Седмо издание на Медиумски фестивал Скопје од 21 до 23 ноември

0
130

Од 21 до 23 ноември во Кинотека и кафулето Котур ќе се одржи седмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.

Фестивалот оваа година ја вперува камерата кон корупцијата и улогата на медиумите во вечната антикорупциска борба. На фестивалското отворање, новинари од Македонија и соседството ќе разговараат за (не)моќта на медиумите да се справат со овој сеприсутен феномен, а преку филмскиот избор кадарот се шири на глобалната медиумска сцена со исклучително квалитетни филмски и документарни остварувања кои нудат увид во повеќеслојноста на новинарската задача.

Медиумскиот фестивал Скопје традиционално нуди и работилници за активни и надежни новинари, а преку дискусии и јавно презентирање на работата на колегите од Програмата за млади новинари и Програмата за жени новинари на ПИНА, отвора простор за збогатување на домашната медиумска сцена.

Содржините и на ова фестивалско издание закажано од 21 до 23 ноември, се бесплатни. Наскоро на веб-страницата mfs.mk ќе биде објавена и комплетната фестивалска програма.