Во периодот кога се одбележува тригодишнината од убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција, на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје гостуваше нејзиниот син, Метју Каруана Галиција кој зборуваше за борбата за правда во сè уште нерасветлениот случај.
Во разговорот со македонскиот новинар Жарко Настоски, кој го изработи и преводот на „Дафне: Егзекуцијата“, филм што се прикажуваше на второто издание на ИФФС, Метју потврди дека тој, како и секој кој се занимава со истражувања на корупција, за жал секогаш има повеќе работа отколку што може да постигне да сработи.
Дафне Каруана Галиција, која непосредно пред гостувањето на Метју на ИФФС беше постхумно наградена со наградата Алард за интегритет, истражуваше сложени случаи на корупција каде се поврзани луѓе од високи позиции и мрежа што се протега низ неколку европски држави. По убиството, низа меѓународни новинари се обидуваат да ги продолжат нејзините истражувања, но како што обелодени Метју, никој досега не успеал до крај да ги расветли.
„Фактот дека уште сме во фаза на сослушувања пред официјалното судење, како за уапсените атентатори, така и за Јорген Фенек, осомничен дека го нарачал убиството, е симптом на нефункционалниот малтешки систем и знак дека се неопходни суштински реформи“, објаснува Метју Каруана Галиција.
Неказнивоста на насилниот криминал и корупцијата што беа дозволени во Малта, оставија простор да се случи атентатот на Дафне, вели нејзиниот син, откривајќи дека никој не е уапсен ниту за претходните жртви кои за разлика од Дафне биле непознати за јавноста, но убиени на ист начин, со бомба подметната во автомобил.
Жарко Настоски ја објасни ситуацијата во земјава, каде надежта за правда лежи во влезот во ЕУ, па прашање е како нешто вакво може да се случи во рамки на унијата. Метју се согласи дека иако Европскиот парламент е доста ефективен, загрижува отсуството на политички притисок за време на претходниот претседател на Европската комисија, Јункер, каде впечатокот бил дека бившиот малтешки премиер и неговата влада биле заштитени.
Европа сега нема граници за криминалците, бидејќи нема граници за трговијата, а тие ги користат тие механизми, ги користат банките што ги користиме ние, се возат со истите авиони, а истовремено полицијата нема право своите ингеренции да ги пренесува преку граници, објаснува Метју истакнувајќи дека се потребни промени на овој план. „Европол не е европското ФБИ, тоа е политичка организација која нема никаква извршна моќ“, додава тој.
Метју, кој студирал новинарство, а работел како програмер, е дел од тимот што ја разви технологијата овозможувајќи ги големите истражувања „Панамски документи“ и „Рајски документи“ во Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ). Тоа беше првпат да се организира таков потфат и соработка меѓу новинари од целиот свет.
Метју во моментов раководи со фондацијата именувана по неговата мајка, каде неуморно се бори против системски овозможената неказнивост и се залага за заштита на истражувачките новинари.