Жените жртви на семејно насилство треба да се охрабрат да ја спроведат правдата до крај. Тие најчесто се неодлучни, односно при првото ветување на сторителот дека делото нема да се повтори, ги повлекуваат своите изјави, не сакаат заштита и за жал многу од случаите завршуваат трагично. Бесплатната правна помош пак е од голема важност за да ја добијат својата правда.
Ова е заклучокот на конференцијата „Како до подобар пристап до правда за маргинализираните заедници“ во организација на Коалиција Маргини и фондацијата „Квина тил квина“.
Проектната координаторка на „Женски форум Тетово“, Слаѓана Јосифовска која посочи дека специфичниот фокус на нивната работа се жените жртви на семејно насилство, жените од руралните средини и жените од ромските населби, вели дека е многу важно тоа што нивните услуги се бесплатни.
Според Јосифовска, тоа е важно бидејќи многу од жртвите поинаку не би можеле да го зацртаат својот пат кон остварувањето правда.
„Од ситуацијата на терен посетивме десет села во околината на Тетово и приградски населби населени со ромско население. Во однос на ромските средини, тука треба да се почне со посебни чекори, со информации за насилство, видови и препознавање на истото. Во дел од албанските рурални средини констатиравме дека сме на добро ниво, затоа што таму имаме константно барање на бесплатна правна помош“, рече таа.
Јосифоска вели дека жените знаат што е насилство, но дека постои страв и срам кои што жените ги попречуваат да побараат услуга. Многу од нив, вели дека се оптеретени со осудата од околината.
„Една жена ни кажа ‘И мајка ми трпела, ама била со бел образ’ што значи дека на жената и било важно да остане чиста во средината во која живее. Друга жена пак вели ‘Навреди и понижувања се трпат, ако бидам истепана тогаш ќе пријавам’. Тие се целосно економски зависни што ги попречува да побараат помош. Често не можат ни да стигнат ни до градот без финансиски средства“, објаснува Јосифовска.
„’Mорам да бидам многу внимателна, ги пуштам нозете до каде што ми е чергата’, вели друга жена која не се осудува да пријави проблем , зашто знае дека не може тоа да го издржи тоа поради финансиски стеги“, завршува Јосифовска.
Во источниот дел на земјата пак, според Благица Киров, правна советничка во „ЕХО“, Министерството за правда не обезбедува правна помош, и како што вели, ја префрлуваат топката кон центрите за социјална работа.
„Во центрите за социјална работа, правниците немаат правосуден испит и нашите жртви се ставаат под знак прашање за квалитетот на правната помош кои ја добиваат. Тие најчесто можат да си ја работат примарната своја функција од социјална заштита но им треба и други вештини и капацитети кои им се потребни на лицата кои преживеале одреден тип на насилство“, потенцира Киров.
Адвокатката во организацијата „КХАМ“ од Делчево, Софија Спасевска посочи дека за првпат во нивниот град е отворена канцеларија каде луѓето можат да се обратат и да побараат бесплатна правна помош.
Спасевска појаснува дека во канцеларијата каде се нуди и психосоцијална поддршка, помош барале и луѓе од останатите градови како Виница, Пехчево и Берово.
„Барателите на помош не се толку сигурни дека може слободно да разговараат, кај нас уште имаме предрасуди дека ако се оди на психолог се мисли дека има некој недостаток таа личност и повеќе фокусот се става на правната помош. Немаме вратено клиент до сега, секој човек е услужен, на секого му посветуваме внимание. Најчесто лицата не пријавуваат насилство зошто сметаат дека ќе бидат исмејани. Делчево е мал град, луѓето се познаваат, сметаат дека ќе бидат озборувани од средината и се срамат да кажат каков проблем имаат“, децидна е таа.
Луѓето кои што не живеат во Скопје, според Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини, имаат потешкотии да пристапат до вакви сервиси поради финансиски причини.
Таа посочува дека нивните клиенти кои бараат правна помош брзо се откажуваат, а најчести причини се стресот, анксиозноста и депресијата.
„Верувале дека правдата ќе дојде брзо, тоа не се случува и тие се откажуваат и ја губат довербата во институциите. Со нашата програма овозможивме бесплатна правна и психосоцијална помош во три региони во Македонија, полошки, источен и вардарски регион“, објаснува таа.
Програмската координаторка во Фондацијата „Отворено општество“ Христина Василевска на конференцијата апелираше до Министерството за правда и Министерството за финансии за поголем буџет при распределба на средства на здруженијата.
„Во 2020 година, одговорот на Министерството за правда беше дека поради пандемијата со Ковид-19 средствата се распределени за други ‘поважни’ работи наместо за буџет за организациите кои се борат за правата на маргинализираните заедници. Но мора да се потенцира дека за време на пандемијата луѓето имаа и зголемени правни проблеми за кои што се обраќаа за правна помош“, појаснува таа.
Со предвидените 200.000 денари, како што вели таа, може да се покријат само дел од платите на ангажираните правници.
„Тој буџет не се менува иако беше најавено дека ќе се зголеми. Се надеваме дека министерствата ќе ги препознаат напорите на здруженијата и верувам дека ќе се зголеми буџетот за примарна правна помош“, завршува Василевска.
Наташа Станоевиќ од Министерство за труд и социјална политика пак, посочи дека е потребна поголема кампања од центрите за социјална работа, како и да постојат повеќе денови кога претставници од организациите ќе нудат бесплатна правна помош.
„Бесплатната правна помош е потребна и за жените кои што се сместени во шелтер центрите, тие добиваат сместување од три до шест месеци и им се потребни правници. Апелираме да има едукација на стручни лица за да се грижат за лицата да не се чувствуваат отфрлени. Потребно е знаење и вештини за да се работи со овие лица, за да не дојдеме во ситуација да ги изгубиме и да сметаат дека не ја добиле соодветната помош и поддршка од страна на стручните лица“, децидна е Станоевиќ.
Авторка: Маја Терзиова