[Интервју] Гетова: Eколошките проблеми се политички, економски и социјални проблеми

0
933

Симона Гетова, докторант на универзитетот Помпеу Фабра во Барселона и истражувач во областите клима и животна средина, вели дека постои поврзаност помеѓу климатската криза и ширењето на заразните болести. Во интервју за ПИНА, разговаравме за комплексноста на климатската криза и последиците од неа, но и за еколошките проблеми со кои се соочува нашата земја, за кои таа нагласува дека се исто така и политички, социјални и економски проблеми.

Неодамна имавте анализа за инфективните заболувања во време на климатската криза. Во неа ги разгледувате влијанијата на климатската криза врз разни аспекти на живеењето и можностите пандемијата на Коронавирус да биде поврзана со климатската криза. Како се поврзани овие две појави?

Постои причинско-последична врска помеѓу овие две глобални појави која е истовремено кристално јасна, но и доста комплексна. Како што објаснуваме во статијата за The Climate Herald, причините и ефектите од климатската криза создаваат оптимална околност што поттикнува ширење на заразни болести. Индустријализацијата на земјоделието, изградбата на брани и канали, урбанизацијата, уништувањето на шумите, затоплувањето на океаните, затоплувањето на атмосферата, зголемените врнежи од дожд и екстремните временски непогоди се сите одговорни за зголемено размножување и движење на животните кои носат патогени микроорганизми, како и за зголемување на нивната отпорност на разни заболувања.

Екстремните временски настани како поплави, создаваат погодни услови за разможување на комарци и други инсекти што резултира со контаминација на вода, а тоа доведува до повеќе болести. Екстремните временски непогоди и нерамнотежата во екосистемите поради масовното истребување на видови можат да го нарушат балансот помеѓу грабливците и пленот. Недостаток на конкуренција може да предизвика екстремно размножување на популацијата на одредени животни што дополнително го пореметува синџирот на исхрана. Тоа доведува до зголемена популација на одредени трансмитори на патогени микроорганизми, како што се глувците и комарците, на пример. Дури и затоплувањето на океанот е одговорно за појава на болести предизвикани од црвената плима која е резултат на токсично цветање на алгите.

Комплексноста на климатската криза се претвора во низа ефекти и последици кои пак, создаваат цела низа на други ефекти и последици. Ова важи практично за секој аспект од нашите животи, а ширењето на болести не е исклучок. Глобалното затоплување и сушите, шумските пожари и опустинувањето ги принудуваат животните да мигрираат приближувајќи ги до луѓето и создаваат можност за почести контакти со што се зголемуваат шансите за ширење на зоонози. И самите животни се поранливи бидејќи се во контакт со болести со кои претходно не се соочиле и заради стресот на присилна миграција нивниот имун систем ослабува.

Велите дека светот силно реагира и паничи на кризата од Коронавирусот но за да избегнеме повеќе состојби како пандемијата COVID-19 или уште полоши, треба да започнеме вистински да паничиме за климатската криза. Зошто?

Не е тајна дека живееме во време на огромни социјални и економски нееднаквости, длабока сиромаштија, бескруполозна корупција, концентрирана одлучувачка моќ во политичките и богатите елити, експлоатација на ресурси и труд, хетеро-патријахална надмоќ, континуирано уништувани на екосистеми, масовно истребување на видови, и преминување на неколку планетарни граници.

Последиците од овие состојби на денешницата ги чувствуваме сите, но во зависност од слоевите на ранливост и угнетеност во системот во кој живееме, некои индивидуи, групи и заедници, ги чувствуваат овие неправди многу повеќе и поболно од многу други; како во нашата земја, така и на Балканот и ширум светот.

Во периодот од 1980-та година па наваму се забележани зачестени појави на инфективни заболувања насекаде низ светот, но најповеќе во земјите од Глобалниот југ. Неслучајно ова е и периодот на интензивирањето на крајно неодржливиот социо-економски систем, неолиберализмот, кој се темели на колонијални империјалистички практики на експлоатација на луѓето, природата и ресурсите, најчесто од страна на „развиените“ земји од Западот, како во Глобалниот југ, така и во системски осиромашените делови од Глобалниот север.

Гледаме дека кога локалните земјоделски практики во руралните средини се обезвреднети или пак опустошени заради екстрактивни индустрии во името на профитот за мал број на корпоративни функционери, густината на градската популација се зголемува во потрага по егзистенција. Со уништувањето на природата, осиромашувањето на општествениот живот на многуте и интензивирањето на климатската криза, можностите за ублажување и адаптација и на локално и на национално ниво се помали. Осиромашените екосистеми и општествени заедници кои пак се непропорционално погодени од испреплетените кризи на денешницата (социјалната, економската, климатската), ги прави истите поранливи на екстремните временски појави и помалку склони на брз одговор и нивно решавање. Ова се должи на структурираната материјализација на природните ресурси (правењето профит од уништувањето на природата) и особено на системското одземање на моќта за вистинско партиципативно и демократско одлучување и управување со природните ресурси од страна на локалното, најзасегнато население.

Ова е маѓепсан круг на испреплетени неправди, од климатски, до општествени, до еколошки, кои се зајакнуваат едни со други се додека моќна колективна граѓанска акција не го обезличи кругот. Разбирањето дека еколошките и климатските проблеми не поттекнуваат сами од себе е првиот чекор. Фигуративното „паничење“ е всушност повик за очајно потребната колективна акција, но многу пообединета и помоќна од реакцијата кон ковид-19 пандемијата.

Подолг период сте климатски активист и се залагате за заштита на животната средина. Имате и иницијатива за итно спроведување на барањата од еко организациите за радикална промена во пристапот кон прашањето за животната средина и загадениот воздух. Дали се случија некакви промени во меѓувреме?

Колку што сум информирана, од бројните барања на здружените граѓански еколошки иницијативи позади Зелен Фронт, земени во предвид беа само едно или две барања од страна на властите. Можно е некои од многуте останати барања да се најдат интегрирани во ново иницираните политики, но конкретна информација за ова немам. Сепак би рекла дека ова не треба да биде изговор за очајување, ами поттик за уште пообединето, посмело и пошироко колективно делување. Тоа е и идејата позади здружувањето во Коалицијата на Иднината, и платформата Зелен Глас која е во подготовка. Ова е платформа со повик за сите активисти, граѓански иницијативи, феминистички групи, групи кои се залагаат за ЛБТКИА+ права, права на мигрантите и на др. маргинализирани заедници, прогресивни академици, донесувачи на одлуки, синдикати, асоцијации и многу други борци за социјална, економска и климатска правда, да изградат колективна визија за државата за 2030 и за заедниците во коишто сакаме да живееме, за потоа стратешки и колективно да ги туркаме промените кои сакаме да ги видиме во блиска иднина, во сите различни сфери на делување на секој од нас.

Земјава се соочува со високо ниво на загадување, едно горливо прашање кое јавноста малку го заборава во летниот период, но повторно се актуелизира секоја зима. Повеќе истражувања покажуваат дека смртноста од корона вирусот е повисока во земјите со високо загадување. Колку институциите се сериозни за сеопфатен пристап за решавање на овој долгогодишен проблем?

За жал, гледаме дека сеопфатен пристап кон решавање на овој проблем се уште нема. Доколку институциите го имаа сериозно сфатено проблемот со загадувањето, ќе го решаваа истиот од коренот. Наместо да го обвинуваат загревањто во домаќинствата за токсичниот воздух секоја зима, би креирале модели кои се справуваат со енергетската сиромаштија од која патат огромен број на граѓани и цели заедници во земјава. Наместо да ја покачуваат цената на електричната енергија и да ги полнат џебовите на енергетските компании, би креирале децентрализирани енергетски проекти за обновливи извори на енергија од кои бенефит ќе имаат самите корисници, граѓаните. Наместо да се кријат позади речиси нефункционалниот правен систем во државата, би имплементирале модел на санкционирање и мораториум на најголемите индистриски капацитети и загадувачи, според принципите на праведната транзиција. Листата е предолга. Но, исто така треба да ни е кристално јасно дека ниту најпрогресивниот донесувач на одлуки во било која институција во државата нема да го направи ова само по себе. За радикланите сеопфатни промени кои ни се потребни за решавање на овој и на многу други проблеми, потребно ни е моќно, смело и обединето граѓанство кое постојано бара активна вклученост во носењето на одлуки од кои сме најмногу засегнати на секое ниво; на локално, на национално, па дури и регионално и меѓународно ниво.

Повеќе години имавте акции за ,,Спас на Валандово“ како дел од оваа иницијатива против отворањето на рудници во близина на градот. До каде е борбата за спас на Валандово од отворањето на рудникот?

Долгогодишната борба против отворањето на рудникот Казандол беше успешна и вроди со плод. Ова еден светол пример за тоа колку може обединето колективно граѓанско делување да постигне. Но, во овој момент, очите на јавноста и безрезервната поддршка потребно е да бидат насочени кон борбата против отворањето на рудникот Иловица-Штука, планиран во најплодниот регион на државата каде што се одгледуваат голем број на земјоделски култури кои сите ширум земјата секојдневно ги конзумираме.

Кои се најголемите еколошки проблеми со кои се соочува во моментот нашата земја?

Би тргнала од тоа дека мораме да разбереме дека еколошките проблеми се всушност општествени, економски, социјални проблеми. Тие потекнуваат од политичките и економските нееднаквости во државата и пошироко, како и од недостатокот на вклученост на најзасегнатите во управувањето со природните и материјалните ресурси. Од планираните рудници во југоистокот, до загадувањето од „Пејпер Мил“ во Кочани, до планираната гасификација на државата, до загадувањето од регионалната депонија „Русино“, до канцерогената РЕК Битола, до покачувањето на цената на електричната енергија, и многу други; секој еден од овие (еколошки) проблеми е резултат на слоеви на општествена угнетеност на многуте од страна на малкуте од кои мораме да се ослободиме. Разбирањето на испреплетените врски помеѓу еколошките и општествените проблеми и излегувањето од силосите на дејствување во кои сме заглавени е првиот и основен чекор. Храброто колективното визионирање за заедниците и државата во која што сакаме да живееме е вториот. Моќното обединето делување во насока на постигнување на таа колективна визија е следниот чекор. Чиста и здрава животна средина и достоинствен живот со јавни изобилства и истовремено почитување на планетарните граници е повеќе од возможно. Но, и како академици и како институции и како граѓански активисти и како граѓани, имаме долг пат пред себе имајќи во предвид дека борбата за живеење во тој подобар свет е постојана.

Автор: Маја Терзиова

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.