[Интервју] Милош Б. Андоновски: Театарот ќе ја преживее пандемијата

0
388

Театарскиот режисер Милош Б. Андоновски (31), е еден од македонските културни творци кои се „навикнати“ да работат во нетипични или неповолни услови. Тој е од оние кои нема да бараат изговори за да не се работи, туку напротив, до максимум ќе го искористи она што му е дадено тука и сега. Како независен и невработен културен работник, го изодува потешкиот пат до финалните креации кои ги замислил. Ситуацијата со пандемијата предизвикана од КОВИД-19 дополнително му ја отежнува работата, особено што оваа група на уметници (независни и невработени) беа меѓу најпогодените. Но, Андоновски не се предава пред силата на коронавирусот и веќе е финализирана „Иднината е приватна“, претстава по негов текст која ја започна со подготовки пред светот да се затвори, а говори токму за изолацијата и зависноста од технологија. Ова негово „предвидување“ ќе може премиерно да се погледне на 9 септември, во публика (Денсинг сала на МКЦ) со само тројца посетители, но онлајн достапна за сите.

ПИНА: Повеќе од половина година живееме во нови нетипични услови поради пандемијата предизвикана од ковид-19. Како е да се живее во вакви услови како независен уметник, и во смисла на приватен живот, но и како уметник чие творештво е надвор на сцена, на терен?

Андоновски: Не дека е лесно да се живее како невработен и без пандемија, но тогаш барем за нијанса е полесно зашто ангажманите не се комплетно запрени. Постојат периоди во кои нема проекти, нема работа, но тоа се фази кои поминуваат. За време на пандемија пак, особено во земја во која културата е уредена вака како што е, да се живее како невработен личи на сцена од пост-апокалиптичен филм чијшто крај не се насетува. Кој знае, можеби и ќе се случи после овие долги „реклами“ зашто министерството за култура сега има ново раководство од кое сите многу очекуваме!

ПИНА: Како ги проценувате обидите на државата да се намалат економските последици кај независните творци во културата. Дали сметате дека доволни беа преземените мерки?

Андоновски: Никако особено. Освен сто и четириесет или сто и педесет, колку-и-да-беа самостојни уметници, никој друг не се почувствува згрижен, прибран, виден, а нè има многу повеќе од таа бројка кои не сме регистрирани како „самостојни уметници“ во Централниот регистар – кој заради неисполнување на критериумите, кој заради немање доволно сработени проекти, кој заради неинформираност, а кој и заради трошоците кои регистрацијата ги повлекува. Независните, невработените уметници немаат организирано тело кое може да лобира за нив, затоа не е ни чудно што сме последни.

ПИНА: Како гледате на целата ситуација во која се втурна светот. Дали оваа нова реланост може да послужи и како инспирација?

Андоновски: Ништо поглупаво не можеше да му се случи на светот од КОВИД-19. Веќе почнаа да ми пречат изјави од типот „се извинуваме, но знаете, побавно одат работите поради ситуацијава…“. Не верувам повеќе во тоа, оваа ситуација ќе трае уште година, можеби и две и доста веќе ја користиме короната како изговор. Напротив, нештата треба да течат со полна брзина, а не да застојуваат. За жал, мислам дека на повеќето им одговара таа бавност, која набрзо многу лесно може да се пресече со бунт и агресија. На луѓето им се смачено и стануваме сè понетрпеливи. Што се однесува до инспиративноста, оосбено на почетокот на пандемијава, доста се романтизираше по социјалните мрежи. Во театарската сфера освен, за жал, само два обиди, не видовме ништо друго, макар и видеа снимени со телефони од дома.

ПИНА: Можеме ли да извлечеме поуки од ова што ни се случи? Што треба да научиме?

Андоновски: Сигурно дека можеме да излечеме поуки, но секој со својата, за почеток, зашто сите имавме „многу време за себе“. Кои и да се поуките, многу поважно е да ги применуваме односно да ги преточиме во дела уште веднаш, да не останат тоа само некои проблесоци кои нè фасцинирале во карантин, па сме се заблагодарувале на универзумот, Бог, космосот што сме ги освестиле.

ПИНА: Ќе може ли да преживее театарот во некоја нова форма? Како ќе се надокнади онаа магија која настанува меѓу актерите и публиката во живо?

Дизајн на постер: Бојан Матејин

Андоновски: Театарот ќе преживее, барем јас и моите колеги ќе издржиме колку треба за да можеме да продолжиме да го работиме и прикажуваме како што му доликува на тој медиум. Сето она што денес се прави, целата инкорпорираност на технологијата во изведбените процеси не е ништо ново, сето тоа се правело пред доста време во Европа и пошироко, само  што фокусот не ни бил свртен натаму, нам, овде. Пандемијава вештачки ни ја бутна технологијата во работата, па малку почнавме да се однесуваме како да сме откриле „нешто ново“ во театарот. Мислам дека за тоа ќе треба многу повеќе труд и други нешта…А магијата лесно може да се врати и сега: да се одобри протокол за отварање на театрите и да се гледаат претстави со редуциран број на публика.

ПИНА: Периодов работите и на нова претстава. За што се работи и во каква форма ќе може да се погледне?

Андоновски: Да, работам на претставата со наслов „Иднината е приватна“ со моите колеги од театарската група „Пресврт“ и со уште неколкумина секако, независни, невработени актер(к)и. Претставата ја почнавме недела дена пред да се случи карантинот и имавме план да ја играме регуларно, во театарска сала, пред публика, во живо. Но, материјалот од претставата како „да претскажа“ што ќе се случува со нашите животи, особено со моментот на сајбер-миграцијата, нели, сите поинтензивно живеевме во тој простор откако почна сè; па одлучивме да не се откажеме и да чекаме, туку да ја сработиме претставата, да поканиме тројца гледачи во публика за премиера, додека истовремено правиме онлајн пренос во живо. Со физичко присуство, макар и на тројца гледачи, претставата во својата суштина останува да биде театарска претстава. Преносот во живо го користиме да ја направиме претставата подостапна за публиката дома, поради немањето протоколи и секако, да си погираме и поекспериментираме со технологијата. На некој начин и експериментираме со медиумите театар, телевизија, видео и знаеме до кој момент станува збор за театарска претстава, а од кој за видео снимка на театарска претстава. Тројцата кои ќе бидат со актерите во ист простор ќе имаат сосема поинакво искуство од оние кои ќе гледаат преку екраните. Претставата, инаку, зборува токму за тоа, за животот на луѓето во изолација од далечната иднина, кој не може да функционира надвор од сајбер-просторот и без „екран“.

Би сакале да ја изиграме повеќе пати и да ѝ го понудиме ова искуство на повеќемина, но сè зависи од средствата кои ги немаме и токму затоа е потребна поддршка од публиката, купување карта, гледање на претставата, донации…

Автор: Ивана Настеска

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.