
Граѓаните и активистите од „Зелена народна стража“ алармираат дека Владата донела одлука за продолжување на рокот за изградба на мала хидроцентрала на реката Дошница на планината Кожуф.
„Додека многу држави ги отстрануваат малите хидроцентрали поради штетните последици врз природата, кај нас повторно се прават обиди да се уништи реката Дошница. По 70 дена блокади и јасен став дека никој тука не сака мали хидроцентрали, некој повторно се обидува да ја погази волјата на народот“, велат од ЗНС, децидни во ставот дека ќе организираат нови протести и блокади.
Најавите за изградба на мала хидроцентрала на реката Дошница на Кожуф и претходно предизвикаа силен отпор кај локалното население и еколошките организации.
Дошница е една од ретките реки во земјава која сè уште го има зачувано својот природен тек. Нејзината чиста вода, автохтоната пастрмка и богатата флора и фауна ја прават едно од највредните природни подрачја во Македонија. Токму затоа секој потенцијален зафат во вакви чувствителни екосистеми отвора прашања кои ги надминуваат локалните интереси и се однесуваат на начинот на кој државата ги балансира потребите за енергетски развој и заштита на природата.
За еколошките организации, оваа река не е само локален природен ресурс, туку пример за тоа зошто ваквите места треба да останат чисти, живи и недопрени, како природно богатство од кое зависат биолошката разновидност, квалитетот на водата, локалните заедници и идните генерации.
Марина Томова од здружението Changemakers4all за ПИНА вели дека локалното население и активистите не се против развојот, туку бараат сите одлуки да се темелат на научни факти и детални анализи. Според неа, изградбата на мини хидроцентрала на Дошница не смее да започне без претходно да се изработи независна научна студија која ќе ги процени сите можни влијанија врз екосистемот.
Томова нагласува дека Дошница е живеалиште на автохтона пастрмка и други чувствителни видови, поради што секоја интервенција во речниот тек може да предизвика долгорочни последици. Активистите тврдат дека во претходните документи што биле изработени за проектот имало сериозни пропусти и недоволно прецизни податоци за состојбата на реката.
Граѓанскиот отпор ја стави Дошница во фокусот
Во текот на минатата година отпорот против изградбата на хидроцентралата прерасна во едно од најмасовните еколошки собирања во последните години. Граѓани, активисти и волонтери со денови дежураа на терен за да спречат пристап на механизацијата. На протестите, се придружи и светски познатата активистка Грета Тунберг. Тогаш таа изјави дека секоја локална борба е и глобална. Блокадите траеја 83 дена, а инвеститорот во еден момент ја повлече механизацијата.
Посебно внимание привлече големиот број млади луѓе кои се приклучија на акцијата. Според Томова, на Кожуф пристигнувале луѓе од различни градови во Македонија, кои дел од летото го поминале во одбрана на реката. Таа оценува дека токму ваквите иницијативи покажуваат дека заштитата на природата станува сè поважна тема за новите генерации.

Покрај граѓанските организации, поддршка за иницијативата дадоа и 13 академици, професори и доктори на науки кои се заложија за изработка на независна научна студија. Дел од општините во регионот исто така изразија подготвеност да помогнат во финансирањето на вакви анализи.
Мали хидроцентрали – големи последици за реките
Случајот со Дошница повторно ја актуализира и пошироката дебата за изградбата на мали хидроцентрали во Македонија. Иако тие со години се претставуваат како дел од производството на обновлива енергија, еколошките организации предупредуваат дека нивната изградба во чувствителни природни подрачја остава сериозни последици врз речните екосистеми.
Ѓорѓи Митревски од Еко-свест за Пина вели дека во Македонија во моментов има околу 98 изградени и оперативни мали хидроцентрали, додека уште педесетина се во различни фази на подготовка, добивање дозволи или изградба. Според него, клучниот проблем не е само бројот на проектите, туку и начинот на кој тие се одобруваат.

Митревски посочува дека во голем број случаи наместо целосна студија за влијание врз животната средина се користи елаборат за животна средина. Разликата, како што објаснува, е значајна бидејќи студијата подразбира детални истражувања, биомониторинг и задолжителни јавни консултации, додека кај елаборатите постапката е значително поедноставена.
Токму поради тоа, вели тој, локалните жители честопати дознаваат за проектите дури кога механизацијата ќе се појави на терен. Еден од примерите што го наведува е случајот со Рибничка Река во Националниот парк Маврово. Според еколошките организации, концесиите за изградба на мали хидроцентрали во овој регион биле доделени и покрај тоа што станува збор за заштитено подрачје со исклучително природно значење.
Еко-свест со години ја следи оваа проблематика и укажува дека прашањето одамна ги надминало локалните рамки. За дел од проектите биле поднесувани претставки и до меѓународни институции, меѓу кои и Бернската конвенција при Советот на Европа. Според организацијата, препораките што доаѓаат од меѓународните тела континуирано укажуваат на потребата од поголема заштита на природните живеалишта и внимателно преиспитување на концесиите.
Што велат институциите?
Од Министерството за енергетика за Пина информираа дека согласно Годишните планови за изградба на енергетски објекти за производство и складирање електрична енергија за 2025 и 2026 година, за регионот на Дошница не се пристигнати иницијативи за нови енергетски зафати.
Во меѓувреме, од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека во моментов немаат примено нови барања, елаборати за оцена на влијанието врз животната средина, елаборати за заштита на животната средина, ниту друга документација што се однесува на нови енергетски проекти во регионот, а за кои е предвидено користење на водите од реката Дошница.
Во однос на постојните проекти, од Министерството посочуваат дека сите издадени водостопански акти, водни дозволи и другите релевантни одобренија сè уште се важечки согласно роковите утврдени во законската регулатива. Поради тоа, до Министерството не е поднесено барање за нивно продолжување, ниту во моментов постои законска потреба за таква постапка.
Оттаму додаваат дека континуирано ја следат состојбата со користењето на водните ресурси и постапуваат согласно Законот за водите и останатите прописи од областа на животната средина.
„Секој иден проект, доколку биде доставен, ќе биде предмет на детална стручна и законска оценка, при што особено внимание ќе се посвети на влијанијата врз водните екосистеми, биолошката разновидност, заштитените природни вредности и обезбедувањето на одржливо користење на природните ресурси“, велат од Министерството.
Нагласуваат дека економскиот развој и енергетските инвестиции можат да се реализираат единствено доколку се во целосна согласност со законските процедури и со највисоките стандарди за заштита на животната средина.
Потребна е транспарентност во процесот на изградба на мали хидроцентрали
Иако институциите велат дека во моментов нема нови постапки за проекти на Дошница, еколошките организации инсистираат дека случајот покажува колку е важна транспарентноста и навременото информирање на јавноста кога станува збор за зафати во природно чувствителни подрачја.
Случајот со Дошница е само последното поглавје од долгогодишната борба против изградбата на мали хидроцентрали во Македонија. Во изминатите десетина години низ земјата беа организирани десетици локални иницијативи, протести и кампањи насочени кон заштита на реките.
Во повеќе региони локалното население реагираше на планови за изградба на хидроцентрали, предупредувајќи дека пренасочувањето на водата во цевки влијае врз природните живеалишта, рибниот фонд и целиот екосистем. Дел од проектите беа стопирани или преиспитани по силен притисок од јавноста, додека други беа реализирани и покрај противењето на граѓаните.
Во меѓувреме, темата стана дел и од пошироките европски дебати за односот меѓу производството на обновлива енергија и заштитата на природата. Еколошките организации во Македонија сметаат дека енергетската транзиција не смее да се спроведува на сметка на реките и биодиверзитетот, додека институциите остануваат исправени пред предизвикот да обезбедат рамнотежа меѓу развојот на енергетскиот сектор и зачувувањето на природните ресурси.
Токму затоа случаите како Дошница, Рибничка Река и Жировничка Река продолжуваат да бидат симбол на пошироката расправа за иднината на македонските реки, улогата на институциите и учеството на граѓаните во носењето одлуки што директно влијаат врз животната средина.
Авторка: Маја Терзиова
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА




