Секој трет млад човек лично искусил родово стереотипно однесување и негативни влијанија од него, а почесто родовите стереотипи ги искусуваат младите жени.
65,4% од младите сметаат дека родовите стереотипи се присутни во нивното најблиско опкружување. Во однос на тоа каде ги учат родовите стереотипи, на прво место е кругот на семејството, по што следат социјалните медиуми и образовните институции. Ова се резултати од анализата „Родовите (не) еднаквости низ призмата на младите во Северна Македонија“ спроведена од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Мрежа Стела, чија промоција беше неодамна. Фокусот на анализата е на родовата сензибилност на младите, односно родовите стереотипи и предрасуди кои ги имаат младите лица и нивното влијание врз зајакнувањето на родовите нееднаквости во општеството.
Во анализата исто така се наведува дека повеќе од 90% од младите слушнале за терминот родова еднаквост, но сепак не се доволно запознаени со неговото значење. Секој трет млад маж верува дека во нашето општество мажите и жените имаат еднаков третман, односно за нив не постои родова нееднаквост.
Девојчињата многу почесто ги забележуваат родовите стереотипи кои несразмерно повеќе ги погодуваат во образовниот процес. Родовите стереотипи почесто се искусени од младите од малцинските етнички заедници, па така секој втор испитаник или испитаничка со ромска или албанска етничка припадност лично биле погодени од негативните влијанија на родовите стереотипи.
Авторката на анализата, Љупка Трајановска, смета дека младите се сè посвесни за постоењето на родовите стереотипи и нивните штетни влијанија врз квалитетот на животот.
„Сепак, проблематично е што една третина од младите испитаници мажи не сметаат дека еднаквите можности се потребни за постигнување на родово еднакво општество. И покрај очигледната нееднаквост во учеството на пазарот на трудот, родовиот јаз во платите, родово стереотипните избори на образование (а подоцна и професии), нееднаквата поделба на обврските во домот, нееднаквото учество на жените на позиции за донесувачки на одлуки, загрижувачки е фактот секој трет млад маж верува дека во нашето општество мажите и жените имаат еднаков третман. Дополнително, повеќе истражувања и анализи во изминативе години покажаа дека образовниот систем изобилува со учебници полни со стереотипи и дискриминација најчесто насочени кон жените, но и кон сите лица кои не живеат според родовите норми и улоги. Имајќи предвид дека учебниците ги рефлектираат нормите и вредностите на едно општество, дефинитивно промената треба да ја насочиме тука“, вели Трајановска.
Според Теодора Милеска, дел од тимот на Мрежа Стела, родовата сензибилизација не значи само препознавање и дефинирање на поимот родова еднаквост, туку и препознавање на однесувања и ставови кои ја промовираат истата, поврзување на вестите, случките и работите кои се случуваат во нашето секојдневие.
„Еден од наодите од анализата ни укажува дека секој трет млад маж верува дека во нашето општество мажите и жените имаат еднаков наспроти фрапантниот број на пријавени случаи на родово-засновано и сексуално насилство, како и бројот на фемициди. Она што е потребно е поврзување на големиот и некогаш апстрактен поим на родова еднаквост со она што се случува околу нас, со цел посуштинско разбирање дека идејата на родова еднаквост во едно општество значи подобар квалитет на животот на секој еден од нас“, вели Милеска.
Младите девојки помалку се охрабрени да продолжат со образованието
„Семејството ни е примарно место каде што учиме и го осознаваме светот. Па така, и родовите стереотипи и предрасудите најмногу ги сретнуваме тука. “ (Девојка, 20 -24 години) – сведоштво од анализата.
„Родовите стереотипи најмногу ги има во училиштата. Сетете се само на часовите по физичко образование. Машките играат фудбал и кошарка, а женските народна… или нешто друго што одговара за женски.“ (Млад маж, 25 – 29 години) – сведоштво од анализата.
Резултатите и искуствата на младите од анализата, според Трајановска укажуваат дека воведувањето на сеопфатно сексуално образование во училиштата ќе придонесе за намалување на родовите стереотипи и предрасуди кои во голема мера доведуваат до родови нееднаквости во сите области од живеењето.
Милеска додава дека еден од резултатите кој најмногу ја разочарал е дека дури 17.6% од вкупниот број испитанички, не биле охрабрени од членовите на своето семејство да го продолжат образованието и да завршат повисок степен на образование.
„Ова значи дека околу 106 испитанички од нашите анкети – 106 девојчиња, не се охрабрени да направат одлука која може да им го смени животот и да им помогне во исполнување на својот потенцијал. Мислам дека младите доста се заинтересирани и отворени да научат за значењето на родовата еднаквост. Како дел од анализата, тие беа прашани да споделат самите препораки за како да се подобри состојбата, а дел од тие препораки вклучуваат креирање поволна средина за поголем активизам на младите девојки/жени на локално ниво, унапредување на условите во образовниот систем и креирање можности за вработување како и поголемо вклучување на девојките/жените во донесување одлуки“, вели Милеска.
Донесувањето одлуки и политичката активност како најродово стереотипна област
Најмногу родово стереотипни убедувања кај младите има по однос на политичката активност и учеството во донесување одлуки на жените. Околу 30% од младите испитаници мажи имаат родово стереотипно размислување кога станува збор за учеството во донесувањето одлуки на жените и „природата“ на мажите да бидат лидери.
Авторката Трајановска вели дека иако мнозинството испитаници сметаат дека жените и мажите треба подеднакво да учествуваат во донесувањето одлуки во Македонија, речиси секој трет испитаник и секоја четврта испитаничка не сметаат дека е потребен родов баланс на раководните позиции, односно не поддржуваат жени на позиции на донесувачи на одлуки.
„Нашата држава никогаш не била водена од жена претседателка, ниту пак премиерка, репрезентативноста на жените во Собрание е постигната поради воведена квота, а на локално ниво моментално имаме само две градоначалнички од вкупно 81 градоначалник. Овие млади испитаници од 15 до 29 години се моменталните и идните гласачи во наредните сигурно 50 години. Со вакво размислување кај младите, не само што нема да оствариме родова еднаквост во наредниот половина век, туку и постои ризик од уназадување на се за што ние и нашите претходнички сме се бореле и сме оствариле“, смета Трајановска.
Во однос на тоа која активност или мерка е клучна за подобрување на состојбата со родовата еднаквост, Милеска вели дека би ги издвоила ревидирање на родовата неутралност на Законот за младинско учество и младински политики и воведувањето на сеопфатно сексуално образование како дел од формалното образование.
„Длабоко верувам дека секоја активност како формална и неформална придонесува кон борбата за родова еднаквост, сепак важно е и институционално адресирање на овој проблем на национално и локално ниво, со цел да допреме до секој еден во нашата заедница“, додава Милеска.
Македонија неодамна се најде и на 57-то место од 153 држави во светот според новиот Индекс на младински развој кој го објави Европскиот младински форум и е меѓу најлошите земји во регионот. Освен економскиот фактор во однос на незадоволството од квалитетот на животот кај младите, Трајановска вели дека според нејзиното досегашно искуство и работа со статистички податоци, родовите нееднаквости кои се резултат на патријархалниот менталитетот, „избркале“ огромен број на млади луѓе од државата.
„Неможноста во целост да го оствариш својот потенцијал само затоа што си жена, лице со нестандарден родов идентитет, лице со попреченост, лице со поразлична сексуална ориентација од мнозинството, лице кое не се вклопува во калапот на патријархатот, апсолутно влијае на добросостојбата, менталното здравје, квалитетот на животот, а пред сè на желбата да ја напуштиш државата. Дефинитивно нискиот стандард игра голема улога, но опкружувањето во последниве години, кај оние мал број млади лица што се уште живеат и се трудат да го подобрат општеството, е втора најголема причина за миграција. Без млади лица, една земја не може да се развива. Младите се моторот на општеството и оние кои најлесно можат да се прилагодат на технолошкиот развој и да се надградуваат, но во нашиот случај се и оние кои најчесто се одлучуваат да заминат поради нееднаквостите и неправдата во која живееме“, додава Трајановска.
Индексот на родова еднаквост во Северна Македонија во 2022 година според податоците од Државниот завод за статистика, а поддржан од Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, изнесувал 64,5 поени од максималните 100 и има прогрес од 2,5 поени споредено со последното мерење во 2019 година, а се позиционира за 3,5 поени зад просекот на земјите членки на ЕУ.
Според последната студија на Државниот завод за статистика „Жените и мажите во Северна Македонија“ , исто поддржана од UN Women, жените се значително помалку активни на пазарот на труд од мажите. Стапката на вработеност на жените во 2021 година изнесувала 38.3 % додека на мажите 56.2%. Вработеноста е најголема кај жените и мажите на возраст од 35 до 44 години. Кај младото население на возраст од 15 до 29 години стапката на вработеност во 2021 година изнесува 33.4%. Стапката на вработеност кај девојките и жените од истата возрасна група изнесува 27.6%, наспроти 38.9% кај момчињата и мажите.
Во однос на моќ и донесување одлуки жените се недоволно застапени на министерските позиции во извршната власт. Во последните две влади, избрани во 2017 и во 2022 година, бројот на министерки се зголеми на четири, односно 16.7%. Жените се исто така речиси четири пати помалку застапени од мажите на позиции на донесување одлуки во компаниите во земјава, состојба која не забележува подобрување, туку влошување.
Авторка: Марта Стевковска