Практичната работа за време на образованието привлекува се поголем интерес кај учениците

0
62

Дуалното образование во државата привлекува се поголем интерес кај средношколците, кои преку теорија и пракса стекнуваат вештини и знаења кои се компатибилни на потребите на пазарот на труд. Истото подразбира реализација на практичната работа во компании со кои училиштето има потпишано меморандум за соработка.

Компаниите кои се вклучени во оваа програма им овозможуваат на учениците реализација на практична настава со обучени ментори во реални работни услови, а во соработка со наставниците по практична настава. Преку дуалното образование, за време на практичната работа, учениците се запознаваат со потенцијалниот работодавач, и потоа лесно мигрираат во работна сила или пак стануваат претприемачи.

Искуството од практичната работа во компанијата КЕМЕТ Електроникс го пренесе Иван Трајановски, ученик во трета година во Средното општинско стручно училиште „Илинден“. Тој вели дека примената на теоретското знаење во пракса може да им помогне на учениците да развијат критичко мислење и вештини за решавање на проблеми, како и да стекнат добро практично искуство.

„Она што ние практично го учиме во компанијата КЕМЕТ Електроникс е специфична технологија и процес на производство на кондензатори и други електронски компоненти“, рече Трајановски за ПИНА.мк.

Во однос на тоа дали оваа пракса им овозможила многу повеќе да го унапредат своето теоретско знаење, Трајановски вели дека таа им помогнала многу затоа што понекогаш повеќе сегменти од теоријата се надополнуваат еден со друг, па така и со применување на една теорија во праска се разјаснува и следната која е производ на претходната.

Ова за наставниците е можност за професионален развој, но и за подобрување на образованието генерално. Учениците стекнуваат и усовршуваат практични вештини со кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд. Овој систем им обезбедува образование кое гарантира нивно вработување во компаниите во кои ја реализирале практичната настава.

Едно од училиштата кое е вклучено во проектот за развој и унапредување на дуалниот систем во стручното образование е Средното општинско стручно училиште „Илинден“ во Скопје. Часовите по практична настава се дел од редовната настава во училиште за дуални паралелки. Неколку часа во неделата децата ги „одработуваат“ во компанија и тоа им се брои како дел од оценката.

Професорката по предмети од електротехничка струка Христина Јовановска вели дека во оваа учебна година, практикантската програма ја поминале вкупно 28 ученици од образовниот профил Електротехничар за електроника и телекомуникации.

„Општо е познато дека има потреба од повеќе практични можности за работното искуство на учениците, за да го надополнат нивното знаење. Со проширувањето на достапноста на програмите кои нудат практично искуство во реални услови, образовните институции можат подобро да ги подготват учениците за работа и да им помогнат на учениците да развијат основни вештини и знаење кои се потребни за нивните избрани области,“ рече Јовановска за ПИНА.мк.

Во однос на придобивките од дуалното образование, таа вели дека ги има повеќе.

„Учениците имаат можност практично да го применат своето теоретско знаење. Преку практичното искуство, учениците можат да развијат практични вештини кои се од суштинско значење за успех во нивната избрана област. Учениците добиваат сознанија за индустријата што ја изучуваат, вклучувајќи ги и тековните трендови и предизвици. Со работа во професионален амбиент, учениците имаат шанса да градат односи со професионалци од индустријата, што потенцијално ќе доведе до можности за работа и учениците може да ги направи попривлечни за потенцијалните работодавци, бидејќи тие демонстрираат подготвеност да учат“, децидна е таа.

Јовановска објаснува дека дуалното образование им ја олеснува работата на наставниците и позитивно влијание врз севкупниот квалитет на образованието и успехот на идните кадри.

„Преку практичната настава учениците ја подобруваат комуникацијата, интеграцијата, сестраноста, оспособувањето на учениците за работа во фирма и имплементација на теоријата во пракса. Ваквите програми кои обезбедуваат практично работно искуство можат значително да ја подобрат атрактивноста на стручните училишта за запишување ученици,“ потенцира Јовановска.

Преку ваквите програми, огромни бенефити имаат и компаниите

Покрај тоа што учениците стекнуваат искуство во компаниите каде ја обавуваат праксата, бенефити имаат и компаниите кои ќе ги обучуваат младите каде потоа истите тие би имале можност да бидат вработени кај нив.Компаниите кои се вклучени во дуалното образование имаат обврска да се верификуваат и да обезбедат лице – ментор кое ќе ги води учениците низ работниот процес во компанијата.

Даниела Трајковиќ, координатор за човечки ресурси во КЕМЕТ Електроникс Македонија вели дека тие како компанија сакаат да учат нови работи и стекнатото знаење да можат да го пренесат на младите.

„Средните стручни училишта во Македонија, па и факултетите немаат доволно услови на учениците и на студентите да им овозможат практична примена на теоретското знаење, заради што практикантската програма во компании како нашата им е од големо значење, а во последниве години компаниите сè повеќе ги отвoраат своите врати за учениците. Практикантската програма секако не е едностран процес, така што и двете страни имаат бенефит. Конкретно, во нашата компанија, учениците имаат можност да видат како изгледа фабрика, нејзиниот производен процес, да почувствуваат што значи корпоративна култура, однесување на работнo место, да почнат да стекнуваат работни навики и работна дисциплина.

Преку обукa, тие постепено стануваат дел од работните процеси и се активно вклучени во извршување на поедноставни задачи, а на тој начин се од голема помош за нашите колеги, со тоа што им олесуваат дел од секојдневните работни обврски. Од друга страна, колегите кои ги обучуваат и менторираат имаат чувство дека придонесуваат во развојот на млади луѓе и со тоа на некој начин ги поттикнуваат кон насочување во нивната професионална иднина“, објаснува Трајковиќ за ПИНА.мк.

Таа потенцираше дека во нивната компанија имале повеќе од 200 практиканти.

„Нашето учество започна преку соработката со Средното општинско стручно училиште „Илинден“, со тоа што практикантите имаат можност да учат и да бидат и самите дел од произведувањето на нашите електронски компоненти, а во последните две години имаме и практиканти од СЕПУГС „Васил Антевски -Дрен“ во одделите за Логистика, Набавки, Финансии, Човечки ресурси, Продажба и поддршка на клиенти, каде што имаат можност да вежбаат административни активности“, рече таа.

Трајковиќ додаде дека во овие ученици препознаваат потенцијал и за идни работници во компанијата.

„Секоја прва средба со практикантите во рамките на нивната воведна обука за компанијата ја започнуваме со реченицата „Вие сте наши идни потенцијални вработени“. Практикантската програма е начин на кој ние можеме да развиваме кадри кои во иднина полесно и за пократок временски рок би можеле да се вклучат во работата и да се вклопат во тимовите. На тој начин компанијата заштедува на време во делот на регрутација и обуки и добива подготвен кандидат, а практикантите се чувствуваат покомотни и посамуверени кога доаѓаат на работна позиција и во работна средина која им е позната, особено што најчесто станува збор за прво вработување. Во КЕМЕТ Електроникс Македонија веќе имаме вработени кои некогаш биле наши практиканти“, изјави Трајковиќ.

Таа смета дека овој начин е еден од најважните за создавање на кадри кои одговараат на потребите на пазарот на труд.

„Системите на државата мора да ги следат потребите од професионални кадри во земјата, а обрзовните институции да бидат усогласени со пазарот на труд. Компаниите треба да бидат отворени во споделување на потребите за профилот на вработени кои им се потребни, да се вклучуваат колку што е можно повеќе во практикантските програми, има компании кои се и дел од дуалното образование, и се разбира, да овозможат убави услови за практикантите и соодветни обуки. Тоа е добро за сите, и затоа треба да има соработка помеѓу засегнатите страни“, потенцира Трајковиќ.

Проектот носи позитивни промени за образованието како и за пазарот на труд

Проектот Е4Е е предводник во реформите со кои се воведе дуално образование. Овој проект се спроведува од страна на Хелветас, невладина организација од Швајцарија. Владата на Швајцарија од 2018 ги поддржува реформите во нашето дуално образование преку проектот „Образование за вработување“ и тоа преку размена на искуства, знаења и најдобри пракси.

Ивана Георгиевска, раководител за стручно образование и обука на проектот „Образование за вработување“ вели дека целиот проект значително придонел кон градење мост помеѓу образовниот процес и пазарот на труд.

„Од образовен аспект, воведувањето на дуалното образование го подобри квалитетот на наставата, преку комбинирање на теоретското знаење со поголемо време поминато во компанија на практична обука. Ова им овозможува на учениците да стекнат релевантни вештини и компетенции, што ги прави поподготвени за вработување по завршувањето на школувањето. Што се однесува до пазарот на труд, дуалното образование создава квалификувана работна сила која е подготвена веднаш да се вклучи во работните процеси. Компаниите имаат директен придонес во обликувањето на идните вработени, што ги прави попродуктивни и поефикасни,“ вели таа.

Георгиевска додаде дека тековните трендови се многу позитивни, односно има значаен интерес од страна на приватниот сектор за учество и од страна на учениците за упис во дуално образование, а исто така воспоставени се многу процеси и процедури кои го помагаат зголемувањето на квалитетот на образованието. Од 2020 година па до денес, бројот на дуални паралелки е зголемен за повеќе од 20 пати. За разлика во учебната 2020/21 година кога имало 98 запишани ученици во дуални паралелки, оваа учебна година има дури 3.895 ученици.

„Во суштината на моделот на дуално образование е токму практичното знаење кое ученикот го стекнува преку работа во реална компанија, во вистинска работна ситуација, со помош на сертифициран ментор којшто му помага да ги совлада предизвиците на работните задачи. Веќе три години по ред наставниците од средните стручни училишта заедно со менторите од компаниите работодавачи изготвуваат „Програма и план за учење преку работа“, појаснува таа.

Георгиевска воедно рече дека преку заедничко планирање на учењето преку работа, работодавачите ги обучуваат учениците според компетенциите кои се барани во дејноста, а истовремено креираат работна сила која по завршувањето на формално образование.

Реформите преку кои се воведе дуалното образование ги спроведува Министерството за образование и наука, чија што долгорочна стратегија е унапредување на квалитетот и промоцијата на средното стручно образование. Центарот за стручно образование и обука обезбедува поддршка и развој на стручното образование на сите субјекти заинтересирани за стручното образование. Во реформите е вклучена и Стопанска Комора на Македонија, која што ги застапува интересите на приватниот сектор и влијае врз приспособувањето на образовните институции кон потребите на пазарот на труд.

Дуалното образование ја промени сликата за средните стручни училишта, и ги направи атрактивни за запишување. Учениците се сигурни дека со запишувањето во некоја од дуалните паралелки ќе се стекнат со практично знаење кое ќе им овозможи полесно вработување. Од друга страна и компаниите добиваат подготвен кадар, кој недостасува на пазарот на труд.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на соработката која ПИНА ја има со организацијата Хелветас