На четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал -Скопје, Ивана Настеска разговараше со Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ССНМ, и Христина Беловска од ТВ 24, за влијанието на пандемијата врз работничките права на новинарите.
Беловска, чие истражување „Новинарите стравуваат од вирусот, но и од губење на работата“ е објавено од ССНМ, потсети дека покривање на кризата за неа како теренски ТВ-репортер вклучувало и известување од најкритичните општини, градовите кои беа во карантин, како и работа по полноќ за да се долови атмосферата по полицискиот час. „Рејтингот на телевизиите на почетокот на пандемијата драстично се зголеми, бидејќи граѓаните бараа слика во живо, ги плашеше неизвесноста и имаа неодговорени прашања“, откри таа.
Заштитна опрема како визири, маски и средства за дезинфекција им е ставени на располагање на новинарите дури по инсистирање од синдикатот и некои граѓански организации, објасни Беловска, која и самата била позитивна на вирусот. „Истражувањето покажа дека тоа не е доволно, 47% се пожалиле дека им е потребна заштитна опрема, бидејќи тоа е нешто што постојано се троши, не е нешто што може да се даде еднаш и да се користи до крајот на пандемијата“ објасни таа потсетувајќи дека и секој лично треба да внимава, особено имајќи ги предвид стресот и брзањето да се заврши работата.
Истражувањето на Беловска покажува дека „новинарите се соочуваат со финансиски, психолошки, социјални и етички, професионални причини кои периодов се поакцентирани“. Таа го истакна и загрижувачкиот податок дека кај 62% од испитаниците новинарската работа во овој период негативно влијае врз менталното здравје, а наведе и пример за новинар кој бил казнет со 15% намалена плата.
ССНМ, пак, на почетокот на пандемијата испратиле анкетни прашалници до 50 сопственици на медиуми, но добиле одговор од само петмина. За Дуридански ова е показател дека без притисок никој не ги овозможува правата кои и без тоа следуваат, пропишани со закон. „Голема е иронијата на судбината на новинарите кои секојдневно се борат за туѓите права, а ретко или речиси воопшто не се борат за своите права. Ова е и за нас во Синдикатот целосно необјасниво прашање“, констатира Дарко појаснувајќи дека доколку новинарот кому му била намалена платата бил член на Синдикатот не би ја добил таа неоснована казна. „Без социјално и економски обезбедени новинари, нема ни слобода на изразување. Стравот од ваквите казни раѓа автоцензура“, објасни Дуридански кој решението во борбата за праведни работни услови го гледа во здружување на новинарите.
„Отпуштањата би им направиле проблем поради зголемениот обем на работа, бидејќи и онака повеќето редакции работат со премалку новинари“, Дуридански објасни и зошто кризата, навидум изненадувачки, не донесе голем бран отпуштања. Овде влијание има и финансиската помош од државата, особено мерката за покривање придонеси која условуваше да нема ниту едно отпуштање и платите да се вратат какви што биле пред евентуалните намалувања. Иако синдикатот генерално е против влевање државни пари во медиумите, Дуридански истакна дека очигледно мора да постојат исклучоци, особено во вонредни услови како тековната криза.
Сепак, доколу постои државна помош, таа треба да биде условена. „Да биде за новинарството, а не за медиумите“, нагласува Дуридански, „Да се користи за подобрување програми и содржини, но и да оди кај новинарите, да се финансираат дополнителни обуки, да се покачат платите. Да не завршуваат во џебовите на сопствениците, а условите да остануваат исти или полоши, новинарските плати да остануваат исти или да се намалуваат“. Резултатите од анкета на ССНМ покажуваат дека во редакциите постои огромен социјален јаз меѓу новинарите и повисоките позиции во медиумите, што е проблем кој постои и пред појавата на пандемијата.
Модерторката Настеска ја нагласи клучната улога на локалните медиуми и дописници, чија вредност стана јасна за време на тековната криза. „Сите дописници во МРТВ се хонорарци, немаат снимател, опрема, немаат осигурување, немаат пензиско“, со жалење потврди Дуридански додавајќи дека приватните медиуми имаат многу помалку дописници од порано, што би требало да се реши со уредба секој медиум со национална фреквенција да има вработено барем десет дописници. „Првото што се скрати, беа дописниците“, додаде Дуридански нагласувајќи дека тоа не е одлука од јавен интерес.
Христина истакна дека се соочуваме со прашањето кој ќе остане, а кој ќе си оди од медиумите, наведувајќи дека 30% од анкетираните одговориле дека познаваат медиумски работник кој останал без работа за време на корона кризата. Според неа поради актуелната состојба останува едно лице да покрива што повеќе работни обврски, па во некои редакции се сè помалку потребни сниматели и монтажери, чија задача би паднала на терет на новинарите. Проценките се дека кризата допрва ќе ги погоди сите аспекти од работничките права, што може да одведе и до целосно затворање на медиуми кои нема да успеат да го пребродат сето тоа, заклучува Беловска.
Дуридански најави дека ССНМ подготвува публикација „Новинарството како јавно добро“, за чија подготовка истражувал и позитивни светски примери за иновативни начини на финансирање и создавање локални медиуми. Разликата меѓу медиумите во развиените земји и земјите во развој е што првите поиновативно пристапуваат кон обидите за справување со кризата, вели тој.