За жителите на Моноспитово, Моноспитовското Блато никогаш не било само обична дива природа – тоа било суштината на нивната егзистенција. Кога земјоделието сè уште не било развиено и во селото немало ниту стока за работа, повеќе од осумдесет семејства живееле исклучиво од она што Блатото несебично го нудело. Секоја куќа својот покрив и таван го правела од тукашната трска и рогоз, а се хранеле од богатиот улов на риби, меѓу кои и штуката, која од Бугарија, преку реката Струмица, доаѓа тука на мрест.
„Од ова Блато егзистираа некаде околу 70-80 куќи. Тогаш куќите не беа како сега со плочи и напредни работи. Главна работа за да се направат таваните беа трската и рогозот. Ако ги немаше нив, немаше да има ниту куќи. Трската од овде се откупуваше во снопови и се носеше низ цела Македонија. Ако немаш ич пари, можеше да дојдеш овде за да извадиш некој денар и да преживееш“, раскажува 50-годишниот Јосиф Манев, роден и израснат во Моноспитово.
Низ длабоките води и скриените канали, каде секој агол си има свое име – Смрдлак, богат со сулфур, кој мириса на расипани јајца, преку Магдините оризарници, па сè до Длабокиот Вир и Пауновата црква – локалните жители се движеле со специфични дрвени пловила наречени шајки.
„Тоа не е ни чамец, не е ни кану – тоа е шајка направена од четири даски. Ова Блато кај Длабокиот вир е длабоко околу пет метри, а кога напролет ќе почнат да се топат снеговите од Беласица, водата стигнува и до девет метри. Не можеше секој да се движи овде – и денес е опасно ако не го познаваш Блатото“, вели Јосиф, кој и ден-денес ги изработува шајките во својата работилница.

Но, додека Јосиф се присетува на времињата кога неговиот дедо и татко го учеле за водите и како да ги прави шајките, неговиот сограѓанин Благој Вргов сведочи за постепената пропаст на овој екосистем.
„Блатото едно време беше големо и убаво, сè до почетокот на деведесеттите години зафаќаше површина од 2.500 хектари. Денес е сведено на едвај 400 хектари. Другото е уништено – ниту е употребливо за земјоделие, ниту остана блато“, вели тој.
Грешките на системот
Првиот голем удар врз Блатото започнал уште за време на колективизацијата, кога тогашната задруга насилно одзела и пресушувала делови од мочуриштето за земјоделско земјиште. Сепак, најголемиот парадокс, според двајцата мештани, се случува подоцна – со современите проекти кои требало да го заштитат Блатото како природна реткост. Наместо да се консултираат со луѓето кои со векови живееле со и од Блатото, експертите носат одлуки кои директно „ги сечат“ неговите природни артерии.


„До пред изработката на овие патеки на кои стоиме, ние си пловевме со нашите автохтони шајки. Целото Блато си имаше канали, внатре – чиста вода. Кога дојдоа да прават проект за заштита, наместо да ги стават патеките на страна, ги направија точно над ‘вадите’ – природните канали по кои ние пловевме. Ги затнаа сите функционални места и го упропастија Блатото. Сега никој од нас не може да отиде да го одржува како порано“, ни објаснува Благој,
Со блокирањето на каналите всушност се прекинува и неколкувековниот природен циклус на чистење на Блатото.
„Секој февруари, контролирано се палеше сувиот дел од трската за да изгори тнр. суар. Потоа, во март и април, Блатото беше чисто и рамно како тепсија и никнуваше нов, здрав рогоз. Сега го забранија тоа, а патеките го затнаа влезот, го затворија делот од каде што се ширеа сите водени крила и сега не можеме да стигнеме ни до Длабок вир“, вели Јосиф.

На ваквите, според нив, инженерски „грешки“ се надоврзува и катастрофалното загадување, од 1991 година, кога целата градска канализација од Струмица почнува да се влева директно во Блатото преку реката, претворајќи го некогашниот бисер во тиња.
„Од 1991–92 година, кога овде се вклучи реката Струмица со канализацијата, Блатото тоне од година в година. Ова веќе не личи на Блато, ова е депонија. Пред неколку години направија пречистителна станица и за 2-3 месеци реката оживеа, се врати живиот свет. Но, работеше само шест месеци и пак ја затворија. Денес, само благодарение на трската и рогозот што ги апсорбираат отровите, водата донекаде се прочистува. Ако оваа вода влезе во Бугарија вака загадена, ќе имаме меѓународен инцидент“, истакнува Благој.
И покрај децениите уништување, секојдневните палења на стрништата и фактот што селото полека се празни, бидејќи младите заминуваат за Германија, Швајцарија и Италија, оваа „дивина на Моноспитово“ сè уште покажува жилавост. Во нејзините длабочини сè уште опстојува ретката кралска папрат (Osmunda regalis), вид што го има само тука на целиот Балкан, а меѓу трските сè уште слетуваат десетици видови птици-преселници, се мрести штуката, а има и видри и диви свињи.

За Јосиф и Благој, спасот на Блатото не е во неково оковување во железо и дрво што ќе изгнијат за неколку години, туку во прочистување на речното корито, пренасочување на канализацијата и враќање на природниот тек.
„За нешто да се направи, треба да се прашаат луѓе што го познаваат ова Блато, а не да прават што ќе им ‘роди’ главата. Треба да се прочисти реката, да се направи канал и да се тргне канализацијата за водата да остане чиста. Ова е дивина и никој не може целосно да ја уништи. Дрвото ќе изгние, железото ќе рѓоса, а трската денес ќе ја запалат – утре пак ќе никне. Кога ќе дојдат големите дождови, Блатото пак ќе си остане тука до крајот“, смета Јосиф.
Општината растргната меѓу минатото и новата заштита
И покрај искуствата на локалното население од Моноспитово и Бориево со затнатите канали и неуспешните интервенции, Општина Босилово, во чија надлежност е Моноспитовското Блато, на него гледа како на еден од најважните столбови на својот идентитет и на сè уште нецелосно искористен еколошки и економски потенцијал. Градоначалникот Ристо Манчев признава дека односот на заедницата со Блатото низ историјата бил комплексен и двостран, но нагласува дека тоа останува неразделен дел од духот на овој крај.

„Моноспитовското Блато е важен дел од нашата општина и всушност е дел од идентитетот на локалното население и населените места што гравитираат овде, со посебен акцент на Моноспитово и Бориево. Во минатото, тоа претставувало извор за егзистенција преку риболовот, ловот и собирањето трска и шамак. Но, покрај бенефитите, Блатото создавало и одредени проблеми, пред сѐ од здравствена природа – било извор на заразни болести, поради што се преземале големи мерки за негово пресушување“, вели Манчев.
Денес, сепак, сликата е поинаква: Остатокот од овој екосистем се смета за уникатно природно богатство во кое засолниште наоѓаат ретки видови флора и фауна, но и бројни птици-преселници кои го користат како критична точка за одмор за време на нивните миграции.
За да се стави ред на терен и да се обезбеди одржлива иднина, Општината во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање моментално работи на Студија за оправданост за прогласување на Моноспитовското Блато за заштитено подрачје.
И Манчев укажува на еден од најголемите стравови кај локалното население – дека заштитата ќе значи целосно блокирање и забрана за користење на просторот.

„Суштината на прогласувањето на одредено подрачје за заштитено не е нешто да се забрани или да се ограничи во пристапот, туку да имаме контролирани услови, да го зачуваме тоа што е вредно и да обезбедиме нови фондови и можности за инвестиции. Сè уште сме во фаза на изработка на Студијата за оправданост каде што се евидентираат сите видови на флора и фауна и речиси сум сигурен дека Блатото ќе ги исполни стандардите“, вели тој. По донесувањето на Студијата и изработката на посебен План за управување во соработка со домашни и меѓународни експерти, Општината очекува да ја преземе одговорноста и управувачките ингеренции врз подрачјето.
„Токму тој план точно ќе предвиди што смее, а што не смее да се гради, какви води смеат да се испуштаат и како да се управува со водите. Тоа ќе ни овозможи, од една страна комплетно да ги заштитиме ретките видови, а од друга, да отвориме можности за развој на туризмот и за економски развој на околните населени места“, истакнува градоначалникот Манчев.
А општинскиот концепт предвидува Блатото да стане препознатлива атракција за алтернативен туризам. Првите чекори веќе се направени со изградбата на првичните патеки и Музејот – Центар за развој на алтернативен туризам, каде што се зачувани и изложени традиционалните автохтони пловила (шајки), како и стари орудија за лов и риболов. Новата четиригодишна програма предвидува надградување на овој концепт преку изградба на нови посматрачници за птици, уредени пешачки патеки и подобар пристап за сите домашни и странски љубители на природата.
Што се однесува до односот со земјоделците и нивите што го обиколуваат Блатото, градоначалникот истакнува дека локалното население со генерации научило да коегзистира со природните циклуси и поплавите по силните дождови. А вистинскиот проблем и закана за сите не доаѓа од животните, туку од човечкиот фактор.
„За жал, многу често од неодговорни поединци, намерно или ненамерно, Блатото се пали и самите пожари го загрозуваат и растителниот и животинскиот свет, нанесувајќи му посериозна штета и на Блатото и на околните земјоделски површини“, додава тој.
Со изработката на Студијата и обезбедувањето меѓународни извори на финансирање, како и планираната инфраструктура, локалната власт се надева дека Моноспитовското Блато Конечно ќе го добие значењето што го заслужува – како центар каде што заштитата на ретките видови и развојот на заедницата ќе најдат одржлив соживот.
Што откриваат почвите и изгубениот јаглерод?
И додека локалното население се сеќава на некогашните преполни канали, а Општината крои планови за иден развој, науката дава предупредувачка и многу посталожена слика за реалната состојба. Најновото истражување за секвестрација на органски јаглерод во почвите на Моноспитовското Блато, поддржано од Македонското еколошко друштво (МЕД) преку програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“, за првпат даде подетална слика за состојбата на јаглеродот во почвите на Блатото.
Што е секвестрација на јаглерод?
Секвестрација на јаглерод е процес на отстранување на јаглеродниот диоксид од атмосферата и негово долгорочно складирање во почвата и растителната биомаса. Блатата се особено важни во овој процес, бидејќи можат да складираат големи количества јаглерод и со тоа да придонесат кон ублажување на климатските промени. Истражувањето на Моноспитовско Блато, сепак, покажува релативно ниска моќ на секвестрација, во споредба со резултатите од дел од светските истражувања. Директната споредба треба да се земе со резерва, бидејќи повеќето од овие студии се спроведени на големи тресетишта и во различни климатски услови. Во споредба со други блата и суви екосистеми во слични биогеографски услови, Моноспитовско Блато, сепак, покажува значителен потенцијал за складирање јаглерод.

Анализата на почвените профили, добиени со земање столбови почва, открива и дел од историјата на промените низ кои поминало блатото. Во нив се видливи последиците од неговото одводнување и палење, активности поврзани со човековото влијание, кои придонеле за големи разлики во способноста на различни делови од блатото да складираат јаглерод. Истражувањето покажува дека оваа способност не зависи едноставно од влажноста, туку од сложената интеракција меѓу водниот режим и физичките, хемиските и биолошките процеси во почвата. Високата влажност и присуството на органска материја се важни предуслови, но сами по себе не гарантираат висока акумулација на јаглерод ако условите овозможуваат забрзано разградување на органската материја. Тоа покажува колку е чувствителен блатниот екосистем: нарушувањето на само еден од неговите клучни услови може да влијае врз неговата способност да складира јаглерод, а со тоа и врз другите екосистемски услуги што ги обезбедува.
Ова пионерско истражување, насочено кон јаглеродот во почвите на еден низински блатен екосистем во Македонија, поставува цврсти методолошки темели за идните екосистемски студии во земјава.
„Блатните екосистеми се специфични, бидејќи за да постигнат рамнотежа, мора да балансираат поволни почвени, хидролошки и вегетациски услови во многу потесен опсег во споредба со водните или копнените екосистеми. Моноспитовското Блато претставуваше огромен и комплексен систем, кој денес функционира како изолиран фрагмент под силен антропоген притисок. Од некогашни илјадници хектари, денес е останата блатна површина помала од 400 хектари. Доколку земеме предвид дека блатни површини од ваков тип се образуваат со илјадници години, фактот што за неполни 80 години – од мелиоративните зафати во 1950-тите до денес – е неповратно изгубена огромна површина, говори за магнитудата на негативното човеково влијание“, објаснува Марија Чобанова, асистентка на Институтот за биологија при ПМФ во Скопје и членка на МЕД.
Истражувањето го подели Блатото според градиент на влажност (на суво, транзиционо и влажно јадрово подрачје) врз основа на сателитски податоци, проследено со анализа на 29 почвени примероци (0-10 cm длабочина) и четири почвени корови до еден метар длабочина. Примероците се анализирани за органска материја и јаглерод преку Тјуринова метода, суво спалување и CNS анализатор, заедно со физичко-хемиските својства и ретенциониот капацитет за вода. Овие анализи открија неколку клучни факти: тоа брзо го губи својството на природен складирач на јаглерод – поради повеќедецениското одводнување, палење и узурпација со ниви, тресетот покажува деградација во сувите подрачја, додека во влажните зони е утврдено присуство на т.н. earthified и murshified тресет. Самата влажност не е директно пропорционална со содржината на јаглерод, а највисоки вредности на органскиот и вкупниот јаглерод се измерени во транзиционите подрачја.

„Влажноста не е единствениот фактор кој ја определува акумулацијата на јаглерод – силно влијание имаат и типот на вегетација, микроклиматските услови и физичко-хемиските својства на почвата. Сепак, она што е најважно и не толку очекувано од нашите резултати е генерално ниската содржина на јаглерод. Стапката на деградација дополнително се зголемува со промената на климата, каде што зголемувањето на температурите делува како катализатор на деградациските процеси“, вели Чобанова.
Важно е, сепак, дека ова истражување не може само по себе да покаже како Блатото се менувало низ децениите. Опфатен е кус временски период, а за да се утврдат компаративни промени, мерењата би требало да се повторуваат во иднина. Анализите главно се однесуваат на површинскиот слој на почвата, додека во однос на водниот режим е следен капацитетот на почвата да задржува вода, но не се спроведени конкретни екохидролошки мерења.
Експертите укажуваат дека деградацијата на Блатото не е само биолошка загуба, туку и загуба на неговата значајност за локалното население и културолошкиот идентитет на регионот. Додека во Монографијата од 2008 година сè уште се бележеа сведоштва за зачувани традиционални разбои, организирани трки за жнеење трска по 2 август и активна изработка на рогозини за тавани и подови, денес Блатото е особено веројатно речиси „невидливо“ за помладите генерации.
Од МЕД всушност го потврдуваат и она што ни го раскажаа Јосиф и Благој: за релативно краток период, од состојба на речиси целосна зависност на населението од Блатото преку риболов, лов и трска, денес тоа е трансформирано во изолирана површина опколена со земјоделски површини кои сè повеќе навлегуваат и го трансформираат во земјоделско земјиште, а неретко се користи и како дива депонија.
„Дури и повозрасните жители велат дека Блатото е ‘заминато’“, укажува Чобанова, посочувајќи дека со деградацијата на Блатото брзо еродира и неговата значајност за локалното население, што е огромна загуба, не само од аспект на биолошка разновидност, туку и за културолошкиот идентитет на регионот. Ако во минатото луѓето биле во контакт со Блатото и се движеле низ него, сега го заобиколуваат или го користат како депонија за отпад.
Зошто стагнира ревитализацијата?
Според Чобанова, Моноспитовското Блато континуирано се деградира, а не се ревитализира. Во минатото во Блатото биле реализирани проекти за поставување инфраструктура – мрежа од пешачки патеки и набљудувачници за птици – со цел зголемување на туристичкиот потенцијал на регионот и доближување на Блатото до луѓето. Ваквите активности се вклопувале во развојната стратегија за регионот и можеле да придонесат кон туристичката понуда. За жал, не била предвидена одржливост на активностите, па инфраструктурата не била одржувана и претставувала ризик за безбедноста на луѓето. Поради пожар, мостот над Главниот канал беше запален, правејќи ја инфраструктурата недостапна, обрасната и заборавена.
Но, сликата за институционалната вклученост не е едноставно негативна. Чобанова вели дека досега немало отпор од институциите, туку кооперативност во активностите поврзани со заштитата на Блатото. Проблемот, според неа, е што не се гледа доволно голема иницијативност, конзистентност и приоретизација. Во проектите за Блатото, особено оние финансирани од ЕУ, континуирано учествувале различни институции, но процесите на валоризација и правна заштита зависат и од обезбедувањето финансиски средства.

Позитивен чекор е иницијативата на Министерството за животна средина и просторно планирање за изработка на нова студија за валоризација на Моноспитовско Блато, финансирана од Шведската агенција за животна средина и која во моментот се изработува. Во процесот се вклучени и локалните чинители кои во иднина би требало да управуваат со потенцијалното заштитено подрачје. Чобанова, сепак, предупредува дека ваквите процеси се долги и бараат компромиси не само во однос на природните вредности, туку и на социо-економските аспекти.
За Блатото да има реална иднина, потребни се дополнителни истражувања, физибилити студија со конкретни инженерски решенија, креирање сценарија и развој на финансиски механизми. Ажурираната студија за валоризација треба да даде слика за моменталната состојба врз која би се темелеле идните документи за управување, мерките за заштита и предлозите за реставрација. Првиот чекор кон заштитата и реставрацијата, според Чобанова, е прогласување на Блатото за заштитено подрачје со јасни зони и граници.

Значењето на ваквите истражувања оди и подалеку од самото Блато. Влажните екосистеми во овој дел од Европа се мали остатоци со големо значење за биолошката разновидност, а нивната улога во ублажувањето на климатските промени и справувањето со нивните ефекти сè повеќе се истакнува. Според Чобанова, истражувањата на односот меѓу влажните екосистеми и климатските промени треба да бидат континуирани и долгорочни. За прецизни податоци за секвестрацијата се потребни дополнителни мерења и софистицирана теренска и лабораториска опрема, со која, како што посочува, не располагаат ниту Македонија ниту регионот.
„Иако се важни иницијативноста и вклученоста на институциите, веројатно најважна е нивната подготвеност да бидат активни, упорни и истрајни во овие процеси“, објаснува Марија Чобанова.
Правен лавиринт
Повеќедецениското сушење, фрагментацијата и интензивното претворање на мочуришните површини во земјоделско земјиште го доведоа Моноспитовското Блато во вистински правен и институционален лавиринт. Иако Блатото претставува едно од најзначајните влажни живеалишта во Македонија со исклучителна природна вредност, неговата состојба на терен останува исклучително ранлива, а неговиот правен статус веќе со децении не е усогласен со современите закони.

Блатото, првично, беше прогласено за Споменик на природата уште во далечната 1987 година, со одлука на тогашниот Совет на Општина Струмица. Меѓутоа, со донесувањето на Законот за заштита на природата во 2004 година, воведени се сосема нови, современи критериуми за прогласување и управување со заштитените подрачја. За еден ваков екосистем да има целосна законска заштита, Законот налага три клучни чекори: изработка на нова Студија за валоризација, изработка на План за управување и донесување на нов државен акт за заштита.
Поради оваа дискрепанца, постојниот статус на Моноспитовското Блато не е целосно усогласен со важечката законска рамка. Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) потврдуваат дека е започната официјална постапка за негово повторно прогласување согласно современите стандарди за заштита на природата.
Во моментов, со финансиска поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA), во тек е изработката на новата Студија за валоризација на природните вредности на Блатото. Во нејзината подготовка се вклучени домашни и меѓународни експерти кои спроведуваат детални теренски истражувања и научни анализи за да ги утврдат природните вредности, степенот на зачуваност и најсоодветната категорија на заштита. Процесот за повторна заштита на Моноспитовското Блато, според предвидената динамика на МЖСПП, ќе се одвива фазно: прво со целосно финализирање на Студијата за валоризација во текот на 2027 година, по што веднаш ќе отпочне собраниската процедура за донесување нов закон за прогласување заштитено подрачје, со крајна цел воспоставување планско управување кое ќе обезбеди трајна заштита на биодиверзитетот и одржливо користење на просторот за локалното население.
Научена лекција
Прашањето за брзината на овие процеси оправдано ги загрижува еколозите, научниците и локалните жители, особено кога ќе се направи споредба со судбината на другите блатни екосистеми во земјава, како што е Студенчишкото Блато во Охрид.
Од Министерството за животна средина велат дека континуирано се работи и на обезбедување трајна законска заштита за Студенчишкото Блато. Таму уште во 2021 година беше започната постапката за донесување Закон за негово прогласување за заштитено подрачје во категоријата Парк на природата (Категорија IV), а паралелно беше донесено и Решение за привремена заштита со цел да се спречи дополнително деградирање додека трае администрацијата. Во септември 2022 година, Владата го утврди Предлог-законот за Студенчишко Блато и го достави до Собранието, но истиот подоцна беше вратен на дополнително разгледување во МЖСПП. Во моментов, овој предлог-закон сè уште се наоѓа во фаза на владино и меѓуинституционално усоглашување пред повторно да биде испратен пред пратениците.
Оваа паралела покажува дека патот од теренските истражувања до конечен закон за заштита е долг, сложен и често закочен во административни лавиринти. За Моноспитовското Блато, финализирањето на студијата во 2027 година ќе биде само првиот чекор. Вистинскиот испит за државата и институциите ќе биде нивната подготвеност веднаш по 2027 година да обезбедат брза законска заштита и функционален план за управување – пред овој уникатен екосистем целосно да исчезне под притисокот на неконтролираните пожари, канализациските отпадни води и земјоделската експанзија.
Погледнете го целото видео:
Авторка: Соња Трајковска
*Содржината на оваа истражувачка сторија е исклучителна одговорност на авторот и не мора нужно да ги одразува ставовите на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.
Оваа сторија e изработена со поддршка на Earth Journalism Network.






