Во последниот период, источниот регион на Македонија се соочува со сериозна економска и социјална криза поради затворањето на текстилни компании, што резултираше со отпуштања на работници. Само во Штип, над 150 работници останале без работа, додека ситуацијата се влошува низ целиот регион.
Претседателката на Здружението Гласен Текстилец, Кристина Ампева во интервју за ПИНА.мк вели дека ова е резултат на долгогодишно институционално запоставување, отсуство на стратегија, нефункционални мерки и системска корупција. Работниците, најчесто жени во средни години, остануваат без примања, без социјална сигурност и без перспектива – додека државата молчи.
Ампева предупредува дека ако не се превземат итни мерки, ризикуваме да изгубиме не само илјадници работни места, туку и цела индустрија – и со тоа, иднината на стотици семејства.
Можете ли да ни кажете повеќе за последните информации што ги објавивте во врска со отказите во источниот регион поради затворање на фирмите – колку работници се отпуштени, во колку компании и кои сектори се најзасегнати?
Секторот текстил е дефинитивно најзасегнат во овој период. Само во Штип, во изминатиот период, над 150 работници останаа без работа. Претходно имавме две конфекции во Скопје, со нешто под 100 вработени. Овие отпуштања не се само прашање на невработеност – туку на луѓе кои заминуваат од работа без да добијат неколку плати, без платени придонеси и без социјално осигурување.
Со години наназад, гледавме јавни настапи на претставници од Организацијата на работодавачи каде се тврдеше дека „текстилот умира“ – но тогаш тоа не беше вистина. Денес, за жал, е. Но, никој не зборува за вистинските причини зошто дојдовме до оваа состојба. Како држава со децениска традиција во оваа индустрија, сега без јасна стратегија, остануваме без цел сектор.
Кои се клучните причини поради кои овие компании се затвораат? Колку од нив се поврзани со надворешни фактори, а колку со домашната економска политика и институционална поддршка?
Предупредувавме одамна дека ќе се соочиме со вакви последици. Причините се многу. Од една страна, проблемот лежи во долгорочно ниските плати – кои до 2017-та се движеа околу 8.000 денари, отсуството на инвестиции во автоматизација и модернизација, како и недоволната транспарентност и корупција што им овозможуваше на некои сопственици да функционираат без да ги исполнуваат обврските. Нелојална конкуренција, сива економија, не почитување на правата и платите на вработените
Имаме и структурални проблеми – речиси никакво вложување во развој на сопствено домашно производство, сопствени брендови, иако во времето на Југославија нашата земја беше лидер на модни саеми низ Европа.
Секако, надворешни фактори постојат: последиците од ковид-кризата, енергетската и економската криза, како и намалените нарачки од странските брендови поради опаѓањето на куповната моќ во ЕУ. Но, она што е особено значајно е што сѐ повеќе брендови ги избегнуваат земјите со високо ниво на корупција. Кај нас, нема стабилна државна поддршка, нема субвенционирање на придонесите при покачување на минималната плата, нема одговорност.
Дополнително, две години наназад слушаме дека нема поврат на ДДВ кон компаниите. А фирмите кои вработуваат лица со попреченост – и кои согласно закон имаат право на поврат на придонеси – не ги добиваат тие средства уште од септември минатата година. Тоа е сериозен удар, особено и за ваква категорија на лица кои и онака се најранливи.
Затоа е важно да се праша: дали е планиран овој расход во буџетот? Зошто државата не ги сервисира своите обврски кон приватниот сектор? И ако навистина постои допис од Народна банка до комерцијалните банки дека текстилниот сектор е ризичен за кредитирање – какви последици ќе има тоа за иднината на индустријата? Наместо поддршка, гледаме недостиг на слух, особено за сектор од кој зависат цели региони како источниот, но и градови како Штип, Прилеп, Кочани.
Истовремено, вниманието е насочено само кон странски инвеститори, често со маркетинг-средби и повторно „отворање“ на истите фирми. А микро, мали и средни претпријатија – кои сочинуваат над 98% од нашата економија – не добиваат ни слух, не пак поддршка, од новите функционери.
Какви последици имаат овие отпуштања врз работниците – финансиски, психолошки и социјални?
Многу луѓе, особено оние што поминале низ транзицијата од 90-тите, уште ја носат таа траума. Периодот на криминалната приватизација остави длабоки рани. Во време на пандемија, имаше барем некаков одговор од државата. Денес – нема ништо.
Ситуацијата се влошува и поради тоа што работниците, најчесто жени, се во средовечна возраст, работат од свои 18 години во текстилниот сектор и сега, на 50 или повеќе години, остануваат без работа. Во многу случаи, тие се единствени со формален приход во семејството. Тоа значи дека цело семејство останува без здравствено осигурување, без стабилност, без план.
Ако продолжи оваа состојба, ќе се одрази дополнително и врз демографијата – уште помалку новородени, уште помалку запишани ученици, уште повеќе иселувања. Никој не заминува затоа што му е убаво во странство – туку затоа што овде не гледа перспектива. Овие откази се само симптом на подлабока болест – сиромаштија, несигурност, нефункционален систем.
Има ли алтернативни решенија за работниците кои остануваат без работа – преквалификации, вработувања, самовработување? Колку се достапни овие можности на локално ниво?
Теоретски, постојат програми. Но во пракса, тие најчесто се само за статистика. Преквалификација и доквалификација реално не постои за жените кои цел живот работеле во текстил. На 50 години, со децении искуство само во оваа индустрија, невозможно е тие жени да се пренасочат кон сосема различни професии. Тоа е нефер очекување.
Самовработување е уште потешко. Не може да се очекува од жена која останала без работа и без неколку плати, да почне приватен бизнис во индустрија што ја напуштаат и големите играчи. Особено ако ни самите транзициски капиталисти не инвестираа во домашно производство, туку ги акумулираа профитите без визија за развој.
Какви се последиците од овие затворања за локалната економија и за општата економска и социјална стабилност?
Оваа криза нема да погоди само неколку компании или градови – туку целиот регион и целата земја. Официјалната бројка од 24.000–25.000 вработени во секторот не ја опфаќа сивата економија. Во реалноста, бројот на луѓе што зависат од текстилот е многу поголем.
Особено е важно да се потенцира дека ова е сектор каде мнозинството од работната сила се жени. Во источниот регион, тие се често единствени со формална работа. Мажите или се во странство, или работат нерегуларно. Кога жената ќе остане без работа, целото семејство останува без никакво покритие – ни здравствено, ни социјално.
Оваа криза има повеќе димензии – економска, социјална, демографска. И најлошо е тоа што властите сѐ уште не ја препознаваат сериозноста на ситуацијата.
Постојат ли механизми преку кои би можеле да се спречат ваквите затворања или барем да се ублажат последиците?
Секако. Не треба да измислуваме нови решенија – доволно е да ги погледнеме примерите од соседните земји. Таму, при зголемување на минималната плата, постојат субвенции на придонесите. Постои стратегија по сектори, поддршка за домашни производи, инвестирање во иновации. Кај нас – ништо од тоа.
Наместо фокус на маркетинг, средби со големи инвеститори и сликања, потребно е да се работи на терен, да се слушнат малите претпријатија и реалните работодавачи кои се борат со криза. Успешни се. Визионери кои ги имаме и со кои се гордеат нашите градови, нашата заедница. Чесни и одговорни. Малку, но ги имаме. Не треба да имаме партиски книшки за да бидеме сослушани. Така функционираат успешните општества.
Како здружение ја следите состојбата на терен – постои ли ризик трендот на отпуштања да продолжи?
Да – и ризикот е сериозен. Со ова ниво на институционална игноранција, состојбата ќе се влошува. Она што се случува сега е само почеток ако не се преземат итни мерки. Постои реална опасност да изгубиме цел сектор, и со тоа – илјадници работници. Семејства.
Дали остваривте комуникација со надлежните институции по овие случувања и каков е нивниот одговор?
Имавме јавни повици преку медиуми, упативме барања за средби и вклучување во процеси. За жал, немаме добиено одговор. Ова не е првпат – но е особено разочарувачки што дури и кога алармот е гласен, институциите не реагираат.
Секогаш кога се во опозиција, политичарите ветуваат отвореност и соработка. Но кога ќе дојдат на власт, стануваат недостапни. Слушаме изјави како „Македонија е четврта економска сила“, или дека „минималната плата има поголема куповна моќ од десет земји од ЕУ“. Тие тврдења се неосновани и го поткопуваат кредибилитетот на институциите. Создаваат револт кај експертите и кај работниците.
Потребна ни е сериозна, одговорна, и транспарентна власт која ќе ги слуша гласовите на оние што ги погодуваат кризите – а не само на оние што седат на маса со моќ.
Авторка: Бојана Спасовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА




![[Интервју] Психолог Ивана Маринчек: Од кризата може да се извлечат и големи лекции](https://pina.mk/wp-content/uploads/2020/03/IMG_20180816_131629-100x70.jpg)
