Здружението на новинари на Македонија ја повика Владата итно да обезбеди средства за подмирување на долгот што МРТ го има кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ), кој изнесува околу половина милион евра.
После објавувањето на истражувачката сторија на ПИНА за вкупните долгови на јавниот сервис, како и потврдата од ЕБУ дека МРТ нема пристап до нивните сервиси поради долг, седница свикал и Програмскиот совет на телевизијата. Тие на вчерашната седница донеле заклучок во кој побарале од Владата да го подмири долгот на МРТ кон Европската радиодифузна унија.
– На овој начин ќе се отстрани опасноста Македонската радиотелевизија да биде „отсечена“ од Европското радиодифузно семејство што претставува голем чекор назад во процесот на европските интеграции со кој дополнително се нарушува имиџот на Република Македонија – соопштија од ЗНМ.
Од Здружението на новинарите сметаат дека неподмирувањето на долгот значи дека МРТ нема да може да емитува програма од ниту една членка на ЕБУ, ниту спортски натпревари, филмови, странски емисии, цртани филмови, документарна програма. Во моментов, според информациите од централата на ЕБУ, МРТ нема пристап до содржините што се емитуваат преку нивните сервиси.
Реакцијата на ЕБУ според ЗНМ е последица на повеќегодишно недомаќинско работење на јавниот сервис за што треба да се сноси одговорност.
– Исклучувањето на МРТ од ЕБУ е резултат на нефункционалниот модел на финансирање на јавниот сервис и на лошиот менаџмент.
ПИНА неодамна објави дека МРТ тоне во долгови, а од ЕБУ ни потврдија дека поради неплатени сметки веќе не може да ги користи нивните сервиси. На крајот на 2016 година, МРТ имала приходи од 19,3 милиони евра, а вкупниот долг натрупан со години кон домашни и странски доверители бил 21,8 милиони евра.