Покачување на месечниот надомест, повторно воведување на здравствено осигурување и решавање на статусот на 400 приватни специјализанти се основните барања на младите лекари. Тие неодамна преку неколкудневни протести изразија револт и побараа писмени гаранции од Владата.
Доктор Славе Тошевски за ПИНА.мк вели дека целта на протестите е да се изборат за достоинствена плата и живот на сите приватни специјализанти.
„Паричниот надоместок изнесува 26.000 денари, ова не е променето од моментот кога за прв пат приватните специјализанти добија паричен надоместок за извршениот труд, а сите знаеме дека економската реалност денес е сосема различна. Дополнително на ден 31.08.2023 година, одлучено е прекин на здравственото осигурување на приватните специјализанти без предходна најава. Поради тоа бараме платата да биде во висина на просечна плата на лекар во Јавно здравствена установа за дадената година, пензиско и здравствено осигурување, како и законско регулирање на нашиот статус“, посочува Тошевски.
Како што вели, нивната главна цел е да го спречат заминувањето на лекарите од Македонија.
„Протестите моментално се во мирување, меѓутоа ние ќе побараме средба со новиот министер веднаш откако ќе се формира Влада и кабинет на министер за здравство со цел да ги решиме проблемите. Зависно од резултатите од преговорите, во договор со координативното тело ќе се донесе одлука за понатамошните чекори. Сакам да напоменам дека од есенцијална важност е да има комуникација помеѓу претставници на здруженијата на млади лекари и властите за одлуките кои што директно ги инволвираат лекарите“, посочува Тошевски.
Надоместокот не е зголемен од 2018 година
Доктор Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина за ПИНА.мк вели дека за време на неколкудневните протести не наишла на никакви притисоци, туку на поддршка. За разлика од неа, како што вели, на притисоци укажале дел од нејзините колеги.
„Немав никакви притисоци, само поддршка од мојата едукаторка. Останатите колеги не пријавија официјално, но во разговор многу од нив укажаа на индиректни притисоци и коментари од колегите постари специјалисти дека тие кога специјализирале работеле за нула денари, што сметам дека е апсурд затоа што тогаш имало многу малку приватни специјализанти на сметка на многу државни и било право на личен избор“, вели Илиоска-Чешлароска.
Таа додава дека за сите колеги кои не се вработиле во Јавно здравство, приватна специјализација е единствен начин за продолжување на едукацијата и усовршување во кариерата, оттука смета дека тоа треба да се вреднува и плаќа.
„Во ниедна европска држава освен кај нас, Косово и Албанија не постои приватен специјализант“, вели таа.
Илиоска-Чешлароска демантира било каква политичка поврзаност и политичка мотивација. Според неа штрајкот единствено е мотивиран од лошата егзистенцијална ситуација во која се наоѓаат приватните специјализанти.
„Можеби периодот е доста сензитивен, но исто така и нашта егзистенција и проблеми се критични. Позади штрајкот стојат 400 приватни специјализанти кои ги бараат основните услови за живот. Во моментов штрајкот е ставен во мирување во интерес на нашите пациенти, не сакаме нашето отсуство да се одрази врз работата на Клиниките, а со тоа и врз граѓаните на кои им е потребна медицинска нега“, додава докторката.
Таа ги повтори барањата како и нејзиниот колега Тошевски, потенцираше дека месечниот надоместок кој изнесува само 26.000 денари не е зголемен воопшто откако е воведен во 2018.
„Бараме да биде во висина на просечна плата на доктор во Јавно здравствена установа, која изнесува околу 44.000 денари.Повторно воведување на здравствено осигурување, кое претходно го имаа колегите врз основ на договор меѓу Министерство за здравство и ФЗОМ, но здравственото осигурување е прекинато за што и колегите добија писмено решение на домашна адреса на 31.08.2023. Решавање на статусот на приватните специјализанти, односно наше трајно трансформирање во државно здравство, бидејќи во тек на шест години специјализација ние сме невработени лица, со договор на дело, без ни еден ден пензиско осигурување“, потенцира таа.
Се надева и дека после изборниот процес веднаш ќе бидат решени нивните барања како што ветил актуелниот министер, но и без разлика кој ќе биде во министерската фотелја бараат да бидат приоритет за решавање, како што и всушност сите политички партии во овој предизборен период им ветиле и ги ставиле во своите предизборни кампањи.
Во однос на прашањето дали во Македонија ќе се создадат подобри услови во иднина за младите лекари, таа вели дека тие сакаат да се борат да се создадат подобри услови за живот во нашата држава за да останат тука и да придонесат за општеството и граѓаните.
„Состојбата на младите лекари ќе се подобри доколку државата ги исполни нашите барања, нашите примања се покачуваат со покачувањата на платите во Јавното здравство, се направат реформи во здравството, сите нас трајно не вработат во Јавното здравство и ќе се спречи хиперпродукција на кадар така што ќе се прави мапирање каков тип на специјализации недостасува, па според тоа ќе се распишуваат специјализации. Исто така треба да се промени и начинот на бодување при вработување, специјализантите според годината на специјализација да имаат предност пред доктор по општа медицина или специјализант во пониска година од специјализација“, посочува Христина Илиоска-Чешлароска.
Што велат од надлежното министерство
Од Министерството за здравство истакнуваат дека дел од приватните специјализанти веќе имаат здравствено осигурување и се во работен однос, додека пак 10% од приватните специјализанти немаат здравствено осигурување од причини што или не се јавиле во подрачните служби или не го исполнуваат условот од аспект на остварените приходи бидејќи добиваат паричен надоместок.
Илиоска-Чешларовска вели дека бројката која Министерството за здравство ја објавила дека само 10% од приватните специјализантите немаат здравствено осигурување е многу поголема.
„Но без разлика за колкав процент станува збор, оние кои имаат здравствено осигурување не е благодарение на Министерството за здравство туку благодарејќи на две други основи и тоа: брак со брачен партнер кој е вработен и не е исто така приватен специјализант како него и плаќање на здравственото осигурување секој месец по 2.160 денари на уплатница на ФЗОМ, бидејќи месечниот надоместок кој го примаат го надминува годишниот лимит според кој им следува бесплатно здравствено осигурување. Па така нашите примања не би биле 26.000 денари, туку за 2.160 денари пониски. Имено претходно беше воведено секој приватен специјализант да добива бесплатно здравствено осигурување врз основ на договор меѓу Министерство за здравство и ФЗОМ, но здравственото осигурување е прекинато за што и колегите добијаа писмено решение на домашна адреса на 31.08.2023“, завршува Илиоска-Чешлароска.
Министерството за здравство вели дека секогаш се залага за подобрување на условите за работа на здравствените работници и соработници, кои меѓу нив спаѓаат и приватните специјализанти.
„Во изминатиот период, приватните специјализанти остварија неколку средби со министерот за здравство и со претставници од Министерството, каде што се слушнаа нивните барања и се изготви извештај, со цел изнаоѓање решение за нивниот работен статус. На последната владина седница беше донесена одлука согласно закон, веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности“, велат од Министерството.
Оттаму изјавуваат дека во 2018 година, приватните специјализанти за првпат биле препознаени во јавното здравство и платени за својата работа.
„Покрај финансискиот надоместок, тие добија можност за исплата на дежурства и здравствено осигурување. Ставот на Министерството е позитивен кон нив, со цел да им се излезе во пресрет, но решение ќе има после изборите. Овие години, се направи значителен напредок со покачување на платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и вратено е достоинството на сите здравствени работници и соработници“, завршуваат од Министерството.
Доктор Александра Георгиева, претседател на Здружението на лекари специјализанти, (ЗЛС) и приватен специјализант вели дека покачување на платите мора да има и тоа многу брзо, бидејќи станува збор за егзистенција и преживување на овие луѓе.
„Носењето одлуки зад затворени врати, за ние потоа да дознаваме во Службен весник е апсолутно погрешна политика. Треба постојано да бидат во контакт со сите здруженија на лекари, пациенти, најразлични форми на здравствени работници со цел да се носат правилни одлуки. Но мора да има и системски решенија, мора да има нови вработувања по систематизација,“ вели Георгиева.
Приватните специјализанти привремено го ставија штрајкот во мирување, но не се откажуваат од нивните барања.
Авторка: Маја Терзиова
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА