Презентација: Мобилно новинарство посветено на решенија

0
287

На четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал -Скопје, новинарот од Би-би-си, Дугал Шо ги презентираше предностите при користење мобилно новинарство за конструктивно известување насочено кон решенија.

Дугал Шо од Би-би-си објасни дека предностите на снимањето со мобилен се брзина, самостојност и флексибилност за новинарот, помали трошоци за редакцијата и непосредност што дозволува пристап во ситуации каде стандардната камера и опрема би делувале позастрашувачки.

На информативната презентација тој покажа низа технички совети, вклучувајќи ја предноста на 360° камерите во ситуации кога има многу новинари што го покриваат настанот и тешко е да се дојде во првиот ред за снимање. Дугал искористил таква камера при известување од самитот во Давос каде медиумите го чекале појавувањето на Трамп.

Шо покажа неколку примери за конструктивно известување, каде при прикажување проблеми се разгледуваат и можни решенија. Во овој вид новинарски известувања, како и во новинарството во целост, комуникацијата останува на прво место, нагласи тој. „Кога споделувам прилог на социјалните мрежи секогаш ги читам коментарите, затоа што често се спомнуваат предлози и идеи што инспирираат нови стории“, вели Шо додавајќи дека новинарот треба будно да ја следи непосредната околина и приказните сами ќе го најдат. Ова го докажа со неколку примери од интересни приказни кои ги открил додека бил на локација за снимање друг прилог.