на системот. Би заклучил дека медиумскиот простор во последната деценија бележи тенденција на имплементација и почитување на постоечките закони коишто, пак, се подлежни на интензивна работа на ССНМ и партнерските организации. Сепак останува стремежот за максимално почитување на работничките права. Работничките со црвено, права со болдиран фонт.

Бевме сведоци дека пандемијата со Ковид-19 беше алиби за закани за кратења на платите и отпуштања, односно медиумските работници дополнително се најдоа на удар од корона-кризата. Каков се одрази тоа кај новинарите?

За среќа немаше огромен број на отпуштања, или таканаречени групни отпуштања, иако беа забележани одреден број на случаи каде новинари или медиумски работници го загубија своето работно место, а беа забележани и намалувања на платите во одредени медиуми. Мерките кои беа преземени од владата, за подобрување на економската состојба во медиумите, кои беа повеќеслојни и особено насочени кон радиодифузерите, како и уредбата за покривање на придонесите за социјално и пензиско осигурување која ја иницираше ССНМ сметаме дека дадоа добри резултатите земајќи ги во предвид околностите и со ковид кризата и со медиумската индустрија во земјата.

Секогаш може да се направи повеќе. За жал имаше медиуми кои не се грижеа премногу за своите работници, па тие беа оставени сами на себе. Но, мора да кажеме дека имаше медиуми кои брзо се организираа, поделија маски, спроведоа работа од дома, или работа во смени и слично. За жал, заштитата од корона вирусот на крајот од денот, повторно зависи од индивидуата и колку таа може да ги испочитува мерките за заштита. Токму поради поголема заштита ССНМ, заедно со ЗНМ инсистираше новинарите да бидат меѓу првите кои ќе бидат вакцинирани и го организираше тој процес. Бидејќи новинарите вршат работа од јавен интерес и секогаш мора да се сметаат, односно класифицираат како есенцијални работници.

Дали јавноста стекна поголема доверба во медиумите во текот на пандемијата или сосема спротивно?

Јавноста е неписмена. Јавноста е медиумски неписмена е новото поимање на писменоста. Постојат обиди на нашите партнери да се работи на зајакнување на медиумската писменост. Напливот од содржини и медиуми му пркоси на овој мега проект. Две години сме исправени пред предизвикот да ја сработиме пандемијата во медиумскиот конгломерат. Ако искуствено се произнесам би рекол дека јавноста во нашата земја добива квалитетени информации за пандемијата за разлика од развиените западни демократски општества кои се соочија посериозно со проблемот на лажни вести. Лажни вести поврзани со пандемијата кои рушеа рекорди. И нашата јавност не беше и е не е имуна на лажните вести за пандемијата иако соодносот на увезни вести преку социјалните медиуми е немерливо поголем од домашните лажни вести.

Но, пандемијата беше одлична прилика да се направи дистинкцијата меѓу медиумите кои проверуваат и филтрираат, и медиумите кои лиферуваат непроверени содржини. Па оттука јавноста се подели на мал процент која дава доверба на мал број медиуми со сомнителна содржина, и пошироката јавност која ја засили довербата во повеќето медиуми кои се погрижија за квалитетни и навремени информации. Долг е процесот за сегрегација по квалитет а пандемијата го засили тој неминовен процес кој треба да биде пропратен со проектот – медиумска писменост.

Ќе се промени ли новинарството по пандемијата? Како ги коментирате условите за работа на медиумските работници во овие две пандемски години? Дали тие беа доволно заштитени, но и дали можеше да се направи нешто повеќе?

Ги променивме ли навиките и традиционалното поимање на новинарската професија и конечно го дигитализиравме нашето новинарско перо? Две години пандемиски услови, работа од дома, преполовени редакции, мерки и рестрикции. Оваа нова реалност не само што се провлекува стихијно и трае, туку ги исфрли на брегот и проблемите за кои предупредуваа самите новинари и нивните организации.

Новинарите „робуваат“ на мултитаскингот извршувајќи и по неколку работни задачи на различни позиции без дополнителен финансиски надоместок. Најизложени на ризик се видео-новинарите, за кои падна побарувачката, поради растот на онлајн-комуникацијата и на виртуелните прес-конференции, процеси кои се уште траат и по повеќе од година пандемија.

Новинарската индустрија не може да го сузбие вирусот и да ја врти нормалноста на секојдневието. Затоа новинарите мораат да ја препознаат потребата од здружување во нивните организации и синдикати. Оттаму мора да доаѓаат иницијативи и предлози за нови законски решенија кои ќе ги препознаваат, превенираат и санкционираат аномалиите и кршењето на постоечките закони во услови на пандемија. Новинарите не можат да преживаат уште една година пандемија без планска и квалитетна трансформација.

За промените е потребна еволуција, а не наметната револуција. Новинарството постојано се менува, како што се менува и медиумската индустрија и технологијата на пренесување и испраќање вести до публиката. Пандемијата само забрза некои процеси. Гледајќи разни примери низ светот на иновативни пристапи на новинарството, не можеме да кажеме дека медиумите кај нас, или барем најголем дел од нив се обидува да биде во тек со различните новитети во новинарството и во медиумската индустрија генерално.

Каква е состојбата, дали можеби постои напредок кога се работи за притисоците и нападите кои се прават врз новинарите, во однос на претходните години?

Не постои голем напредок, или напредок кој ние би сакале да го видиме. Бројот на напади е намален, особено физичките, споредено со претходните години. Но, за жал постојани се нападите, заканите преку социјалните мрежи или други дигитални алатки. Овие закани не можеме ниту точно да ги изброиме бидејќи новинарите толку се навикнаа што голем дел од нив не ги ни пријавуваат. Особено загрижува тоа што во последните две години најголем дел од овие напади и закани се насочени кон жените новинарки, и изобилуваат со онлајн насилство и вознемирување на родова основа.

Колкава е медиумската слобода во Македонија и како таа може да се подобри?

Многу работи фалат за подобрување на медиумските слободи во Македонија. Тоа не е една активност, еден закон, или иницијатива. Потребни се низа работи да бидат променети за да имаме поголема слобода, поголем број на кредибилни и професионални медиуми. Прво треба новинарите да бидат посолидарни и заедно да работат на подобрување на работните услови, бидејќи без сигурни, добро платени работни места, нема слобода на медиуми, а тоа значи поголема и постојана борба за своите права.

За жал, се уште денес во 2021 година имаме новинари на кои им е страв да се обидат да се зачленат во синдикат, бидејќи тоа побарува од нив да контактираат со правната или финансиската служба и да им кажат дека се зачлениле во синдикат за да им одбиваат од плата за членарина. Понатаму, поголемата слобода зависи и од желбата на луѓето во фелата да се изборат за својот интегритет и што поретко да паѓаат на притисоците од сопствениците, политичките партии и други групи од интерес. Се разбира, еден од клучните фактори е и тоа дека сопствениците на медиумите треба да разберат дека медиумите вршат работа од јавен интерес и дека тоа не се само компании кои се спореден бизнис создаден за да помага за остварување на некои други бизнис интереси. Има уште многу да се набројува.

Последниот случај кој го обзнани ЗНМ и ССНМ беше со Телевизијата Алфа која одлучи да отпушти шест работници, бидејќи барале исплата на плати и придонеси кои доцнеле и до три месеци, како што соопштија здруженијата. Каков е епилогот? Што ЗНМ и ССНМ успеаја да издејствуваат и до каде е случајот?

Случајот е во фаза на приговори, како до Алфа ТВ така и до Трудовиот инспекторат. ССНМ за сега не може ништо да издејствува. Отказите се случија, сега следува правната разврска. Она што може ССНМ да го направи е да им даде правна помош на своите членови, да ги застапува и да преземе се што е во рамките на законската регулатива. ССНМ претходно во три наврати успеа преку медијација, закани за штрајк и слично, секако со силната волја и решителност на вработените во Алфа ТВ да издејствува исплата на заостанатите плати, но отпуштањата се друг случај чија разврска може да потрае. Но, останува горкиот вкус на поразот. Стравот, неизвесноста и дестабилизираноста кај останатите во колективот го руши и така кревкиот дух на солидарност и сплотеност во остварување на работничките права.

Затоа оваа лоша епизода во новинарството одново оди на контото на работодавачот дека со незаконски откази може да го обесхрабри работникот и да го продлабочи односот на подјараменост иако во крајна инстанца целта на законите е да создадат фер и еднакви услови на рамноправност меѓу работодавачот и работникот.

Обемноста на дезинформациите дистрибуирани преку социјалните медиуми се дополнителна закана за нарушување на угледот на новинарството. Денес секој може да создаде „медиум“ и да објавува содржини. Колку сметате дека тој „информациски хаос“ ги доведува во прашање информациите, односно нивната цел, кредибилитет и ефективност?

Медиум или академски „канал“ за пренос на информација како термин но и во пракса се растегна до нови димензии, а од најновото толкување секако дека ги опфаќа и социјалните медиумите. Заклучокот е дека социјалните медиуми го преземаа изворот за најдезинформираччки извори на информирање.

Загрижува фактот што традиционалните медиуми стихијно често и без цел се потпираат на социјалните медиумите. Со оглед дека од традиционалните медиуми се информираат над 80 проценти од граѓаните во државата. Или ако прецизно дијагностицираме можностите на политичарите, квази експертите, партиципиентите во контактните емисии да шират дезинформации директно до јавноста се одвива благодарејќи на заобиколувањето на „Гејт-киперите“ на медиумите и нивната уредувачка контрола а притоа се снижува „фактичката одговорност“ до непристојна невидливост.

Па оттука познатиот рок цитат „голтај што ти се сервира“ најдобро го прикажува антагонизмот на здравото и необременето новинарство. А како поинаку се нарекуваа лажните вести во минатото кога намерите беа исти- да се прелаже јавноста? Медиумската брана, телевизиските филтри се истите и до нив допираат дезинформации, полувистини и актуелните лажни вести кои имаат третман на современ феномен.

Телевизиите делуваат како „помалото зло” кога станува збор за пропуштање на лажни вести, поради одговорноста која ја имаат и регулацијата на која подлежат. За разлика од нив, онлајн медиумите не се законски опфатени, а неретко намерата за основање е сомнителна. Ако дијагнозата – излажани гледачи или читатели се лажните вести, тогаш лекот е во писмените новинари, професионалните медиуми, етичката димензија, здравиот медиумски хабитат. Нема тука да ламентираме за штетата по јавниот интерес што се создава со осиромашеното новинарство, меѓутоа мора да се напомене дека непходно е да се внимава на фактите дека телевизиите се сеуште најмоќното медиумско орудие и кај нив одговорноста при конципирањето и емитувањето на содржината мора да биде апикална вредност.

Интензитетот на информации може да се третира правилно со селекција на вести и неколкукратна проверка на она што се споделува за да не се наседне на мамката „актуелност- навременост“. Темата е анахрона но есенцијално врежана за ДНК-то на новинарството и секогаш вредна за размислување со тенденција да понуди одговори на современите аспекти – како до поквалитетно и брзо информирање на јавноста со предзнак – дигитализација.

Автор: Маја Терзиова