Пред пет години во Скопје се отвори шелтер центарот Сигурна Куќа кој нуди привремено домување на ЛГБТИ+ жртвите на насилство, врз основа на сексуална ориентација и/или родов идентитет. Идејата е да помогне на најранливиот дел од ЛГБТИ+ заедницата.
Покрај сместување во центарот, корисниците меѓудругото се подготвуваат за вклучување на пазарот на труд, но исто така тука се вклучени и неформалните дружби од социјален карактер кои се од големо значење за процесот на интеграција и реинтеграција.
Пандемијата со коронавирусот оставила „белег“ на шелтерот, а за разлика од претходно, сега таму се појавиле и повратници, односно корисници кои по втор или трет пат се обратиле за помош.
За функционирањето на шелтерот, насилството и ефектот на пандемијата ПИНА разговараше со Ивана Костовска, менаџерка на Сигурна Куќа.
На кој начин некој може да се смести во Сигурна Куќа, но и кои групи на луѓе таа ги таргетира?
Барање за сместување во Сигурната куќа може да се направи на телефонските броеви 0800 66 6 66 и 071/210-475, преку онлајн формата на веб страната на ЛГБТИ Центарот за поддршка или секако може да не исконтактираат на нашата Фејсбук страна. Шелтерот е наменет за ЛГБТИ+ лица кои се жртви на насилство врз сексуална ориентација и/или родов идентитет, и поради истото се под ризик од бездомништво.
Како изгледа еден ден во просторот? Што сè се нуди таму освен сместување?
Еден ден во куќата е исполнет со различни активности, во зависност од потребите и желбите на корисниците кои се во моментот таму, како и во зависност од планираните активности. Покрај сместување кое се нуди во Сигурната куќа, кое вклучува обезбедување на храна и хигиенски средства и медикаменти, нудиме придружба од социјален работник, психосоцијална помош, психолошка помош, бесплатна правна помош, работилници за животни вештини, едукативни работилници, спортски и рекреативни активности, подготовка за вклучување во процес на работа, односно ги оспособуваме нашите корисници да се вклучат во пазарот на трудот, со тоа што работиме на подготовка на CV, подготовка за интервју, помош при процесот на барање на работа и исто така тука се неформалните дружби од социјален карактер кои се од големо значење за процесот на интеграција и реинтеграција.
Колкав е капацитетот на просторот и колку лица моментално се сместени таму?
Капацитетот на Сигурната куќа е 5- 7 лица кои можат да бидат сместени истовремено. 7мото легло е предвидено за кризно сместување, односно за сместување во момент на акутно насилство и трае од 24 до 48 часа. Бројот на легла е одреден според просторот кој го имаме на располагање, и е според Правилникот за привремен престој, односно запазени се стандардите кои се пропишани од страна на државата. Сите информации во однос на корисниците, се од доверлива природа, па било кои понатамошни детали не би можела да ги споделам.
Каква е праксата, колку време просечно остануваат тие лица во Сигурна Куќа, но и како се снаоѓаат понатаму?
Периодот на сместување во Сигурната куќа може да биде од 3 до 6 месеци, со можност за продолжување максимум до 1 година, во специфични ситуации каде тимот ќе направи проценка дека истото е потребно. Во врска со нивното напуштање на шелтерот, како што спомнав, работиме со корисниците на стекнување работни вештини и нивно вклучување во пазарот на трудот. Така они се стекнуваат со економска независност, со што потоа по заминувањето од шелтерот не се приморани да се вратат кај изворот на насилството. Го прекинуваат тој магичен круг, и јас сум навистина среќна за постигнатите резултати до сега. Сепак тоа е нашиот мотив да продолжиме да ја работиме оваа работа со ентузијазам и енергија.
Дали и на кој начин добивате помош од институциите во однос на функционирањето на просторот?
До сега само една година добивме финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика. Одржувањето на шелтерот и неговото функционирање е прашање кое постојано се провлекува како една потешкотија. Се работи за големи средства. Сметам дека поддршка од институциите за еден ваков сервис, кој е единствен на територија на РСМ, е неопходна. Се надевам дека во иднина институциите ќе имаат повеќе слух за ЛГБТИ+ лицата и за нивните потреби.
Како пандемијата влијаеше врз функционирањето на Сигурна Куќа?
Пандемијата како и на целиот свет, така и на шелтерот остави белег. Овие две години, ни се намалени групните активностите како и можностите за социјализација. Наспроти тоа имаме повеќе корисници, кои поради губење на работните места за време на пандемијата останаа без покрив над глава, па побараа сместување во Сигурната куќа. За разлика од функционирањето во „нормални услови“, во време на пандемија се појавија повратници, корисници кои по втор или трет пат се обратија за помош кај нас. Ова за нас исто беше нова ситуација.
Колку според вас е сериозна ситуацијата во однос на насилството во Македонија, но и како тоа може да се поправи?
Генерално ситуацијата со насилството во нашата земја е прилично сериозна, и истата бара сеопфатен пристап за решавање на истото. Единствен пат да се поправи ова, е преку образованието и преку подигнување на свеста. Кога би знаеле што се значи насилство и како да го препознаваме, ќе биде многу полесно да се справуваме со оваа појава.
Која е вашата порака до надлежните, но и до лицата жртви на насилство?
Нашата порака до надлежните е да бидат вклучени во решавање на проблемот со насилството, и сериозно да пристапуваат на секој случај кој ќе биде пријавен. А пак до лицата жртви на насилство, е да знаат дека не се сами што е најважно, и да побараат помош, зошто тоа е првиот чекор кон решавање на овој сериозен општествен проблем. Сигурната куќа е тука да им помогне на најранливите.
Автор: Кристијан Трајчов