Родово одговорни буџети за подобрување на родовата нееднаквост

0
57

Во 14 буџетски програми, централната власт ја има интегрирано родовата компонента, а ваков пристап во буџетирањето имаат и 30 општини во земјава. Сепак, тоа не е доволно за да се каже дека Македонија има родово одговорен буџет (РОБ) кој одговара на различните потреби на мажите и жените и кој придонесува за подобрување на родовата еднаквост – нотираше граѓанскиот сектор.

Познавачите со кои контактираше ПИНА.мк, објаснуваат дека родово-одговорниот буџет е дотолку важен што со него може да се затворат определени јазови на родовата нееднаквост во општеството. Нашите соговорнички сметаат дека на родовиот буџет не треба да се гледа како на дополнителен или одделен буџет за жени, туку како начин за подобро планирање и буџетирање врз основа на конкретни докази за родовата нееднаквост.

Јавните расправи и форумите, како механизми за изјаснување на граѓаните за нивните потреби

Извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристеска вели дека за да се практикува родово одговорното буџетирање потребно е да се исполнат некои предуслови.

Марија Ристеска

„На пример потребна е транспарентност на буџетот и во фазата на подготовка за да може рамноправно да се вклучат и граѓаните и граѓанките во јавните консултации. Понатаму, ни требаат и институции кои се спремни да соберат полово поделени податоци, да направат родова анализа и дизајнираат мерки и алоцираат соодветен буџет за нивна реализација. Конечно еден од важните предуслови е институциите да се отчетни и да нѐ информираат што предвидува буџетот“, Ристеска за ПИНА.

Таа додава дека на локално ниво, потребите на граѓаните може да се отсликаат во буџетот преку јавните расправи и форумите во заедниците.

„Забележуваме дека кога учествуваат повеќе мажи, приоритетите кои општината одлучува да ги финансира се во областа на инфраструктура, иригација и слично. Додека кога жените во мнозинство учествуваат, приоритетите се врзани со образование, социјална заштита и грижа. Тоа зборува дека заради различните улоги, мажите и жените имаат различни потреби и потребно е истите рамноправно да се вклучат во приоритетите кои општината ќе ги реализира“, појаснува Ристеска.

Со сличен став е и претседателката на Едукативно-хуманитарната организација ЕХО, Бети Пеева која нагласува дека потребите и барањата на мажите и жените често можат да се разликуваат поради различните улоги, очекувања и предизвици со кои се соочуваат едните и другите во општеството.

Бети Пеева

„Жените често имаат потреба од безбеден и достапен јавен транспорт, имајќи предвид дека тие во принцип најчесто се занимаваат со снабдување на храна и производи за семејството. За младите девојки значајно е да има јавен превоз во тек на вечерните часови, особено во локации кои се со високо ниво на криминал, за да се осигураат дека можат да се движат безбедно“, истакнува Пеева во изјава за ПИНА.мк.

Таа додава дека жените најчесто бараат и изградба на тротоари, пешачки и велосипедски стази.

„Жените имаат потреба од пристапни и безбедни спортски терени, како  и спортски активности прилагодени на нивната возраст и специфични потреби во однос на слободното време и економската состојба. Во некои општини жените бараат и подобро водоснабдување бидејќи токму тие се носители на домашните обврски. Тие исто така, имаат потреба од ефективни мерки за заштита и поддршка во случај на насилство, вклучувајќи пристап до соодветни даватели на услуги, поддршка од надлежните  органи, правна, психолошка и медицинска помош“, истакнува Пеева.

Таа смета дека соработката меѓу локалните самоуправи и граѓанскиот сектор е клучна за успешното вклучување на родовата одговорност во буџетниот процес и за постигнување на инклузивен и одржлив развој. Оттука, ја прашавме со кои општини досега соработувала невладината ЕХО и какви биле резултатите односно придобивките за самите граѓани.

Пеева вели дека најмногу соработуваат со Општина Штип, иако имаат соработувано и со десеттина други општини ширум Македонија

„За општина Штип работевме истражувања на проблемите, потребите и приоритетите на жените и девојчињата, анализа на состојбите и буџетот од родова перспектива. Покренавме голем број на родово буџетски иницијативи и најголем дел од нив беа реализирани од страна на општинските власти“, посочува Пеева.

Всушност, меѓу позначајните иницијативи кои се реализирале се изградбата на велосипедската патека покрај пешачката патека; целосно осветлување на пешачката патека; изградба на тротоари и осветлување на патот на потегот од диспанзерот кон населбата Баби; изградба на водовод во населба Суитлак; бесплатни спортско-рекреативни и антистрес тренинзи за жени, изградба на детски игралишта, дислокација на детски реквизити; изградба/санација  на тротоари и поставување  на заштитни столбови за да се спречи незаконско паркирање на тротоарите.

Но освен соработката со граѓанскиот сектор, за локалните самоуправи е важно да имаат јасни упатства, алатки, градење на капацитети, менторска поддршка на основа на мониторинг и забележани пропусти или простор за унапредување.

Ристеска од ЦРПМ вели дека за усовршување на праксата е потребно да се креира депозитар на најдобри практики, да се споделат искуства и промовираат оние кои се најуспешни во родово одговорно буџетирање на локално ниво. Пеева пак, додава дека македонската легислатива е задоволителна во насока на креирање на еднакви можности за мажите и жените, а последниве години и во насока на креирање на родово одговорни програмски буџети.

„Она што е главната пречка, како и во сите останати области, не се законите туку неспроведувањето на истите, како и недостаток на политичка волја за реализација на сето она што постои само на хартија, за жал,“ – заклучува таа.

Законот за буџетирање ќе ги вклучи општините поактивно во процесот на РОБ

Инаку, координатор на процесот на родово одговорно буџетирање е Министерството за труд и социјална политика, кое до Министерството за финансии веќе поднело родова буџетска иницијатива заедно со буџетскиот циркулар за 2024.

Од МТСП за ПИНА.мк нагласуваат дека Секторот за еднакви можности соработува со координаторите во органите на државната управа, како и со координаторите и комисиите за еднакви можности формирани во единиците на локалната самоуправа.

„Овој сектор ја обезбедува нивната меѓусебна координација и изготвува насоки и предлози за исполнување на нивните обврски за постигнување на целите кои произлегуваат од Законот за еднакви можности на жените и мажите,“ се вели во писмениот одговор од Министерството на прашањето на ПИНА.мк каква поддршка се обезбедува за зајакнување на капацитетите на општините во оваа насока.

Дополнително, од Министерството информираат дека со Законот за буџети, одредбите за родово-одговорно буџетирање ќе стапат на сила во 2025 година, со што општините ќе можат да се вклучат поактивно во процесот на родово одговорно буџетирање.

Оттаму додаваат дека, согласни овој Закон, до крајот на годината ќе се подготви и Правилник за родово одговорно буџетирање заедно со Министерството за финансии.

Авторка: Вања Мицевска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА