Младите во Кичево и во Кочани: Мали градови со уште помали можности за развој

0
2866

На различни страни од државата, но со сличен број жители и со слични проблеми за младите. Кичево и Кочани нудат многу предизвици за младите луѓе, но малку можности и финансии за развој во работата, културата или рекреацијата. И двата градови донеле „Стратегии за младите“, но малку се трудат да ги реализираат. Двете општини во последните три години или воопшто не издвоиле или, пак, предвиделе само минимални пари за проекти и активности за младите.

Дваесет и двегодишната Бисерa Филиповска од Кичево е првиот дипломиран семејнолог во нејзиниот град. Филиповска, како и останатите млади во Кичево, има многу проблеми. Не верува дека лесно ќе се вработи, но подготвена е да се бори за своето место во општественото дејствување. Вели дека изборот за студирање на овој факултет ѝ бил втора опција бидејќи предвреме се откажала од нејзината најголема љубов – актерството.

„Немав можност да се подготвувам за овој факултет бидејќи се изумрени драмските секции во училиштата, а сè поретко ги има и надвор од училиштата. Во Кичево нема професионален театар, па можностите за нас, кои растеме во помали средини, не се еднакви со оние, на пример, кои живеат во Скопје или во другите поголеми градови. Единствено, имав можност неколку пати да глумам во претстави што беа од хуманитарен карактер организирани од Црвениот крст“, раскажува Бисера.

Бисера Филипоска – приватна архива

Таа додава дека многумина млади од Кичево за првпат во својот живот посетуваат театар дури кога ќе се запишат на студии во Скопје или во Битола, а тоа го смета за голем недостаток за шансите за културен развој и надградба на цели генерации од овој град.

Кичево годинава беше избран за „Град на културата“, а тоа беше шанса за заживување на оваа мултикултурна средина. Во програмата беа предвидени многу активности на различни локации во градот, како што се НУЦК „Кочо Рацин“, Китиното Кале, музејот „Западна Македонија во НОВ“ и слично. Но, пандемијата предизвикана од КОВИД-19 ги промени плановите.

Во однос на негувањето на спортско-рекреативниот дух, младите кичевци на прво место го имаат комплексот „Крушино“, но од сето она што беше на располагање до пред 15-ина години, сега во функција се само фудбалското игралиште, атлетската патека за трчање и едно тениско игралиште. Кога го посетивме ова рекреативно-излетничко место, на теренот за кошарка беа останати само таблите. Останати се руинираните тоалети што не може да се користат, а пред очите на кичевци со години се распаѓа и тамошниот хотел-ресторан, кој е објект врежан во нивната заедничка меморија.

Крушино

„За ’Крушино‘ паметам дека беше редовно викенд-место за прошетки и рекреативни активности до пред десетина години, можеби и повеќе. Сега повторно се користи за играње фудбал, трчање, возење ролерки или велосипеди, но за да биде целосен комплекс недостигаат многу работи, кои некогаш ги имаше. Сега нема ниту основни услови за хигиена, а отежнат е и пристапот до него со градежните активности што се одвиваат поради изградбата на патот Кичево – Охрид“, додава Бисера.

Едно од тениските игралишта во Крушино

Според нејзиното мислење, институциите треба да се вклучат повеќе во развојот на младите од помалите средини. Вели дека многу нејзини соученици ја гледаат својата иднина во странство, а некои веќе се и отселени. Во Кичево постепено се намалува и бројот на запишани ученици во основните и средните училишта и тој сè повеќе личи на град на пензионери.

За пет години во Кичево „испариле“ седум паралелки во основните училишта

Официјалните бројки покажуваат дека училишните клупи постојано се празнат, иако причините конкретно не се лоцирани.

Податоците од Државниот завод за статистика од изминатите пет години покажуваат дека во учебната 2015/2016 година во основните училишта се запишале вкупно 3 695 ученици. Ако оваа бројка се спореди со бројот на запишани ученици во учебната 2019/2020 година, се забележува намалување на бројот за 148 ученици. Ако се земе дека просечниот број ученици во една паралелка е 20, ова значи дека во Кичево само за пет години има 7,5 паралелки помалку во сите основни училишта.

Намалувањето на учениците за истиот период е видливо и во средните училишта каде што во 2015/2016 година се запишани 1 838 ученици, а пет години подоцна, во 2019/2020 година бројот на запишани се намалил на 1 458 ученици. Во овие пет години, средните училишта во Кичево изгубиле 380 средношколци.

Причините за ова се различни, од отселување до запишување во средно образование во градовите во регионот на Кичево што нудат стручно образование.

Кичево

 

Општината малку или воопшто не издвојува пари за младите

Од Општина Кичево велат дека во 2018 и 2019 година немале обезбедени средства за активности за младите, а, пак, за 2020 година биле предвидени само 210 000 денари, но досега не се искористени. Дополнуваат дека општината нема реализирани проекти за млади, иако со помош на меѓународни организации, како што е ОБСЕ, има издадено „Стратегија за младите“. Од локалната самоуправа во Кичево додаваат дека сепак имаат неколку програми за невработени лица­­­­­­, во кои се вклучени и младите.

„Општина Кичево обезбедува програма за невработените со цел да се спречи нивното заминување. Врз основа на Програмата за поддршка на локалниот економски развој, која предвидува буџет за ’Поддршка за претприемништво, деловни планови, започнување нови бизниси и спроведување проекти што придонесуваат за намалување на невработеноста во општината‘ и за ’субвенционирано вработување‘, со цел да се создаде конкурентна економија во приватниот бизнис, поддршка на развојот на мали и средни претпријатија и претприемништво, како и врз основа на Оперативниот план и упатствата за спроведување мерки за самовработување“, објаснуваат од Општина Кичево.

 

Можностите за напредок за младите во малите градови се сведени на минимум

На другиот крај од земјава, во Кочани, град со слична големина како Кичево, младите се соочуваат со истите проблеми и предизвици. Иле Матеничарски, кој има 23 години и живее и работи во Кочани, веднаш по дипломирањето на Факултетот за новинарство формирал портал за локални вести. Вели дека иако Кочани, веднаш по Штип, важи за административен центар на истокот на земјата, можностите за каков било развој на младите и за напредување во кариерата се многу мали, а понекогаш и не постојат.

Фото: Иле Матеничарски

„Кочани има можност за развој во речиси сите сфери од живеењето (култура, спорт, работа со млади), но погрешните политики на локалните власти во делот на младите влијаат за иселување од градот и мигрирање кон поголемите градови или надвор од државата. Најголемите предизвици за младите во Кочани се недостигот на доволно интересни содржини за нив, неможноста за вработување според струката, а исто така на многу ниско ниво е и културниот живот. Младите најчесто немаат можност да го унапредуваат својот талент во одредени области, ниту, пак, да имаат исполнет социјален живот“, вели тој за ПИНА.

Според неговото мислење, во градот фалат повеќе проекти што ги вклучуваат младите или, пак, што се водени од млади луѓе. Тој смета дека на локалната и на централната власт им недостига визија за развој на Кочани, особено во делот на културниот и забавниот живот каде што низ годините најмалку се инвестира и се промовира.

„Пред некоја година, една невладина организација од Кочани се обиде преку проект да формира младинска група за да изработат стратегија за младите. Сите активности се спроведоа додека траеше проектот и првичната замисла беше таа младинска група да функционира и во иднина. Со завршувањето на проектот, младинската група згасна, а изработеното остана само на хартија. Со тоа може да се каже дека младите во Кочани не се битен фактор во носењето одлуки во средината на живеење“, вели младиот новинар.

Проблем за младите, секако, е и вработувањето, особено ако се бара според струката. Во потрага по вработување и подобар живот тешко се задржуваат младите во градот.

И во Кочани нема пари за развој на програми за млади

Слично како и во Кичево, и на другиот крај од земјата, во градот Кочани, ретко или воопшто не се издвојуваат пари од општинскиот живот за активности на младите.

Користејќи го законското право за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме податоци од општината за средствата што ги предвиделе за развој на програми и активности за младите за последните три години (2018, 2019 и 2020 г.), како се потрошиле средствата, но и кои проекти за младите ги реализирала општината во овој период.

Општината одговори дека нема посебно издвоено средства за млади во споменатиот период. Велат дека сепак се одржани повеќе настани за младите од 16 до 27 години во соработка со организацијата „Младите можат“.

„Повикот за учество се однесуваше за младински локален активизам и за младински локални иницијативи, односно за потребите на младите на локално ниво, каде што младите даваа свои предлози и идеи како да го задржат вниманието, да ги идентификуваат потребите на нивните врсници во општината и да ги осознаат можностите што им ги нуди општината. Во рамките на проектот беше организиран натпревар во мал фудбал, вечер посветена на поезијата, како и цртање графити на клупите во Градскиот трговски центар“, велат од општината.

Општината има донесено „Стратегија за младите“ на 11 јули 2019 година, чие изработување е поддржано од УСАИД и која е изработена од младински активисти и од Центарот за култура, комуникација и едукација на Ромите „Светла иднина“.

Во Стратегијата е наведено дека планирањето на буџетот и одвојувањето посебна ставка за нејзино спроведување претставуваат појдовна позиција за развој на младинскиот активизам и за учество на младите во процесот на донесување политики.

„За оваа цел, неопходно е да се има визија и однапред да се планира за процентуално и прогресивно зголемување на оваа ставка во Буџетот на Општината. Во првата година, 2019, ќе се предвидат и ќе се реализираат активности за млади од другите постојни програми на Општина Кочани. За 2020 година, заради остварување на стратешките цели, ќе се изготви Програма за млади со сопствен буџет изгласан од Советот на Општина Кочани. Буџетот за млади во 2020 година се планира да изнесува до 0,1 % од Буџетот на Општина Кочани, а ќе се остави простор за зголемување или за намалување на истата ставка во согласност со препораките од процесот на евалуација на стратегијата што ќе се спроведе во декември 2020 година. Буџетот ќе се одредува секоја наредна година според потребите на младите и можностите на Општина Кочани“, стои во „Стратегијата за младите“.

Овие податоци одат во прилог на аргументите дека во многу општини, стратегиите за младите стојат како документи што ги усвоиле и се заложиле дека ќе ги спроведат, но, всушност, во реалноста, не се прави многу за нивна реализација.

Кочани слично како Кичево – ги празни училиштата

Ако се погледнат бројките и за Кочани за истиот временскиот период од пет години, како и за Кичево, и овде се забележува постојано намалување на бројот на ученици и во основните и во средните училишта.

Ако во учебната 2015/2016 година во Кочани се запишале 2 911 ученици, за пет години таа бројка се намалила за 108, односно на 2 803 ученици. И овде може да се заклучи дека ако просекот на една паралелка е 20 ученици, Кочани изгубило 5,5 паралелки за пет години.

Сличен е трендот и во средните училишта каде што, според податоците од Државниот завод за статистика, во учебната 2015/2016 година се запишале 1 536 средношколци, додека, пак, пет години подоцна бројката е намалена на 1 263 ученици, односно бројот на средношколци се намалил за 273 во последните пет години.

Добра стратегија на хартија не значи и добра имплементација

Една приказна е самото креирање и носење на стратегиите, а сосема друга е нивната имплементација, за ПИНА вели истражувачот од организацијата „Реактор“, Блажен Малески.

„Тоа што одредена стратегија е изработена инклузивно, поддржана е од сите советници во Советот и/или ги опфаќа сите важни теми за младите на одредена општина, не значи дека таа ќе се реализира. Оттаму и фактичкиот проблем дека имаме локални младински стратегии во општините, но нема финансиски средства за нив и многу мал дел од нив се реализираат“, вели тој.

Според неговото мислење, општините не се подготвени да ги преземат потребните чекори за реализација на активностите што произлегуваат од стратегиите за младите. Од една страна, тоа се пари за реализација, но голема улога игра и капацитетот на општина. Тој коментира дека стратегиите за младите често предвидуваат активности што се туѓи за општинската администрација, не знаат како да ја спроведат и ги вади од комфорната зона што ја граделе со години.

„Општините сега имаат одлична можност преку Законот за младинско учество и младински политики да ги интензивираат работите. Законот предвидува разни механизми за зајакнување на внатрешниот капацитет на општините, како и за задолжително одделување финансиски средства за ваквите стратегии, и сметам дека преку самата имплементација на Законот, општините ќе успеат да ги ревитализираат стратегиите или да креираат нови.

За да се промени ваквата ситуација, треба да имаме изграден капацитет на институциите, односно на луѓето што понатаму ќе ја имплементираат стратегијата. Тоа значи поголема соработка на општината со младинските форми на организирање, планови за евалуација на стратегиите заедно со акциски планови на годишни нивоа, транспарентност и мобилизирање финансиски средства за нивно имплементирање“, вели Малески.

Стефани Спироска од Младинскиот образовен форум за ПИНА вели дека кога станува збор за вклучување на младите во локалните политики, односно нивно активно учество на локално ниво, подолго време има обиди што не даваат долготраен резултат.

„За среќа, оваа година беше донесен Законот за младинско учество и младински политики, кој дава можност за ефективно вклучување на младите на локално ниво преку младинските локални совети. Дополнително, овој закон ги обврзува општините да издвојуваат 0,1 % од годишните буџети, а во рок од една година од донесувањето – што би било во јануари 2021 година, секоја општина треба да основа свој младински совет.

За жал, единствен начин на кој општините ќе ги вклучат младите е доколку имаат законска обврска за тоа. Ова значи дека досегашната практика на вклучување на младите ’на добра волја‘ на општините, конечно, ќе биде надмината фаза и секоја општина ќе мора да ги вклучува младите во процесите на носење одлуки и политики на локално ниво“, вели Спироска.

Нов закон, нова надеж

Во однос на ова, од Општина Кочани велат дека во подготовка е Програма за млади согласно Законот за младинско учество и младински политики. А, исто така, се подготвува формирање канцеларија за млади од каде што ќе се координира работата со младите.

„Нацрт-буџетот на Општина Кочани за 2020 година се движи околу 160-170 милиони денари, а тоа значи дека Општина Кочани ќе издвои, според Законот, најмалку 170 000 денари. Во претстојниот период, во соработка со претставници на младински здруженија, ќе се конкретизираат програмски и акциски активности за кои ќе бидат наменети општинските средства“, појаснуваат од Општината.

За оваа законска обврска пративме прашање и до Општина Кичево, но не добивме одговор. Од Министерството за култура, пак, најавија дека токму во Годишната програма од национален интерес, која треба да се реализира следната година, еден од приоритетите ќе бидат младите и поддршката на локалните установи.

„Нашата цел е да ги откриеме младите таленти и да ги поддржиме да го развијат својот креативен потенцијал. Втор врвен приоритет на Министерството за култура е заштитата на културното наследство за кое, освен националните установи, се грижат и локалните. Целта е подигнување на свеста за неговото значење за сите нас. Поддршка на локалните установи заради унапредување на капацитетите, стандардите и пристапноста во заштитата на културното наследство на локално ниво“, вели министерката за култура Ирена Стефоска.

Кризата со КОВИД-19 дополнително ја отежнува ситуацијата

Кризата со КОВИД-19 дополнително донесе нови предизвици и проблеми за младите. Во Агенцијата за млади и спорт прашавме дали тие имаат некаков план за поддршка на младите лица од Кичево и од Кочани во следниот период и дали има буџет за таа намена. Оттаму велат дека Агенцијата за млади и спорт не ги распределува своите буџетски средства по градови за реализација на одредени проекти. Тие велат дека имале повик за финансиска поддршка на здруженија за справување со кризата со КОВИД-19 насочени кон младите. Програмите и проектите требало да бидат насочени кон информирање на младите за мерките и за препораките на државните институции за спречување на ширењето на коронавирусот, но и други теми, како правна и психолошка помош за приспособување на младите за време на пандемија, заштита на човековите права, кариерно советување за невработени млади лица, справување со дезинформации итн. Во рамките на овој повик, едно здружение од Кичево добило 200 000 денари за реализација на проектот „Желбата за здравје е половина здравје“, чија реализација се однесува на младите од Кичево. Кризата со КОВИД-19 дополнително ја отежнува позицијата на младите во земјата во време кога уште повеќе се намалуваат можностите за вработување, а исто така значајно е погоден и социјалниот и културниот живот. Младите од овие градови се во исчекување на поконкретни мерки што ќе им помогнат да го подобрат квалитетот на живот и можностите за развој на професионално, лично, културно и на општествено ниво.

Автори: Ивана Настеска и Кристина Озимец

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или на Британската Влада.